Архиерејска Божествена Литургија во Кратово (25.02.2011)
На 24. 02. 2011 год. во единствениот храм во Р. Македонија посветен во чест на св. Ѓорѓи Кратовски, надлежниот Архиереј Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил отслужи Божествена Архиерејска Литургија во сослужение на кратовскиот, кумановскиот и кривопаланечкиот намесник како и на поголем број на свештеници од Епархијата. На Светата Литургија зеде учество и пееше хорот при црквата на Пресвета Богородица од Пробиштип заедно со нивниот свештеник. Пред кратовските благочестиви христијани Митрополитот г. Кирил беседеше за светиот маченик и за неговото житие. Роден во 1497 година од мајка Сара и татко Димитриј св. Ѓорѓи се покажал како добар златар и верен во Бога. Тогашните Турци сакале да го потурчат но не успеале во тоа, па затоа во 1515 година во Софија бил спален на клада и маченички пострадал за православната вера во својата 18-годишна возраст. Благодарение на возобнувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква македонскиот народ доживува ренесанса со што Македонците по целиот свет градат цркви и манастири, па така веќе неколку светилишта се изградени токму во чест на свети Ѓорѓи Кратовски. Посебно Митрополитот нагласи дека за една недела е Прочка каде младите од постарите бараат прошка, но мораат и политичарите да си подадат рака и да работат пред сѐ во интерес на државата и македонскиот народ. По отслужената Литургија на градскиот плоштад во Кратово се одржа централна прослава на која градоначалникот г. Мите Андоновски им се обрати на присутните, а потоа Митрополитот г. Кирил. По обраќањето Митрополит г. Кирил изврши Водосвет и ги прекрши славските колачи. Инаку, пред неколку години Советот на Општина Кратово донесе одлука и овој ден е прогласен како неработен ден.
известува: о. Жико Тодоровски