Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Македонска делегација на молебен на гробот на Свети Кирил во Рим (24.05.2011)

Рим, 23 мај 2011 (МИА) - Во црквата „Свети Климент“ во Рим, вчера по 43. пат се одржа молебен на гробот на Свети Кирил во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“. Со молебенот чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен и повеќе свештенослужители.

                                        

На свечениот чин во базиликата присуствуваше и македонска државна делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов во чиј состав се министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и заменик директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Антон Серечи.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

- Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?

Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со монашкото име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Господ Исус Христос.

Со молебенот на гробот на Свети Кирил завршува манифестацијата што во негова чест традиционално се одржува во Рим.

Во изминатите два дена се одвиваше и културна програма во рамки на „Македонија во чест на Свети Кирил“ која започна со концерт во базиликата „Пантеон“ на кој настапија македонскиот тенор Благој Нацовски, виолинистите Ана и Олег Контраденко и пијанистите Марија Вршкова и Александро Д`Агостини.

Годинава се одбележуваат 1142 години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.

 

                                             

 

Извор: МИА