Дванаесет страдални евангелија (21.04.2011)
На 21.04.2011 година, Велики Четврток, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил зеде учество во читањето на 12-те страдални евангелија и го изнесе светиот крст во црквите: Света Петка во Бедиње, Света Троица и Свети Никола во Куманово. Митрополитот ја нагласи важноста на содржината на 12-те евангелија кои се читаат на Велики Четрврток и меѓу другото рече: „Бог толку го возљуби светот што Го испрати од Небото и Својот Единороден Син да пострада, та секој што ќе верува во Него да не погине, но да има живот вечен. Го поминавме Големиот Велигденски пост, ни остануваат уште неколку денови; уште денес, утре и задутре за да можеме што побројно да се собереме во светите Божји храмови да Му заблагодариме на Бога за сите добрини што ни ги дарува секојдневно. Затоа, мајката Црква ни порачува што побројно, што повеќе да се собираме во светите Божји храмови и да се потрудиме, особено за време на Велигденскиот пост, а сите коишто тоа не го сториле на најдобар начин да се соединат со Христа преку примањето на Светата Причест. Светата Евхаристија, на која се причестуваме со Светите Тело и Крв на нашиот Спасител Господ Исус Христос, е востановена на денешниот ден од Спасителот Господ Исус Христос. Чедата на Светата Христова Црква се напојуваат две илјади години од тој непресушен целебен извор. Честити и вековити нека ни бидат спасоносните празнични денови, да си го дочекаме во најголема торжествена радост празникот над празниците – светлото Воскресение Христово, Велигден. Воскресенскиот Божји благослов нека нѐ следи во сите денови од нашиот живот! Пресвета Мајка Богородица нека нѐ чува и закрилува, нека се застапува пред Нејзиниот Единороден Син, да ни дарува добро здравје мир и благосостојба во домовите, мир и благосостојба на просторот од родна и мила Македонија! Амин.“
Известува: о. Жико Тодоровски