Божиќна, Новогодишна и Богојавленска порака од Митрополит Полошко-куманоски господин Кирил до верниот народ на богумдаруваната ни Епархија (05.01.2012)
ДРАГИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
МИЛИ ДЕЧИЊА И МЛАДИНЦИ
По повод радосните светли и торжествени празници, Рожденство на нашиот Спасител Господ Исус Христос - Божиќ, Новата година и Богојавление,со најискрена евангелска архипастирска љубов,ви испраќаме искрени честитки, мир и благослов од родениот Витлеемски Богомладенец, поздравувајќи ве со величенствените традиционални поздрави
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
И нека ни е од Бога благословено, мирно и бериќетно новото 2012-то Лето Господово!
БЛАГОЧЕСТИВИ ХРИАСТИЈАНИ
Престојното 2012 то Лето Господово,во кое што со Божја милост и помош туку што почнуваме да чекориме е од особено значење за нас,чедата на родната мајка Светоклиментова автокефална МПЦ и во татковината и по сите меридијани од земјината топка,каде што не има.
Нашите души и срца ќе треба да бидат исполнети со голема искрена национална и црковна љубов, гордост и радост. Сите овогодишни празнувања со Божја помош ќе ни бидат збогатени и исполнети со значајни содржини и торжествено одбележување на четириипол децениското опстојување, творештво и растеж на нашата возобновена автокефална, древна и славна Охридска Архиепископија олицетворена во денешната света Македонска Православна Црква, како и, по Божјо провидение, и наше четириипол децениско архипастирско служење на Бога на својот верен благочестив народ и на својата мајка Светата Црква.
На 17 и 18 јули 1967 година, во древниот македонски и сесловенски Ерусалим -Охрид ја исправивме големата историска неправда со која во 1767 година беше незаконски пресечен крвотокот на нашата древна Охридска Архиепископија. Ќе и се радуваме на нашата ренесансна преродба. Ја повративме честа и достоинството на нашата Света Црква, честа, гордоста и достоинството на нашиот народ и на библиска Македонија. Затоа, заедно со целата небесна хиерархија од радост да воскликнеме – Нека Му е слава во висините на Бога, на земјата мир и добра воља меѓу луѓето!
На Божик, на овој величествен и светол најголем семен празничен ден го прославуваме најрадосниот историски настан на светата Христова Црква за спасение на човечкиот род.
Го славиме Раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Целиот христијански народ на планетата земја, заедно со ангелската небесна хиерархија торжествено Му одава чест и слава на Господа и на Неговата бескрајна премудрост – пеејќи: Со Твоето Раѓање сите оние кои што беа во темнина ја видоа и ги озари Твојата вечна светлина.
Затоа, постојано да градиме, да не разградуваме. Здружени, збратимени и озарени со рождественска радост. На ваков возвишен свет подвиг не повикуваат нашата Света Црква - вечна патеводителка и заштитница.
Христос Спасителот слезе од небесата на земјата за да ни даде можност и ние како чеда Божји да се воздигнеме до небесните височини.
БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,
Сите ние верните и сеоддајни чеда на родната и мила Македонија и на нашата Светоклиментова МПЦ, имаме свет и возвишен долг да се подготвиме со возвишен црковен и сенароден патриотски дух уште подлабоко да го втемелиме долгот и аманетот од нашите предшественици во одбраната и сочувувањето на честа, гордоста и достоинството на македонскиот род, на Македонија и на нашата Света афтокефална Црква, за да ја обезбедиме нивната вечност, во нашето битие, бидејќи преку единството и светоста на мајката Црква ја обезбедуваме вечноста, во нашето битие на македонскиот народ, и во Татковината и насекаде каде што не има – а не има многу распрснати по сите меридијани од земјината топка.
Пред нас се денови светли за празнување и благодарење. Денови за помирување со сите. Доаѓа Христос Спасителот, дарителот на мирот, Сонцето на правдата за да ни дарува вечен мир, да не упати кон Правда и љубов. Љубов кон семејствата , љубов кон својот народ, љубов кон својата мајка Света Црква, љубов кон секој и секого, без оглед на верска, национална или расна припадност.
Нашата татковина Македонија и нашата мајка – Светоклиментовата МПЦ не повикуваат во овие ретки јубилејни трепетни историски мигови од новото 2012-то Лето Господово, искрено да живееме со нашиот и за нашиот благороден народ, за и тој да живее со нас и за нас!
Големите свети дела за својот народ, татковина и света мајка Црква, ги создаваат само големи и доблесни синови и ќерки, проникнати со искрено, чесно и сеоддајно македонољубие.
Нека Богомладенецот Господ Исус Христос и Неговите вечни евангелски пораки ни бидат ѕвезда патеводителка.
ХРИСТОС СЕ РОДИ !
Нека ни биде честито, од Бога благословено и бериќетно Новото 2012-то Лето Господово !
А М И Н !