Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Св. Кирил и Методиј во Соборниот храм во Тетово (29.05.2011)

Денес, на 24 мај 2011 лето Господово, по повод празникот посветен во чест на светите Кирил и Методиј, нашиот надлежен епархиски Архиереј Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил отслужи Божествена Архиерејска Литургија во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово, во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво, а придружувани од ангелските гласови на женскиот младински хор „Менада“ од Тетово, раководени од диригенската палка на маестро д-р Ивица Зориќ. Во својата беседа по повод празникот Митрополитот Господин Кирил рече:

 

„И навистина, драги браќа и сестри, голем е Господ и многумилостив за нашиот благороден народ, Света Црква и Татковина. Сѐ што е од Бога е добро и убаво. Чудата кои и ден-денес Господ ги прави за нас и со нас се многубројни и значајни. Ние треба да бидеме озарени од Светиот Дух за да ги спознаеме тие чудеса кои Господ ги прави.

Во нашето големо црковно-духовно и сенародно дело се вградувале голем број просветители, учители, беспоштедни делатели, охристовени молитвеници, борци и поборници за народна и духовна слобода, светители и маченици, коишто Господ ги признал и потврдил за свети. Голем е бројот на плеадата македонски просветители, учители кои на нас и на светот му дарувале бесмртни епохални дела, меѓу кои на највисокиот пиедестал се воздигнати рамноапостолите светите Кирил и Методиј и нивните најдаровити ученици светите Климент и Наум Охридските Чудотворци.

 

Браќа и сестри во Господа,

Години и децении по ред на роденденот на нашата семакедонска и сесловенска писменост, просвета, култура и христијанизираност, благородниот наш народ како во родната татковина Македонија, така и насекаде каде нѐ има и каде живеат достојни, и горди синови и ќерки, со посебен пиетет, на овој светол ден, се поклонуваат пред светителските ликови и големото епохално дело на светите Кирил и Методиј.

Кои биле светите Кирил и Методиј и зошто ние денес ги чествуваме?

Првите наши македонски рамноапостоли во средновековието за нас и за словенските народи биле светите браќа Кирил и Методиј. Тие биле родени во Солун, во издигнато христијанско семејство.

По смртта на свети Кирил во Рим во 869 година, (каде и бил погребан во црквата “Свети Климент папата Римски” и каде и ден-денес е неговиот гроб, а каде дел од неговите мошти се чуваат во Штросмаеровата капела), Методиј кој веќе бил хиротонисан за епископ се вратил да ја продолжи својата архипастирска работа меѓу западните Словени.

Тој починал во 885 година, во тешки измачувања. Делото на светите Кирил и Методиј, дошло до полн израз и до вистинско совршенство, токму во продолженото грандиозно дело на нашите горостасни македонски духовници, просветители и учители – светите Климент и Наум Охридските Чудотворци. Без нив и без нивната богата дејност Светикириловометодиевските плодови би биле избришани од лицето на земјата. Светите Климент и Наум имаат најголема заслуга за продолжување на развојот на писменоста, просветата и културата, особено преку формирањето и работата на првиот словенски  Универзитет во Охрид. Ова е денес познато и признато во славистиката и историјата на литературата и културата на сите словенски народи.

 

Еве браќа и сестри, какви големи личности живееле и твореле след македонскиот народ пред 11 векови, какви се нивните заслуги за просветувањето и христијанизирањето на нашиот народ и на сите словенски народи!

 

На крајот уште еднаш да потсетиме и да нагласиме: без обнова на самостојноста и автокефалноста на нашата Света Црква (1958г. 1967г.) не ќе можевме да зборуваме во ваква црковно-духовна слобода за епохалното дело на нашите солунски браќа Светите Кирил и Методиј. Не ќе можевме да зборуваме за импресивните резултатни постигања на нашата Света Црква во Татковината и во дијаспората. Затоа, денес сите ние и каде и да сме, следејќи го примерот на нашите светии, го претставуваме живото тело и душа на нашата мајка Светиклиментова Македонска Православна Црква и ќе треба како такви да останеме да дејствуваме и понатаму искрено збиени околу стожерот на суверена Македонија и нашата автокефална Света Црква.

 

Господ на мирот и на љубовта, преку молитвеното застапништво на рамноапостолите и просветителите светите Кирил и Методиј и на сите наши светии, да биде со сите нас сега и секогаш и низ сите времиња и вечност. АМИН!“

 

Осврнувајќи се молитвено на триесет години од преселувањето од овоземната во небесната Црква Христова на големиот прв македонски Архипастир во лицето на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, Митрополитот Господин Кирил нѐ пропушти во своето обраќање да ги искаже длабоките чувства на голема почит и неизмерна благодарност кон ликот и грандиозното дело што го изврши за сите нас, за благочестивиот македонски народ и Татковината, а особено за придонесот за нашата Светиклиментова Црква преку неговата несебична себевграденост во извршеното големо свето дело преку обновата во 1958 година на самостојноста и во 1967 година целосната автокефалност на нашата Света Црква, неканонски укината во 1767 година, а сега обновена древната и славна Охридска Архиепископија, олицетворена во денешната Светиклиментова Православна Црква.

Со овој чин се исправи големата историска неправда на нашата Црква со апостолско преемство кон Библиско Христијанска Македонија и се поврати честа, гордоста и достоинството на богољубивиот македонски народ и во татковината и секаде каде нѐ има.

Сега можеме со мирна совест да кажеме дека тие настани до ден-денес Македонската Црква ги доживува како вистинска ренесансна преродба. Бериќетните плодови се огромни, додаде на крајот од своето обраќање Митрополитот г. Кирил.

За време на светата богослужба извршен е парастос за блаженоупокоените Доситеј и Ангелариј во чие трагично погубие се исполнуваат 80 години.

 

     

 

      

 

     

 

                                                                               

 

Подготвил:  Диме Змејкоски