Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Свети Атанасиј во Лешочкиот манастир (15.05.2011)

Денес, на 15 мај 2011 лето Господово, по повод празникот свети Атанасиј (летен), во манастирскиот комплекс во с. Лешок, нашиот надлежен епархиски Архиереј Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил отслужи Божествена Архиерејска Литургија во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското и Гостиварското архиерејско намесништво, придружувани од ангелските гласови на градскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово, раководени од маестро д-р Ивица Зориќ. На Литургијата активно учество зеде и јереј Александар Љубомир Козолов, свештеник од соседна Република Бугарија.

Во својата беседа Митрополитот г. Кирил пред присутните верници рече:

                                   

БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,

ПОЧИТУВАНИ ГОСТИ И ПРИЈАТЕЛИ,

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

Радоста што извира од искреното молитвено братско и сестринско христијанско другарување ги храни, освежува и ги оживотворува нашите души и срца и нè исполнува со среќа. Нѐ прави да бидеме почовечни и похумани.

Топло, со најискрени братољубиви архипастирски чувства на длабока почит, Ве поздравувам сите, добродојдени на ова наше молитвено празнично чествување на големиот архипастир – свети Атанасиј. Светата богослужба ја посветивме во чест и спомен на пренесувањето на моштите на свети Атанасиј и големиот број чудеса што се случиле при тој настан. Голем број болни и безнадежни очајници, кои Господ ги удостоил да се допрат со силна вера до светите мошти, добиле исцеление од тешките телесни и душевни болести.

Во ваквите празнични молитвени мигови, кои, како христијани, ги доживуваме како голем Божји дар, на најубав начин ја осознаваме и вдишуваме вознесенската светлозрачност на Христовото Воскресение, особено кога сме почестени и со еминентни ценети личности меѓу кои и министерот за образование и наука г. Никола Тодоров со своите соработници, јерејот Александар Љубомир Козолов, диригентот и академик Валентин Асенов Бобевски, црковниот хор „Св. Софија“ од Софија, соседна Република Бугарија.

Македонското Православие, со својот творечки елан е духовното огниште од кое зрачеле творечки импулси за надградба на моралниот лик на Македонецот во сите области на културно-просветното и духовно созревање и создавање на епохални дела значајни не само за македонскиот народ, ами и за сите словенски народи, дури и пошироко.

Дарот на културното богатство е голем: писменост, духовност, книжнина, градителство, сликарство, музика, песна, фолклор и специфична традиционална православна животна филозофија.

Делата, духовната и материјална култура на македонскиот народ и на Светиклиментовата Македонска Православна Црква се неизбришливи и вечни. Македонскиот народ отсекогаш бил и останува да биде достоен, славен и горд на своето, (за жал, повеќе макотрпно и ропско), одошто славно и среќно многустолетно историско минато.

Добрите дела се добро огледало за еден народ за да бидат насекаде видени и чуени. Да создаваме што повеќе добри и хумани дела. Да го посветиме животот на она што нѐ прави да бидеме горди македонски синови и ќерки и примерни христијани. Да се клониме од лошото, од непријателствата и од омразата – најстрашниот отров на светот е омразата.

Љубовта Христова прави чуда. Таа е семоќна. Свети апостол Павле, кој чекорел и го сеел евангелското семе по светата Библиска и апостолска македонска земја ни порачува: Да зборуваме на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немаме, како ништо да немаме и ништо не сме. Човек проникнат со љубов не мисли зло; не завидува и се радува на успесите на другите.

Во отсуство на љубовта, се раѓа омразата која води кон црковно и национално неединство. Делува разорно по нашето сеопшто македонско ткиво и го ослабува нашиот заеднички црковен, национален и државен организам. Само ако бидеме проникнати со христијанска љубов и чесен патриотизам ќе можеме да јакнеме во љубовта кон татковината, кон нашиот македонски народ и кон одделните народи.

Божјата вечност и светост, ние Македонците, ќе можеме да ја доживееме во сегашноста, доколку сме успеале преку силното единство да создадеме повеќе добри и трајни дела за својот народ, државата и Светата Црква. Дела хумани – угодни на Бога. Само така ќе можеме да ја сочуваме вечноста на Македонија и на македонскиот народ, а со тоа и светоста  и вечноста на МПЦ.

Без опстој на нашата суверена татковина Македонија, нема опстој на македонскиот народ (на македонската нација). Без опстој на македонскиот род нема опстој на Македонија. Без опстој на Македонија и на македонскиот народ нема опстој (нема живот) и на нашата жива и делотворна автокефална МПЦ. Тоа се нашите три гранитни темелници кои треба да ги сочуваме, да не ни ги поместат душманите, за да ја обезбедиме вечноста на македонскиот род и пород и да се радуваме на полнотата на црковно-националната слобода. Да Му благодариме на Бога што нѐ умудри та успеавме да ги откопаме нашите длабоки корени, со векови затрупувани од душманите.

Но, ако ли безброј доблесни македонски синови и ќерки умееле еднаш храбро и херојски да умрат за Македонија и за честа, гордоста и достоинството на својот народ, наш свет патриотски долг нека биде, достојно, и самодостојно, и целосно со умот и душата, предано, да ѝ припаѓаме и да живееме за Македонија, да создаваме трајни дела за добробит на својот народ и Света Црква, за и тие вечно да живеат и творат за нас и со нас.

Божјата воскресенска светлина вечно нека зрачи во нашите души и срца и во нашите христијански домови. А М И Н!

После свечената Архиерејска Литургија, Митрополитот г. Кирил го изврши чинот на крштевање на Александар Кирил Јаков Боне од Минхен, Германија во присуство на неговите родители Северин и Татјана Јаковлески, како и неговиот дедо Гојко и бабата Загорка, долгогодишни и многупочитувани пријатели на Митрополитот г. Кирил.

Свеченостите по повод празникот на свети Атанасиј продолжија со богата културно- уметничка програма во кругот на манастирскиот комплекс.

 

     

 

    

 

    

 

    

 

    

 

                                                                      подготви: Диме Змејкоски