Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богојавление во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово (20.01.2011)

На ден 19.01.2011 година, во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово, по повод Богојавленските празници, традиционално како и секоја година нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво отслужи Света Архиерејска Литургија.

Активно учество на  свечената Литургија зеде и женскоит младински хор Менада од Тетово раководени од диригенската палка на маестро д-р Ивица Зориќ.

Во својата беседа пред многубројните верници Митрополитот г. Кирил го образложи значението на празникот Водици, кога при крштевањето на Господ Исус Христос се открива тајната на Света Троица во реката Јордан и на севкупниот човечки род. Во понатамошното свое излагање Митрополитот  г. Кирил на верниците им упати искрени архипастирски благопожелби за мирно благословено 2011 лето Господово; им посака здравје, среќа и бериќет во нивните домови, родниот им град Тетово, во нашава Република Македонија и на сите православни христијани во светот.

На свечената Литургија присуствуваа и функционери од државниот врв меѓу кои беа и државниот секратар од министерството за правда г-ѓа Биљана Бришкоска Бошкоска, директорот на државен инспекторат за труд г-дин Горан Јованоски и др.

Потоа нашиот надлежен архиереј Митрополитот г. Кирил изврши Голем Водосвет во преполниот од верници двор на соборната црква и го фрли крстот во осветените води од базенот, а по светиот крст скокнаа Сашо Спасеноски, Звонко Панчев и Александар Настоски, најсреќниот од нив Александар Настоски го фати светиот крст  и Митрополитот Господин Кирил му подари златен крст со ланче и телевизор.

Потоа верниците понесоа од осветената вода во своите домови за здравје и бериќет на нивните семејства.

 

       

 

      

 

      

 

 

 

Подготвил: Диме Змејкоски