Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на новоизградена црква во село Тромеѓа (кумановско) (25.04.2011)

На 25.04.2011 година, Воскресение Христово - втор ден, во с. Тромеѓа, Кумановско архиерејско намесниство, Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение на повеке свештеници и ѓакони изврши осветување на новоизградена црква посветена во чест на светиот великомаченик Георгиј. Камен-темелник на ова светилиште беше поставен на 27 октомври 2000 година од Митрополит Кирил. Црквата се изгради од доброволни прилози на верниците од с. Тромеѓа, Ајдучка Чешма, Иго Тричковиќ, како и бизнисмени од Куманово. По осветувањето Митрополитот Кирил им се обрати на благочестивите верници со следните зборови:

„Во името на Оца и Сина и Св. Дух. Амин. Нека даде Господ да си го ќердосате и да ви биде вековит новоoсветениот Божји храм посветен во чест и слава на великомаченик Георгиј.

Еве драги браќа и сестри во Господа, уште еден новоосветен православен Божји храм. Еве уште едно запалено македонско верско и се народно кандило. Денес е еден од најголемите доживеани историски настани и празници за сите вас што живете во селото Тромеѓа. Да се радуваме и да се веселиме духовно зашто и овој голем историски ден светоден, навистина Господ ни го дарува за да се зарадуваат и да се развеселат нашите души. За да се исполнат нашите сарца со хвалитни песни кон Воскреснатиот Христа Господа и кон светиот великомаченик Георгиј и со чиста искрена љубов кон се што е наше свето неменливо и неминливо.

Кога царот Соломон го изградил Ерусалимскиот храм, кога му се помолил на Господ да ја испрати својата благодат која се осветува и просветува и да го освето делото што го завршил, Господ му одговорил: „Го осветив храмот што го изгради ти, за да живее името мое вечно во него. Очите мои и срцето мое ќе бидат на ова место во вечни векови. Дај Боже да биде така“.

Браќа и сестри, храмот е дом Божји, училиште на верата и благочестивиот живот на верниците кои што го создале. Храмот е видливо небо на земјата. Живеење во населено место без Божји храм е исто како да живеете и никогаш да не сте почуствувале дали грее сонцето. Во него невидливо во храмот Боижји живее само Бог, Создателот на небото и на земјата и на сонцето. Светиот Наш Господ Исус Христос вели: „Каде се двајца или тројца собрани во мое име, таму сум меѓу нив и јас“.

Во оваа светиња ќе црпите духовна снага и радост. Ќе се венчаваат и крштеваат вашите рожби, ќе се множи нашиот род и пород. Дај повеќе така да биде, што повеќе верници, што повеќе крштевки. Амин!

Убава древна христијанска мудрост вика: „Две деца се малку, три не се многу, четири се доста. Дај Боже така да биде. Тоа е најголемото богатство и најголемата добивка. Инаку за жал морам да ви речам,  дека поголем ни е морталитетот од наталитетот, поголеми ни се, побројни ни се умирачките отколку рожбите. Не смее така да биде. Телото бара телесна храна со која душата не може да се храни. Душата може да се нахрани и напои само со храната што Господ ја дава особено во светиот Бојжи храм преку Своето Слово, преку Светата Литургија, Светата причест и како и сите други богослужби низ кои струи Божјата благодат која е вистинска храна и вистинска оживотворувачка сила на човековите души и за исцеление од секакви душевни и телесни болести. Човечкиот мозок не измислил поголемо целебно средство од причесната, од примањето на крвта и телото на Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, преку кои што ние соработуваме примајќи Го Бога во нашето срце и душа.

Браќа и сестри во Господа, Господ ни помогна и не удостои денес овде во селото Тромеѓа да се радуваме на нешто најсвето и највозвишено. Во тоа име со најискрени братољубиви чувства на евангелска љубов ве повикувам молитвено да си посакаме да раснеме само во доброто, да не следи Воскресенскиот Божји благослов со одлично здравје преку закрилата на светиот великомаченик Георгиј за уште поголемо и побогато животно преуспевање. Кавгите и расправиите треба да се отстранат еднаш за секогаш. Секирата на раздор меѓу еднородните, еднокрвните  во вера и по дух не смее повеќе да царува. Треба длабоко за се закопа во земјата, не само таа да р’ѓоса, ами целосно за секогаш да изгине. Кавгите и расправиите носат само болести и сиромашти и ништо друго не носат. Ние сме само едно поголемо сехристијанско семејство, чеда, браќа и сестри во името на Троичниот Бог, и така треба да се однесуваме. Се покажа и се докажа во текот на овие повеќе децении дека Црквата е најголемата обединувачка сила. Треба да го слушаме гласот на светата Црквата со најискрени ахрипастирски братољубиви чувства и евангелска љубов и го честитаме новосветениот Божји храм, овој скапоцен бисер, дело за секогаш создадено од вас, преку што Господ ќе ги удостои вашите имиња да бидат запишани со такви букви во книгата на вечноста. Создавањето на големи и величествени дела за својот народ, за својата црква и за својата татковина како што е ова бараат големи саможртвени подвизи, многу силна вера и љубов кон Бога, кон верата, родното место и татковните огништа. Бараат множување на материјални средства, самопрекор и труд, но бараат уште поголеми, посилни, посмели синови и ќерки. Вие сите браќа и сестри претставувате олицетворение на вистински доблести и горди синови и ќерки на Македонија. Најсилна потврда е изградбата на ова црковно и сенародно дело. Дај Боже Македонија што повеќе да раѓа такви синови и ќерки како што сте вие. Светата Мајка Богородица и светиот великомаченик Георгија нека ни бидат на помош. Господ нека ви подари се што посакуваат вашите благородни души и срца. Одлично здравје и многу венчавки ќе повторам и крштевки, берикетни плодови во годината што од Бога ни е дарувана 2011-та. Господи нека биде вечно благословено и препрославено Твоето име, за да можеме и ние да векуваме, и како суверена демократска Македонска држава и како света Црква и како благороден христијански народ, чеда на Троичниот Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух. Амин!“

 

 

 

                       

 

  

 
Известува: о. Жико Тодоровски