Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на свети Прохор Пчински во Пјаченца (04.11.2012 11:25)

Во Пјаченца, Италија, по повод патрониот празник посветен на Свети Прохор Пчински беше отслужена Света Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен во сослужение со парохискиот свештеник протоерејот Климент Мишањ, ереј Горан Мантаровски и ѓаконот Сашо Целески. Како што е и вообичаено во оваа парохија храмот беше преполн со верници кои достојно му одадоа почит на својот заштитник во Пјаченца, Светиот Прохор Пчински, присуствувајќи на Светата Евхаристијата и примајќи ги Телото и Крвата Христови.

Митрополитот Пимен толкувајќи го денешното евангелие во својата проповед верниците ги потсети дека Христовите зборови кои се упатени до сите насблаженствата, се сржта на христијанскиот живот и единствен вистински пример за наше духовно усовршување. Светите луѓе не живееле само во минатото туку и денес, а како пример ги наведе и новоканонизираните Пречистански и Битолски преподобно маченици. Митрополитот Пимен зборувајќи за доброволното мачеништво како она на Свети Прохор Пчински кој од љубов кон Христа се оддалечил во пештера прославувајќи Го Бога, на верниците им порача и тие имајќи го за пример нивниот патрон заштитник, да се восовршуваат борејќи се со искушенијата бидејќи победата на истите ни е гарант за наше осветување, а не крштението и верата без учество во литургискиот живот кој Црквата го негува два милениуми.

На крајот од проповедта им се заблагодари на оние луѓе кои и покрај своите мали примања го жртвуваа своето кратко слободно време за да се создаде и разработи оваа млада но по плодови голема црковна општина.