Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Преждеосвештена Литургија во Куманово (09.03.2011)

На 09.03.2011 година, во првата среда од Великиот пост, на празникот на првото и второто наоѓање на главата на свети Јован Крстител, во соборниот храм на свети Никола во Куманово надлежниот епархиски Архиереј Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил ослужи света Преждеосвештена Божествена Литургија. Традиционално во првата среда од Великиот пост свештениците од Кумановското, Кривопаланечкото и Кратовското архиерејско намесништво пристапуваат кон Светата Тајна Исповед. И оваа година Светата Тајна ја изврши протоереј-ставрофор Добривоје од Крива Паланка. По отслужената Преждеосвештена Литургија и извршената Света Тајна Исповед во катедралниот храм на свети Никола надлежниот Митрополит г. Кирил заедно со неговиот секретар протоѓакон Вицко Гоцевски придружуван од архиерејскиот намесник протоереј-ставрофор Драги Стојановски и новопоставениот управител на манастирот на свети Ѓорѓи во Куманово ѓаконот Дејан Зец го посети манастирскиот комплекс. Митрополитот посебно беше восхитен од она што е направено во однос на градежните работи искажувајќи посебно задоволство дека и понатаму ќе се продолжи со другите градежни зафати со цел потполно да се возобнови манастирот. Манастирското настојателство истакна дека ќе се зафати со поголем интензитет и другите градежни зафати да се довршат со цел да се создаде еден прекрасен манастирски амбиент каде што ќе можат верниците да го посетуваат, духовно да се насладуваат и рекреираат заедно со нивните дечиња и внучиња. Инаку обновата на овој манастир со години трае.

 

                                                   

 

          



Известува: о. Жико Тодоровски