Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот на Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка (05.07.2012 16:54)

Во вторник, на 3 јули 2012 г., по повод празникот посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец, во истоимениот манастирски комплекс на Попова Шапка, со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополит Полошко-Кумановски г. Кирил, а во сослужение на братското свештенство и монаштво, Божествена Литургија отслужи Неговото Високопреподобие архимандритот г. Јосиф кој воедно е новоизбран од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА за викарен епископ на епархискиот архиереј на Полошко-Кумановската Православна Епархија со титула Епископ Лешочки.

Свечената Литургија беше збогатена со ангелските гласови на женскиот младински хор „Менада“ од Тетово, под диригенство на маестро д-р Ивица Зориќ.

Во својата беседа пред присутните верници, Неговото Високопреподобие архимандрит г. Јосиф го образложи значењето на овој голем светден, им го честита празникот на присутни верници, а воедно им ги пренесе честитките испратени по повод празникот од страна на Митрополитот г. Кирил со благослов за мир, здравје и благосостојба.

По завршувањето на свечената Литургија беа пресечени кумските колачи принесени од овогодинешните кумови.

Прославата беше крунисана со заедничка братска и сестринска трпеза на љубовта приредена за сите присутни верници, по што чествувањата  продолжија со општонародна веселба во кругот на манастирскиот комплекс.

 

     

 

     

 

     

 

                     

 

    

 

Подготви: Диме Змејкоски