Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување нов конак во манастирот на св. Јоаким Осоговски (26.04.2011)

На третиот ден од Воскресението Христово, 26.04.2011 година, во манастирот на св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка, Неговото високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил, заедно со свештениците од Кривопаланечкото архиерејско намесништво го осветија новоизградениот конак и свечено го отворија за прием на верници и гости намерници.

 

На осветувањето Митрополитот истакна:

 

Во првиот ден кога ја славевме победата на животот над смртта, победата на правдата над неправдата, победата на радоста над жалоста, служевме Велигденска богослужба во православниот храм посветен на светите рамноапостоли  Кирил и Методиј, во Тетово, како и во сите православни храмови. Вториот ден, радоста ја надополнивме со осветување на уште еден бисер, на уште едно светилиште, на уште една црква во Кумановското архиерејско намесништво, црква посветена на св. Ѓорѓи во с. Тромеѓе.

Третиот ден, на Празникот над празниците, Светлото Христово Воскресение, Велигден, планиравме да дојдеме тука, да ја споделиме радоста со настојателите на манастирот, со браќата свештеници и со ценетите гости, градоначалникот на Крива Паланка, г-дин Арсенчо Алексовски, да ја надополниме радоста велигденска со осветувањето на уште конак, поставувањето на уште еден драгоцен камен на просторот на ова манастирско светилиште, манастирот Св. Јоаким Осоговски. Нема да прејудицирам ако речам дека во овие тешки економски прилики во кои што живееме, да се изгради уште еден конак покрај постојните 6-7 конаци е голем придонес за нашата света црква,  голем придонес за ова манастирско светилиште, гордост за кривопаланчани, но не само за кривопаланчани туку и за целиот христољубив православен народ на просторот на нашата родна и мила библиска Македонија, па и пошироко на сите меридијани на земјината топка каде што не има, а нè има многу, во Соединетите Американси Држави, во Канада, во Западно Европските земји, во далечната Австралија. Затоа денес се помоливме на Бога, да даде Господ што повеќе да престојуваат верници, да ги користат овие убавини, да ги наситуваат своите христијански души со неизгасливата светлина која што ни ја дарува Воскреснатиот Господ Исус Христос. Христос Воскресна!

Архиерејскиот намесник на Крива Паланка и старешина на манастирот, протоереј ставрофор Добрислав Бошковски ги поздрави гостите со поздравно слово:

Ваше високопреосвештенство, почитуван градоначалник, почитувани свештеници, настојатели, почитувани дами и господа, почитувани претставници на медиумите.

Се собравме денес на третиот ден од најзначајниот празник на човештвото, Христовото  Воскресение-победата  на животот над смртта, за да прославиме значаен настан од духовната и културната историја на нашиот манастир, осветување на новоизградениот конак.

Во годината кога одбележуваме 40 годишен јубилеј на поставувањето на цврстите темели на Полошко-кумановската епархија, 40 години на нејзиното раководење од страна  неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кирил, со гордост можеме да кажеме дека под негово водство, материјална помош, инспирација и иницијатива изразени низ евангелска љубов кон ова наше древно светилиште, заеднички создаваме трајни дела како: изградба на нови конаци, нова камбанарија, се обновија повеќе објекти, нови ѕидни површини, со еден збор се возобнови целиот манастир.

Новиот конак е изграден по конструктивно и архитектонско решение на нашите настојатели: дипломиран архитект г-дин Стевче Ристовски и градежниот инженер г-дин Предраг Велиновски, заедно со неговата градителска тајфа. Во новиот конак е запазена нашата градителска традиција. Во него се изградени 10 апартмани со 27 лежаи од повисока категорија и стандарди.

Заедно со овој конак, денес манастирот Свети Јоаким Осоговски располага со 120 легла, од кои 60 се од повисока категорија.

Нашите планови и амбиции во возобновувањето на манастирот нема да застанат тука. Со подршка на нашиот Архиереј и со помош на Севишниот Господ и понатаму заеднички ќе создаваме трајни дела.

 

 

                                  

 

          

 

         

 

Известува: о. Александар