Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Заупокоена Божествена Литургија и панихида во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје (21.05.2011)

На 21 мај 2011 година, денот во кој Православната црква го прославува поменот на свети апостол и евангелист Јован Богослов, свети Арсениј Велики и свети Никифор, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ се изврши заупокоена  Божествена архиерејска литургија и панихида во молитвен помен по повод одбележувањето на 30 годишнината од блаженоупокојувањето на Архиепископот Доситеј II и 20 годишнината од блаженоупокојувањето на Архиепископот Ангелариј.

На Литургијата и панихидата чиноначалствуваше Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение со Митрополитот повардарски г. Агатангел и Митрополитот брегалнички г. Иларион, како и презвитерите и ѓаконите:  протојереј-ставрофор м- р Драги Костадиновски, протојереј - ставрофор Благоја Ацески, протоереј-ставрофор Ацо Гошевски, протојереј Димче Малинов, јереј Бранислав Стојанчов, протоѓакон Антонио Дујовски, протоѓакон  Дени Насков, ѓакон Ангел Сердарски и ѓакон Антоние Поповски. По повод одбележувањето на вечниот помен на првите два архиепископи на возобновената Охридска архиепископија,  Архиепископ г. г. Стефан го произнесе следново слово:

Ваши Високопреосвештенства, високопречесни отци и свештенослужители, возљубени во Господа,

Еве, денешниов ден го определивме за да се потсетиме на двајца наши духовни великани од поновата историја на МПЦ-ОА, и да се помолиме за спокој на нивните блажени души. Имено, овие денови се навршуваат 30 години од блаженото упокојување на возобновителот на Охридската Архиепископија, во ликот на Македонската православна црква, Архиепископ Доситеј и 25 години од упокојувањето на вториот поглавар – Архиепископ Ангелариј.

Ќе ги потсетам помладите меѓу нас - Архиепископ Доситеј беше на чело на МПЦ од историската 1958 година, па сѐ до 1981 година, цели 23 години, а Архиепископот Ангелариј од 1981 до 1986 година.

Потсетувајќи се денес молитвено и за двајцата, сакам да нагласам дека и двајцата заслужуваат постојана почит и траен спомен во нашата Света Црква, зашто нивното дело за нашата светиклиментова Црква е рамноапостолно дело! Во нивните личности имавме вистински духовни водачи и пастири, имавме достојни, богољубиви и родољубиви архиереи.

Но, ним не им припаѓа слава и чест само затоа што биле први возобновители, туку затоа што вистински ги разбрале духовните пореби на нашиот народ, разбрале дека е исполнето времето да ѝ се врати достоинството на нашата древна и славна Охридска и Македонска Црква.

Враќањето во Македонија и застанувањето на чело на нашата Света Црква, со одлуката на соборјаните во 1958 година, кога, всушност, и се возобнови нашата света Црква како самостојна, како и одлуката на Црковно-народниот собор од 1967 година, за возобновување на автокефалноста, се настани со кои се потсетуваме за местото и улогата на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, настани во кои, исто така, забележително учество имал и тогашниот прота Цветко, подоцна вториот Архиепископ Ангелариј.

Вистинска среќа и благослов Божји за нашиот народ и црква била појавата на овие двајца наши архипастири, кои длабоко се вградиле во животот на нашата Света Црква и останале непоместливи столбови врз кои се гради и надградува делото на возобновената светиклиментова Охридска и македонска архиепископија.

Нека им е вечен споменот и дај Боже достојно да го чуваме и продолжиме нивното родољубиво и богољубиво дело. Амин! Бог да ги Прости.

Архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан