Vesti i nastani
 
 
 
 
 

По повод 20 години од првата богослужба на македонски јазик во Загреб, Р. Хрватска (28.10.2012 11:43)

По повод 20 години од првата богослужба на македонски јазик во Загреб, Р. Хрватска, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен отслужи Божествена Литургија на која присуствуваа голем број на верници и зедоа активно учество пеејќи ги литургиските химни. За напредок во Македонската Православна Црковна Општина Св. Злата Мегленска, Митрополитот Пимен напомена дека пред сѐ и најпрво треба напредок во духовниот и соборен литургиски живот притоа некриејќи го своето задоволство од работата на истата општина. Во својата беседа толкувајќи го евангелскиот текст параболата за сејачот и семето, истакна дека Македонија е плодна почва за сеење на семето христијанско уште од времето на света Лидија па сѐ до ден денес, спомувајќи за новоканонизираните македонски Светители – Преподобните Пречистански маченици и Четириесете Битолски преподобни маченици, кои денеска на светата Божествена Литургија во Битола беа вброени во диптихот на Светиите. По Литургијата парохискиот свештеник отец Кирко Велински го изрази своето задоволство од досегашната соработка со македонското православно население кое сецело се вложува во напорите за изградба на нов храм кој би се изградил на веќе купениот простор во близина на центарот на Загреб, а воедно претстави и книга во која би се запишале имињата на сите дарители, со цел истите постојано да останат запаметени.

 

Потоа Митрополитот Пимен ги освети и канцелариските простории на Македонската православна црковна општина Света Злата Мегленска во Загреб.