Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Зрзеска меморија 2010-та (07.01.2011)

Во духот на минатогодишното меморирање на настаните, кои за нас, неговите жители, ги обележаа зрзеските време и место, за да ја споделам со вас, и во првите денови на 2011-та ја испишувам зрзеската меморија 2010-та

 

Новиот дом

Во раната пролет, врз сè уште неистопениот мартовски снег, се поставија темелите на епископскиот конак. Требаше да поминат девет месеци интензивна градба, овој проект, финансиски поддржан од Министерството за култура, да ја доживее својата завршница, и тоа токму на денот кога падна првиот декемврски снег.

Дотогаш, креативната тишина карактеристична за Зрзе мораше да и отстапи место на секојдневната исцрпувачка врева, настаната од делкањето на камењата, местењето на скелињата и ѕидањето, за повторно да се врати кога градењето на конакот заврши. Преку заложбата на проектантите, градителите и посветеноста на отците Никодим и Калиник, задолжени да ја надгледуваат работата на неимарите, по речиси една година, новиот дом блесна со сјајот препознатлив за македонската манастирска архитектура.

 

Икони и книги

Сепак, и во такви вонредни услови, не запреа редовните богослужби и монашки послушанија, меѓу кои преведувањето, иконописот и, секако, читањето во ќелијата. На блогот на еден молдавски монах имав можност да прочитам: „Е, колку е убаво што си, колку е чудесно што сум...“. Така пишуваше префинетиот поет, покојниот Никита Станеску. Мислам дека ова е една од најубавите и најдлабоки изјави на љубов. Во неа, со божествена дискретност, присуствува Самиот Бог, изворот на бескрајната чудесност. „Колку е чудесно што сум, колку е чудесно што си... Колку е убаво што сме!“ Овие мисли на отецот Саватиј Баштовој посакав да ги споделам со нашите пријатели.

 

Потребата за споделување на прочитаното, и за негово разговорливо и радосно коментирање, во братството е речиси неизоставно парче од секојдневието. И токму на тој начин, споделувајќи ги самостојно прочитаните записи во заедницата, за секој од нас се зголемуваат новите сознанија. А оние мудри провокативни мисли, се разбира, сакаме да ги споделиме и пошироко. Токму таков беше случајот и со книгата „Помеѓу Фројд и Христос“, од јеромонахот Саватиј Баштовој. Разговарајќи за ова дело, сфативме дека би било полезно пошироката македонска јавност да го има при рака, да може да се запознае со современата православна теолошка мисла. Отецот Јов, кој го познава романскиот јазик, ја преведе книгата на македонски и, благодарение на издавачката куќа „Пунктум“, таа веќе е издадена.


Зрзеската иконописна работилница раководена од отецот Тихон, со несмален интензитет продолжи со својата работа и во годината што измина. Во чест на јубилејот, илјада и сто години од упокојувањето на свети Наум Охридски, испорача икони со изобразениот лик на светителот, кои од страна на домаќинот на Втората светска верска конференција во Охрид им беа подарени на гостите-учесници.

 

Изворот Бојаник

Изворот на вода во Зрзе е извор на живот, цивилизација и култура. Иако според некои авторитети од лингвистиката топонимот Зрзе е изведен од поимот созерцание, теза вредна за сериозна анализа, сепак предноста им ја давам на оние што го нагласуваат ономатопејскиот корен на глаголот зрзорење или жуборење на водата и од таму го вадат топонимот Зрзе.

Пред да надојдат есенските поплави, водите од западната страна на манастирот се акумулираа и истовремено се регулираше дел од коритото на манастирскиот извор Бојаник. Енергијата од природните водни ресурси со кои е богат зрзескиот микрорегион треба да се ползува за добробит на сите негови жители. Се надевам дека ќе дојде тој ден и за нас кога енергијата од водата на Бојаник ќе биде правилно искористена. Би спомнал и за пријателскиот подарок на честити добротвори, благодарение на кои се возобнови и старо-новата локација на манастирската чешма, која поради вградениот бигор, травертин, мермер и керамика од народот веќе го доби името Шарена чешма.

Верен слуга

Годинава што измина беше последна за остарениот манастирски пес Бигор, кој беше верен слуга во манастирот цели десет години. Отецот Филип за него напиша расказ, кој се надевам и посакувам заедно со другите „Зрнца од синап“ што поскоро да ја види светлината на денот. Во расказот, меѓу другото, тој вели: „Смртта доаѓа како муграта. Кога таа ќе пристигне, човек станува свесен дека некој или нешто го исполнило своето време. И од тој исполнет миг извираат спомени исто како што извираат спомените за преспаната ноќ, кога очите ќе ја видат светлината на новиот ден“.

Мост на духот

Вредно за паметење е и следново. При крајот на ноември, Интерфакс пренесе дека со указ на владата на Руската Федерација од 11.11.2010, со бројот 1.948, гробот на игуменија Ирина Козицкаја, кој се наоѓа во манастирот Зрзе, се прогласува за споменик од историско–меморијално значење за руската нација. Со овој акт, личноста на матушка Ирина (на која отецот Никола и го посвети својот труд „Света Русија – записи од Македонија“) уште еднаш се потврди како мост на духот меѓу едноверните браќа на рускиот и македонскиот народ.

 

Обновен полет

Настан што посебно би го одвоил од сите оние што ја обележаа годината што одмина е одговорот на повикот Божји на двајцата наши помлади браќа, кои пловејќи по разбрануваното море на животот, своето пристаниште го препознаа во зрзескиот манастир. Од ова место тие го фрлија сидрото на третото небо. Им посакувам добар почеток со светогорскиот поздрав „добро трпение“ и им благодарам за обновениот полет и динамизам во меѓуличносните односи во монашката заедница.

Цветно место

Манастирот „Зрзе“ многумина го препознаваат како свој дом. За нас, црнорисците, тој е единствен, но за многумина искрени вљубеници на овој простор тој со благословот да вдомува станува пасхална икона на она што следува по преминот од смрт кон живот. Оваа релација е заемна, оти и Зрзе има своја меморија и памети кој како му пристапил па, уште одовде, секому му дава според неговиот влог. „Затоа, ако му допуштиме да зрзори, ќе нè напои со вода жива од која никогаш не се ожеднува“. Ова свое сознание, тивко и со големо достоинство како за последно, седум дена пред да премине, ми го исповеда мојата незаборавна пријателка, која на денот на соборот на светите Архангели застана пред лицето на Живиот Бог. Со радосотворна тага последниве денови од оваа 2010 година се молам нејзината личност да биде населена во место цветно, како што и беше името, во место светло какво што и беше срцето, во место на одмор, од каде што што избегаа секој печал, жал и воздишка.

 

 

Автор: Владика Климент

 

    

 

           

 

                                              

     

 

 

Објавено во Нова Македонија“, 04.01.2011