20 години јубилеј на Црковната општина „Свети Ѓорѓи Кратовски“ во Хамбург (27.02.2011)
Црковна делегација предводена од Архиепископот Охриски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот на Европската епархија г. Пимен и Митрополитот Брегалнички г. Иларион беше во дводневна посета на Хамбург, Германија.
Пред собраните верници кои дојдоа од сите страни на Германија, се одржа Света Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Архиепископот г.г. Стефан заедно со епархискиот архиереј г. Пимен и Брегалничкиот Митрополит г. Иларион. Од сите цркви од Европската епархија беа дојдени свештеници и претставници на црковните одбори.
„Дваесет години, можеби, се мал период во историјата, но за Македонците доселени во овој град и крај на оваа земја се, пред сè, време – светлосна мугра во македонското духовно будење и време – темелник врз кој се потпира македонското црковно организирање“, порача Архиепископот Стефан во словото изречено на прославата од 20-годишното постоење на МПЦО „Свети Ѓорѓи Кратовски“.
„Негувајте и градете единство меѓу вас и со родот наш македонски и овде во Германија и по сиот свет“, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан. Најпотребно од сѐ ни е единство меѓу нашиот народ, зашто сме исправени пред големи искушенија, да го одбраниме историското име, да ја зачуваме нацијата и сите духовно национални придобивки и вредности.“
На Архиерејската Литургија и на празнувањето на јубилејот присуствуваше и амабасадорот на Р.М. во Германија Корнелија Утевска како и почесниот македонски конзул во Хамбург Ханс Јуерген Боеш.
Известува: Јулијана Тануровска