Соопштение (17-02-2011)
ДО СРЕДСТВАТА ЗА ИНФОРМИРАЊЕ
С О О П Ш Т Е Н И Е
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата редовна седница одржана на 17 февруари 2011 г. во просториите на Македонската архиепископија во Скопје, разгледа повеќе актуелни прашања од животот на Црквата, при што особено внимание се посвети на најновите немили случувања на скопското Кале.
Синодот на Македонската православна црква ги осудува сите видови на насилство и обидите за разгорување на национална и верска нетрпеливост и омраза.
Апелираме до сите граѓани на нашата земја, без разлика на нивната национална, верска или друга припадност, да не се вклучуваат во било какви понатамошни насилни активности кои се поврзани со реконструкцијата на овој или слични други објекти на Калето, кои имаат општоцивилизациско и културно-историско значење.
Имено, ова го темелиме врз ставот дека не станува збор за изградба на православен храм, туку за објект-музеј кој се обновува на темелите на откриена средновековна црква, во која, понатаму, би биле сместени пронајдените артефакти од археолошките истражувања на просторот на скопското Кале. Дека не станува збор за изградба на црква, потврдува и фактот што ниту надлежниот епархиски архиереј, ниту било кој од свештенослужителите на Скопската епархија не извршиле никаков црковен чин, согласно канонските и останатите правила на Православната црква, што редовно се практикува при поставување на камен-темелник на верски објект.
Синодот уште еднаш повикува на мир и разбирање и дијалог како начин за решавање на сите проблеми и отворени прашања по мирен и цивилизиран начин како што доликува на држава која стреми кон општества во кои се почитуваат законите и институциите.
КАНЦЕЛАРИЈА НА САС НА МПЦ