Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Куманово (14.01.2013 00:48)

На 14 јануари 2013 година, кога Светата Црква ги празнува Обрезание Господово и свети Василиј Велики, како и Православната Нова Година, во соборниот храм на свети Никола во Куманово, Неговото Преосвештенство г. Јосиф Епископ Лешочки во сослужение на поголем број на свештеници отслужи Света Божествена Василиева Литургија. Честитајќи им го празникот на кумановските верници г. Јосиф меѓу другото рече:

„Ова е единствен случај во календарот во Православната Црква кога се празнува Господен празник, на тој ден да се слави споменот на некој светител. Тоа е затоа што Црквата го истакнува големото значење на свети Василиј Велики и неговото дело во утврдувањето на чистотата на православното учење. Основата на неговиот живот била борбата со разните погрешни учења коишто ја негирале единствената Божествена природа на трите Ипостаси во Света Троица. Денес кога го празнуваме Обрезанието Христово јасно се потенцира човечката природа Христова без да се понижи Божествената природа во личноста Христова.

Возљубени во Господа, Господ Исус Христос бил обрезан како човек на осмиот ден после раѓањето и тогаш Му го дале името Исус коешто било возвестено од ангелот уште пред да биде зачнат. Исус во еврејскиот јазик значи Спасител и обрезанието Тој го примил за наше спасение, пред сѐ да го исполни законот но и да ни покаже дека и ние сме должни да  исполнуваме сѐ што Тој ни заповедал. Тој исто така покажа дека Неговото човечко тело не е привидно туку дека е вистински Човек.

Денешниов празник јасно ни сведочи дека Бог стана во сѐ еднаков со нас, и денешниов празник нѐ повикува и ние да се обрежеме со духовен меч, да ги отсечеме своите душевни и телесни страсти, пред сѐ себељубието и гордоста. Господ на сите, претрпел обрезание за да ги обрезе и нашите гревови, и ние треба да ја искусиме болката од отсекувањето на гревовите за да бидеме со Господа.

Возљубени во Господа, исто така денес Светата Црква го прославува почетокот на Новата Година. Денес кога ја славиме Новата Година да не копнееме за среќата туку да размислуваме за таква среќа која никој не може да ни ја одземе. Да не ја одложуваме средбата со Вечниот и Најважниот. Господ стои и чука на вратата на секоја света Литургија, да не се плашиме да Го погледнеме во очи оти само таму ќе ја видиме вистинската светлина во целата полнота. И само тогаш ќе можеме да сфатиме што е среќа и колку близу таа била до нас. Христос се роди! За многу години!

 

       

 

       

 

        

 

 

Известува: о. Жико Тодоровски