Божествена Литургија во Куманово (16.06.2011)
На 13.06.2011 година, Духовден - 2 ден, во црквата Света Троица во Куманово Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони од Епархијата ослужи Света Божествена Архиерејска Литургија. Беседејќи за празникот Митрополитот посебно нагласи дека треба правилно да се крстиме, а секое неправилно прекрстување нема никакво значење. Па така да го следиме примерот во Русија каде што политичкиот врв, заедно со своите сопруги присуствувајќи на богослужби правилно се прекрстуваат. Митрополитот препорача секое семејство во својот дом да поседува православен календар каде што ќе можат верниците да најдат информации за верата, за молитвите, за правилно прекрстување...
Како правилно да го изобразуваме крсниот знак?
Најпрво, ги составуваме палецот, показалецот и средниот прст од десната рака, а преостанатите два прста ги свиткуваме надолу.
Така составени, трете прсти ги ставаме на челото, велејќи: во името на Отецот, потоа под градите, изговарајќи ги зборовите: и Синот, и на крајот прво на десното рамо, а потоа на левото велејќи: и Светиот Дух. Амин.
Трите соединети прсти ја означуваат нашата вера во Пресвета Троица, во Отецот и Синот и Светиот Дух, а двата свиткани прста ја симболизираат нашата вера во двојната природа на Синот Божји, Господ Исус Хрустос, односно дека Он е и Бог и Човек.
Крсниот знак го ставаме на челото за просветување на нашиот ум и осветување на нашите мисли, на градите - за да се освети срцето и да ни се облагородат чувствата, а на рамената за да се зацврстат нашите телесни сили и да бидат благословени делата на нашите раце. Движењата што ги правиме со десната рака треба да се одмерени, односно да се прават смирено, а не набрзина и без правилно крстење.
По отслужената Литургија г. Кирил изврши водосвет и ги прережа славските колачи. Присуство зеде и градоначалникот на Куманово, г. Зоран Дамјановски, заедно со неговите соработници.
Известува: о. Жико Тодоровски