Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот свети Климент Охридски Чудотворец (08.12.2011)

По повод празникот на свети Климент Охридски - Чудотворец, нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, на ден 07.12.2011 година, отслужи Вечерна богослужба во соборната црква на свети Климент Охридски во Скопје.

На ден 08.12.2011 год во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово во сослужение на свештенослужителите од Тетовското архиерејско намесништво, а во присуство на голем број верници од Тетово и тетовско, Митрополитот г. Кирил отслужи Света Божествена Архиерејска Литургија збогатена со гласовите на женскиот младински хор „Менада“ од Тетово водени од диригенската палка на маестро д-р Ивица Зориќ.

Во својата беседа по повод големиот празник пред присутните верници Митрополитот г. Кирил рече:    

„Денес, Македонската Православна Црква и македонскиот народ, овде во родна и мила татковина Македонија и насекаде каде што нѐ има, го чествуваме споменот на свети Климент Охридски Чудотворец, основоположник на Охридската Архиепископија, денес олицетворена во  лицето на Македонска Православна Црква, и втемелувач на македонската просвета и култура. Денес, молитвено и празнично си споменуваме за светителот, кој пред единаесет векови, како редок син од македонскиот род и верен последовател на бесмртното дело од нашите просветители, рамноапостолите – солунските браќа Кирил и Методиј, ја отпочнал широката и интензивна религиозна и културно-просветна дејност на благородното тло од родната македонска земја. Свети Климент е знаме и светол симбол на нашите црковно-народни идеали и вдахновител на нашата силна верба за подобра иднина и вечен опстој на македонскиот род и пород.

Од времето на неговиот земен живот нѐ разделуваат единаест векови, но тој е духовен современик на Македонците во сите изминати времиња, тој со своето облаготворувачко оставено трајно дело, е современик и на нас што живееме во денешните дни.

Личноста на свети Климент Охридски и неговото бесмртно дело, станале солидна основа и оплодувачка сила за бројни остварувања во областа на богословската наука, литература, архитектура, сликарство и за духовно-етичкото издигнување на длабока христијанизираност на нашиот народ.

Свети Климент е најдаровитиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, ги слушал нивните божествени евангелски зборови и со своите очи ги гледал нивните богоозарени ликови и евангелски дела. Тој учествувал подоцна и во преведувањето на своите богослужбени книги од грчки на македоно-словенски јазик. Бил сопатник на своите свети учители во Моравија, Панонија, Венеција и Рим. Бил надарен со особена проповедничка дарба, испратен од Господа за да го сее евангелското семе, семето на вечниот живот на својот мајчин јазик, на кој говореле македонските Словени, во душите и срцата на своите сонародници.

Свети Климент основал Универзитет во нашиот стародревен град Охрид, прв од ваков вид не само на Балканот, туку и во целиот тогашен словенски свет. Низ оваа висока просветна богословска институција, во текот на 30 години, поминале околу 3.500 ученици. Честопати вршел и две работи одеднаш: и деца учел и книги пишувал. По седум години напорна мисионерска и просветна дејност, свети Климент бил хиротонисан за епископ. Тој е првиот словенски епископ кој отпочнува да богослужи на јазик на македонските Словени. Тогаш ги умножил уште повеќе своите трудови. Храна му била постојаната грижа за својот народ. Се грижел и им помагал на сиромасите, вдовиците и сираците.

Се трудел цели 50 години во извршувањето на Божјото дело. Се упокоил во Господа во 916 година. Господ го прославил со светителскиот ореол на вечна слава и наша трајна благодарност. А нашиот благороден народ, за сѐ што им дарувал, уште за време на неговиот земен живот, го почитуваше за светец.

Денес, моштите на големиот наш молитвеник и чудотворец свети Климент Охридски, во блажен мир почиваат, во неговиот гроб, во новоизградената манастирска светиња на Плаошник посветена на свети Пантелејмон и на свети Климент.

Свети Климент е закрилник и парон на македонскиот народ низ целата негова историја. Патрон е на нашата Богословија и Богословенскиот Факултет, на голем број просветни и научни институции во нашата Татковина. На него му имаме посветено голем број цркви и манастири и во прекуокеанските земји. Тој, со еден збор, е втемелувач и знаменосец на нашето национално и духовно македонско осознавање. Затоа и нашата Света Македонска Православна Црква ја именуваме со Светоклиментова.

И ние, браќа и сестри, кои денес вака го чествуваме неговиот свет именден, ако сакаме да бидеме негови вистински и достојни чеда, треба да се угледаме на него во сѐ: да градиме со пламенот на неговата вера, проникнати со чесно македонољубие, да бидеме неуморни во извршувањето на добри и хумани дела за нашиот народ, Црква и татковина.

Да му се помолиме на свети Климент и натаму да нѐ вдахновува и умудрува. Тој да раководи со нашата Татковина, Света Црква, та заедно со целиот наш благороден народ да одиме во пресрет на поголеми постигнувања и полна животна радост.

Нека ни е вечен патрониот празник свети Климент Охридски.

А М И Н !        

 

 

       

 

       

 

       

 

 

Подготви:  Диме Змејкоски