За празникот на свети архангел Михаил во Куманово (21.11.2011)
Во чест на празникот на Соборот на свети архангел Михаил, на 21.11.2011 год., во населбата Карпош во Куманово, во храмот којшто е во фаза на изградба, Митрополит г. Кирил изврши голем водосвет и ги прережа принесените славски колачи. Кумови за празникот беа Александар Денковски од Куманово и Теодор Стајковски од Карпош, а за идната година се пријавија Даниел Лазаревски Петровски од Карпош и Дине од Куманово.
Потоа Митрополитот им се обрати на присутните верници:
„Денес, како чеда на Светата Православна Црква, еве, се собравме во овој храм во фаза на доизградба, којшто ќе го посветиме, ќе поможи Господ се надеваме догодина, во чест и слава на светиот архангел Михаил и сите бестелесни небесни сили за да му се помолиме нему да нѐ застапува пред Него, да нѐ следи Божјиот благослов за добро здравје, да ни дарува мир, слога, љубов, разбирање, зашто сме сите од Господ Исус. Христос ни порачува: Мир ви давам, мир ви оставам, да се сакате, да се љубите еден со друг зашто сме сите ние чеда Божји, браќа и сестри во Господа. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои чеда, ако имате љубов помеѓу себе. Љубовта евангелска е неимерна, неисцрпна. Преку неа ќе се потврдиме дека сме вистински чеда на Светата Православна Црква. Да Му се молиме на Бога, да му се молиме на светиот архангел Михаил и сите бестелесни ангелски сили тие да се застапуваат да нѐ следи одлично здравје, мир и добра состојба во вашите христијански домови. Мир и благосостојба на оваа населба којашто се гради, којашто се надоградува, мир и благосостојба во вашиот град Куманово, населените места, мир и благосостојба на просторот во родна и мила Македонија. Господи нека е вечно, благословено и преблагословено Твоето име за да можеме сите ние да векуваме во вечни векови, та заедно секогаш и во секое време, заедно со целата небесна хиерархија да Го величаме Бога и да Му пееме: Слава во висините на Бога, на земјата мир меѓу сите луѓе! Амин! Нека биде честит и вековит денешниот празничен ден, а заедно со него да векуваме и ние! Да даде Господ што поскоро да го завршиме, па да се собираме за радост, за веселби, за што повеќе венчавки, што повеќе крштевки, да се множи нашиот христијански народ! Амин! Ланската година покренавме кампања за собирање на средства. Ние од епархијата ветивме. Она што ќе се вети пред Бога треба да се дарува. Дека ќе даруваме, дека ќе се потрудиме да собереме десетина илјади евра. Повеќето евра се соберени, а остатокот до 10 илјади евра веќе ветено ни е и за кратко време и тие ќе ги добиеме. Нека се отпочне со градба, спремни сме 10 илјади евра да ги даруваме. Амин! А и другите што ветија да пренесат и тие да го извршат договорот што го ветија пред Бога и пред свети архангел Михаил и сите небесни сили.
Известува: о. Жико Тодоровски