Божикна честитка (07.01.2011)
БОЖИЌ 2011 година
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
ДРАГИ ДЕЧИЊА И МЛАДИНЦИ !
Со најдлабоки архипастирски братољубиви чувства на Божиќна и новогодишна радост Ви ги упатуваме нашите честитки поздравувајќи Ве со древниот рождественски поздрав :
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
НЕКА ОД РОДЕНИОТ БОГОМЛАДЕНЕЦ НИ БИДЕ
БЛАГОСЛОВЕНО, СРЕЌНО, МИРНО И
БЕРИЌЕТНО НОВОТО 2011-то ЛЕТО ГОСПОДОВО !
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА ХРИСТИЈАНИ,
Деновиве, нашите христијански души и срца се исполнуваат со Божиќните и новогодишни радости, Вечниот Бог се роди како човек, не престанувајќи да биде Бог. Господ, од преголема љубов, посака да се соедини со човекот за да го обожи како круна на Неговите творби.
Божиќ е голем христијански - најголем семеен празник, извор на сите празници во Црквата Христова. Нашето историско христијанско живеење започнува со Христовото раѓање во градот Витлеем. Господ се Благоовоплоти преку девствената утроба на Пресветата Богородица, а стана и човек - заради нас луѓето и заради нашето спасение.
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
Спасителот ни порачува: Радувајте се зашто е голема Вашата награда. Божјата Правда и вистина мора да восторжествуваат. Доброто мора да победи над злото зашто македонскиот христијански дух и непокор се силни и нескршливи.
Како чеда на нашата Света Црква создадени сме од Бога да твориме, да создаваме трајни дела и знаменитости, насекаде каде што нè има. Зашто на секој, што по Божјо провидение се родил, на од Бога благословеното тло од библиска Македонија, посетена и осветена од Светите Христови апостоли, е голема привилегија.
Наш освештен долг е посветено и предано да се вградуваме во неа на добри дела за нејзиниот процут и добробитот на својот народ. На крајот кога ќе се исполни времето, достојно да заминеш од овоземната на Небесната Света Црква е голема доблест. Затоа, да Го славиме Бога и заедно со ангелите громогласно да пееме „Свет, Свет, Свет Господ Саваот, полни се небото и земјата со Твојата слава”.
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
Да Му благодариме на Бога што нѐ умудри и нѐ вдахнови, слушајќи го гласот на нашиот верен народ и на авангардното македонско свештенство, да ја обновиме автокефалноста на древната и славна Охридска Архиепископија – олицетворена во денешната наша Светоклиментова Македонска Православна Црква. Се остварија двовековните стремежи на голем број духовници и преродбеници во 1967 година. Во овој период на целосно црковно-духовно живеење и творење, бериќетните плодови се импресивни и во Татковината и во дијаспората. Затоа си земам за право да порачам македонските верни синови и ќерки да се однесуваат достојно и со почит кон нејзината активна и спасоносна улога што ја врши и тука и насекаде во светот со цел да се заштити честа, достоинството и гордоста на нашиот македонски народ.
Навистина со чиста совест можам да речам дека нашата Света Црква од обновата досега, без оглед и на сите искушенија низ кои сѐ уште минува, доживеа вистинска ренесанса – преродба. Ги обновивме древните цркви и манастири. Градиме нови и не раскрчмуваме црковни имоти. Црквата наша Света со своето родољубие претставува столб и тврдина – неразрушлива карпа за сочувување на сѐ што е светомакедонско. Таа е најсилниот обединувачки бедем на македонскиот народ, во Татковината и насекаде по сите меридијани. Преку изградбата на голем број импозантни цркви, манастири и културно-просветни центри. Затоа таа заслужува и со право очекува да биде респектирана за многубројните доброчинства што ги прави за целосен просперитет на Татковината и животно преуспевање на сите нејзини сеоддајни синови и ќерки.
Со право и со гордост почесто нагласуваме дека Македонија е библиска земја, а нашата Света Црква има апостолско преемство – бидејќи евангелското семе на неа го посеа Свети Апостол Павле. Овој возвишен дар и милост ни се дарувани од Бога. Потврдата ја наоѓаме во Библијата каде во Апостолските дела е запишано: „Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: премини во Македонија и помогни”! “По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нѐ повикал таму да го проповедаме Евангелието” (Дела на светите апостоли гл. 16, 9 и 10 стих).
Македонскиот народ во своето многустолетно опстојување минувал низ многу потешки премрежија. Со Божја помош ги совладала. И ова искушение, ќе го совлада.
На светот му имаме подарено огромни епохални дела. Македонија во својот многустолетен опстој раѓала големи умови, мудри и силни синови и ќерки. Македонските мајки ќе продолжат и понатаму да раѓаат доблесни рожби. Да се трудиме да им бидеме верни на нашите претшественици кои, кога требало, еднаш херојски умирале за Македонија, за вечно да живеат. Да внимаваме како се однесуваме кон македонските светости и вредности, зашто неверствата и предавствата, народот наш, никогаш не ги заборавал, ами жестоко ги казнувал. Да се престане со меѓусебната омраза. Довербата кај народот мора да се поврати, со цел да се сочуваат нашите тешко спечалени вредности. Секирата на меѓусебните делби длабоко да се закопа, та не само да рѓоса, ами целосно да изгине. Да градиме клима на пријателско и меѓучовечко национално почитување. Единството е наша најсилна гаранција за вековит опстој. Само така ќе ја отклониме темнината која ни ја наметнаа мрачните сили, за да нѐ грее Божјата светлина.
Проникнати со искрено и чесно македонољубие и со висока свест на крајна одговорност, мајката Света Црква нѐ повикува во Новото Лето Господово, торжествено и во целосен мир и благосостојба да се радуваме на празниците и да растеме само во доброто.
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
Божик е празник на Божјиот мир и дар за преголема Божествена љубов кон нас неговите чеда. На Божик се раѓа љубовта неизмерна и незгаслива помеѓу Бога и човекот. Започнува новата историска ера за човештвото во светот. Со денешниот евангелски настан Невидливиот Бог станува видлив како Младенец сместен во Витлеемската пештера.
На Божик, Бог нѐ повикува „да влеземе во Неговата слава“ и заедно со ангелите да Го славословиме и да Му пееме: „Нека Му е вечна слава во висините на Бога, на земјата мир и меѓу сите луѓе добра волја!“.
Дај Боже, дај Боже, да бидеме исполнети со рождественска Христова љубов кон сите луѓе и секогаш озарени и следени од благодатта на Светиот животворен Дух. АМИН!
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
Нека ни биде честита и бериќетна Новата Година !
А М И Н !
Неговото Високопреосвештенство
Митрополит Полошко-Кумановски
Господин Кирил