Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденска честитка (14.04.2012)

ВОЗЉУБЕНИ, ВО ВОСКРЕСНАТИОТ СПАСИТЕЛ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС,

БРАЌА И СЕСТРИ, ХРИСТИЈАНИ, ДРАГИ ДЕЧИЊА И МЛАДИНЦИ!

 

 

Велигден е Празник над празниците – ден над деновите, зашто на овој Светоден Господ Христос Воскресна од мртвите, ја победи смртта, победи вечниот живот над смртта, радоста над жалоста и правдата над неправдата. Христовото Воскресение е најзасведочениот историски настан.

Без Христовото Воскресение човечкиот живот, на планетата земја, ќе беше бесцелно и бесмислено талкање во темнината.

Празникот на Христовото Воскресение е најблескавата круна во Божјиот домострој за човековиот род.

Со Христовото Воскресение широко се отворија царските порти за нашето воскресение, зашто Христовата победа над смртта е најспасоносната гаранција за нашето воскресение.

Вистинска смисла и содржина на нашето живеење ќе му дадеме ако во секое време бидеме исполнети со безрезервна љубов кон Бога, кон своите ближни и кон сите луѓе со кои сме опкружени во нашето секојдневие.

 

 

ВОЗЉУБЕНИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА!

                       

 

Во Светлината на Празникот над празниците, во ова од Бога дарувано и благословено 2012-то лето Господово имаме многу значаен историски јубилеен повод за повеќекратно радосно збогатување не само на Велигден ам ии на сите овогодишни празнични одбележувања.

Достојно, како што му личи на Богољубив македонски христијански народ да ги цени, надоградува и чува, големите и значајни црковни и сенародни историски настани за негов вековит опстој, на просторот од својата родна Татковина, ќе му се радуваме и ќе го одбележиме историскиот 45-годишен автокефален јубилеј на нашата Света Македонска Православна Црква. Искрено да ги чуваме историските настани кои, со Божја милост, ни помогнаа, да го доживееме и да го живееме нашето ново Воскресение како чеда на Македонија, под закрилата на нашата Света Црква, како на просторот од суверена Македонија така и по сите меридијани од земјината топка.

Во животот на секој човек, создаден од Бога, има настани кои остануваат во вечен незаборав.

Се  исполнуваат четири и пол децении од големиот историски чин, кога Господ нè вдахови и умудри на 17 јули 1967 година, Светиот Синод на Македонската Православна Црква, да ја донесе значајната историска Одлука за возобновување на целосната автокефалност на древната и славна Охридска Архиепископија олицетворена во денешната Светиклиментова Македонска Православна Црква. Со тоа ја отстранивме големата и тешка неправда којашто ѝ беше нанесена на Охридската Архиепископија во 1767 година.

Тогаш озарени и вдаховени од Бога и од мудроста и молитвената закрила на вечно живите пред Бога, Свети Климент и Свети Наум Охридските Чудотворци, Светиот Синод, на чело со Архиепископот Доситеј и високопреосвештените митрополити: Климент, Наум и Методиј, како и мојата смерност, во претпладневните часови во црквата „Света Богородица“ во Охрид, ја донесовме и потпишавме историската Одлука за целосната возобнова на автокефалноста на нашата Света Црква.

Овој настан претставуваше повик до целиот македонски народ за целосно национално и духовно измирување и обединување.

Со овој историски чин засветли големата божествена сенародна македонска вистина. Со тоа ја отстранивме двовековната обесправност и духовна подјарменост. Ја повративме честа и достоинството на нашата Света Црква, честа, гордоста и достоинството на библиска Македонија.

Потписот на историската Одлука го ставивме со возвишен духовен и сенароден патриотски трепет и вознес, зашто сите знаевме дека оваа и ваква Одлука е од Бога благословена. Во тој миг бевме убедени дека ги исполнуваме заветите и светите аманети и пораки на сите доблесни македонски синови и ќерки и во овоземната и во небесната Христова Црква, заветите на сите македонски светии, учители, просветители и плејада борци и поборници за национална и црковна слобода.

Еден од Бога вдаховен мислител ќе порача: „Слободата е вечна, но таа постојано треба да се освојува“. Со обновата ѝ го вративме животот на нашата Света Црква, ѝ го вративме сјајот, ѝ ја вративме душата.

На еден народ, на една Црква, на една држава да им го одземеш името, е исто како и да им ја одземеш душата, а со тоа им го одземаш животот. Нашиот живот и опстој е во нашите раце. Името, државата, самостојноста и автокефалноста на нашата Света Црква, се наши темелници. Нивното достоинство и чест сме ги повратиле со беспоштеден самопрегор и труд.

Целосната обнова на нашата Света Црква ни помогна да постигнеме целосно духовно будење и вистинско национално осознавање.

Да Му благодариме на Бога што повторно се издигнавме како Феникс.

Како Богољубив и мирољубив народ, иако сѐ уште изложен на тешки искушенија, сме живееле, а силно да веруваме, дека Господ ќе ни помогне, за навек да продолжиме да живееме и да опстојуваме со вечните евангелски вистини на Воскреснатиот Господ Исус Христос, во Кого силно веруваме, ќе ни помогне да бидат истерани мракот и темнината на злото и дека ќе бидеме озарени со вечна воскресенска радост, светлина, мир и благосостојба.

Бог сака, ние Неговите духовни чеда и сеоддајни синови и ќерки на Македонија, вечно да живееме и да постоиме и ќе постоиме сѐ додека векот векува и светот светува. Но, како чеда Божји, секогаш и во секое време должни сме да се клониме од злото и омразата и да бидеме исполнети со искрена љубов, доверба и силно единство.

Наштата Света Црква, на Велигден нѐ повикува да бидеме исполнети со безгранична љубов и радост, затоа што љубовта претставува исполнување на Божјиот закон. Љубовта нѐ прави да бидеме достојни и примерни чеда, синови и ќерки на вечната Светлина – на Бога. Таа светлина за време на торжествените Велигденски празнувања и овогодишни јубилејни одбележувања, треба со сиот свој блесок да сјае во нашите души и срца.

 

 

 

БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА !

 

Нескромно е ова што ќе го речам, но ќе кажам: бериќетните плодови – постигањата во четири и пол децениското архипастирствување, секогаш во искрена соработка со свештенството, настојателствата и верниците, се импресивни. Тоа нѐ исполнува со најголема радост и среќа.

Господ нека нѐ умудрува и Велигденски нека нѐ вдахновува, да ја сакаме и да ѝ се радуваме на новата црковно-духовна и државотворна воскресенска слобода.

Искрено и љубоморно да ја чуваме слободата. Да ѝ се радуваме на нашата Света Црква и Татковина, заради убавините коишто Господ ни ги дарува во нив. Да бдееме над автокефалниот статус на нашата Света Македонска Православна Црква, и уште попредано и поенергично да се вградуваме во нејзиниот уште поцелосен развој и растеж.

На сите Вас, драги браќа и сестри во Господа, и на сите Ваши најмили и најсакани Ви пожелуваме многу здравје и вечна радост и искрено молитвено Ви го честитаме светлото Христово Воскресение – Велигден.

 

ХРИСТОС  ВОСКРЕСЕ!

НАВИСТИНА  ВОСКРЕСЕ!