Осветување на нова црква во Ново Село (кумановско) (20.04.2012)
На 16. 04. 2012 год., на Воскресение Христово (втор ден), Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение на повеќе свештеници и ѓакони, а во присуство на голем број на благочестиви христијани, изврши осветување на нов храм посветен во чест на пренос на моштите на свети Николај во Бари (летен Свети Никола) во с. Ново Село, Кумановско архиерејско намесништво. Во ова село живеат над 90 семејства од неколку националности и за прв пат верниците од ова село успеват да изградат свет храм Божји. Митрополитот посебно нагласи дека Господ нѐ создал од повеќе националности. Нѐ создал за да живееме како еден прекрасен букет од разновидни цвеќиња. Не да се мразиме, не да се надмудруваме, верата да ни биде патеводител како треба да живееме во мир, слога, љубов и разбирање. Воскреснатиот Спасител Господ Исус Христос ни порачува: „Мир ви давам, мир ви оставам, да се љубите едни со други, по тоа ќе ве познаат дека сте Мои чеда, ако имате љубов помеѓу себе.“ Љубовта христијанска е неисцрпна, таа е вечно изворна, само треба да умееме да ја користиме. По осветувањето Митрополит г. Кирил честитајкќи им го новото светилиште произнесе беседа за значењето на светиот храм. Присутен беше градоначалникот на Куманово г. Зоран Дамјановски со своите соработници, како и пратеникот г. Оливер Спасовски од Куманово. Храмот е изграден од доброволни даренија на верниците од ова населено место.
известува о. Жико Тодоровски