Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Св. Атанасиј во Тетовско (31.01.2011)

Празникот на Свети Атанасиј се празнуваше во повеќе цркви и манастири во Тетовското Архиерејско намесништво посветени во чест на Свети Атанасиј Архиепископ Александриски  меѓу кои во тетовските села: Седларце, Брвеница како и на манастирскиот комплекс Св. Атанасиј - Балтепе на Тетовското Кале.

Со присуството на нашиот Надлежен Епархиски Архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил беа збогатени чествувањата најпрво во с. Долно Седларце каде беше срдечно пречекан според народните обичаи со погача принесена од младите седларчанки Смилјаноска Ивона, Милошеска Тамара и Ванеска Симона. Потоа Митрополитот г. Кирил ги благослови и пресече колачите принесени од кумовите: Бошко Стојаноски, Борче Ристоски, Раско Смилјаноски, Младен Смилјаноски, Митко Крстески, Благоја Петрушески и Благоја Милошески при што во новото Лето Господово им посака добро здравје и бериќет на нив, нивните семејства, на жителите од ова населено место како и на сите православни верници пошироко.

 

 

         

 

          

 

 

 

 

Потоа Митрополитот г. Кирил по повод патрониот празник ги удостои верниците и ги  збогати чествувањата во населеното место Брвеница, каде во дворот на црквата на Свети Атанасиј на многубројните верници им го честита патрониот празник на овој голем наш Светител.

„Од неговото житие знаеме дека живеел при крајот на третиот век од слегувањето на Бога од небото на земјата за да го спаси човечкиот род, и во 373 година се исполнило времето и Господ го повикал да се пресели во небесната Црква за да биде според неговите заслуги овенчан со ореолот на вечната слава и во знак на благодарност како творец на символот на верата, темелникот на убавината и чистотата на нашата вера која и ден денес ние ја исповедаме, символот на верата прифатен на Првиот Вселенски собор во 325-та година. Спасителот Господ Исус Христос ни порачува: Мир ви давам, мир ви оставам, да се сакате едни со други а со тоа ќе ве препознаат дека сте мои ученици. Добро воспитана младина, примерни рожби и чеда на Македонија, тие се гаранција дека ќе опстоиме како суверена македонска држава и како македонски народ и како црква сѝ додека векот векува и светот светува - во тоа име ви го честитам патрониот празник и да ве следи Божјиот благослов со одлично здравје мир и благосостојба“, рече во своето обраќање Митрополитот г. Кирил.

Веднаш потоа, Митрополитот Господин Кирил ги благослови и пресече кумските колачи  принесени за здравје и Божји благослов на нивните семејства од кумовите: Виктор Стојкоски, Перо Маџоски, Орце Смилески, Дарко Мисајлоски, Димче Јанкулоски, Сашо Савески, Витомир Симјаноски, Стојна Стефаноска, Славјанка Костадиноска, Горан Столески и единаесетиот колач принесен од црковниот одбор при црквата на Свети Атанасиј од Брвеница.

Потоа беше приредена братска и сестринска трпеза на љубовта, а празнувањата продолжија до доцните вечерни часови со богата културно уметничка програма во кругот на црквата.

 

 

 

             

 

              

 

 

Традиционално како и секоја година така оваа по повод празникот на Свети Атанасиј, нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополитот г. Кирил го посети и Тетовското Кале, и беше пречекан од голем број верници, поклоненици на Свети Атанасиј Архиепископ Александријски во истоимената црква на Балтепе, каде пред верниците во својата беседа го образложи значението на овој голем светоден, како и за големите дела на Таткото на православието и столбот на црквата - Светиот Атанасиј.

Потоа Митрополитот г. Кирил го благослови и пресече кумскиот колач принесен од годинешните кумови: Славчо Милески, Мирче Арсоски, Драган Давидоски, Влатко Бундоски, Мирослав Бундоски, Владан Димитриески, Слободанка Милеска, Тони Билбилоски, Душко Билбилоски, Дарко Спироски, Душко Димитриески, Велибор Јакимоски, Дејан Јакимоски, Нинослав Милески и Јовица Трпески, по што им посака на нив и нивните семејства мир, добро здравје и Божји благослов во нивните домови и на целиот православен христијански народ.

 

 

 

              

 

              

 

 

 

Подготвил: Диме Змејкоски