Успение на Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир (28.08.2011)
Чествуваwето на овој голем светоден започна на 27.08.2011 год. со вечерната Богослужба, со која чиноначалствуваше нашиот надлежен Епархиски Архиереј Митрополит Полошко-кумановски Господин Кирил а во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското и Гостиварското Архиерејско намесништво. По завршувањето на вечерната Богослужба, во рамките на културно-уметничката програма во кругот на манастирскиот комплекс беше одржан традиционалниот Лешочки фолк фест на кој настапија реномирани пејачи и музички групи од Македонската Естрада.
На 28.08.2011 год. по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, нашиот Митрополит Господин Кирил одслужи Света Божествена Архиерејска Литургија во сослужние на братското свештенство а збогатено со ангелските гласови на женскиот младински хор Менада од Тетово под диригенство на маестро Д-р Ивица Зориќ.
Во својата беседа пред верниците Митрополитот Господин Кирил се осврна на значението на овој голем светоден при што рече: ,,На овој светоден чедата на Светата Христова Православна Црква на планетата земја се собираат во сите цркви за да со голема Евангелска љубов се поклонат пред Ангелскиот лик на нашата Пресвета Мајка Богородица, родителката на Спасителот наш Господ Исус Христос. Од светите Божји заповеди кои Господ ни ги дарува, во петата заповед на убав начин е посочено како треба да се однесуваме кон нашите родители кои што со Божјиот благослов нè донеле на овој свет, каде се вели: „Почитувај ги твојот татко и твојата мајка за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата“. И кога Господ Исус Христос беше распнат на крстот, пред да издахне сакаше да ја згрижи и да ја заштити од тешката болка Својата Мајка велејќи му на Св. Апостол Јован: „ете ти ја Мајката“, а Нејзе ,,ете Ти го синот“. И така Св. Богородица до крајот на својот живот живееше згрижена во домот на Св. Апостол Јован во градот Ерусалим, постојано молејќи Му се на Бога и давајќи корисни совети на разжалостените, болните и обесправените“, додаде на крајот од своето обраќање Митрополитот Господин Кирил.
По завршувањето на Светата Архиерејска Литургија беше извршен мал водосвет, а потоа беа прережени колачите принесени од овогодинешните кумови.
Подготвил: Диме Змејкоски