30 години јубилеј од епископската служба на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар (12.06.2011)
На третиот ден Духовден, 14.06.2011 година, во соборниот храм на свети великомаченик Димитриј во Битола, беше отслужена празнична Божествена Литургија и беше отпразнуван 30-годишниот јубилеј од хиротонијата на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар. Многубројното свештенство од Преспанско-пелагониската епархија, како и верниот народ од нашата епархија, му го честитаа овој значаен јубилеј на духовниот татко. Тоа е јубилеј на сите нас, зашто на сите нас, на посреден или непосреден начин, нѐ прати благословот од Митрополитот, бидејќи нашиот Владика духовно нѐ роди, раководи и воспитува.
Многубројните јубилеи се слават како изминато време, а ние, овој јубилеј го одбележавме како добиено, како време до кое постојано се допирала вечноста, како време исполнето, како почеток за нови остварувања. 30-годишниот архипастирски пат на нашиот Владика, со право може да се нарече, пат на духовна обнова, обнова на верата, на душата, на црковноста, но и обнова на храмови, манастири, пат на кој е собрано мноштво монаштво со кое се оживеани многубројни манастири, а во храмовите Божји, духовно обединети верните чеда.
На многаја лета, Ваше Високопреосвештенство!
Негово Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар на Педесетница, на празникот на Слегувањето на Светиот Дух, отслужи празнична Божествена Литургија во храмот на света Недела во Битола; на 12.06.2011 г. отслужи мало повечерие во храмот на Света Троица во Буковски Ливади; на 13.06.2011 г., на Духовден - втор ден, отслужи празнична Божествена Литургија во храмот на свети великомаченик Димитриј во с. Ореовец и на 14.06.2011 г., на Духовден - 3 ден, отслужи празнична Божествена Литургија во храмот на свети великомаченик Димитриј во Битола.
Известува: Весна Апостоловска