Вечерна Богослужба со Простување (17.03.2013 11:06)
Во предвечерието на Великиот Пост (17.03.2013 г.), Епископот Лешочки г. д-р Јосиф, отслужи Вечерна Богослужба со чинот Простување во црквата на Светите Кирил и Методиј во Тетово.
ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ СИНЕ БОЖЈИ, ПОМИЛУЈ НÈ ГРЕШНИТЕ!
Драги браќа и сестри, речено е дека покајанието е почеток на вистинскиот христијански живот, и дека претставува негов прв услов. Така и доаѓањето на Господ Исус Христос, беше најавено од светиот пророк Јован, со зборовите „Покајте се“. Но, што е покајанието и зошто треба да се покаеме?
Денес човекот живее со многу брзо темпо, и воопшто нема време да размислува за покајанието. Единствено што смета дека е доволно да направи за време на постот, е да се воздржува од одредена храна, да ги намали забавите и разонодите, да појде на исповед, свештеникот да го разреши од гревовите и да се прочести (барем еднаш во текот на постот). Потоа смета дека сè е во ред до следната година.
Но, сепак мора да постои некоја причина поради која Црквата ги издвоила овие шест недели како посебно време за покајание. Во следните недели, Црквата нè повикува на подолг и упорен духовен подвиг. Постот, исповедта и покајанието, многу поконкретно се однесуваат на нас, на нашата вера, на нашиот живот. Затоа ние сме должни да го разбереме учењето на Црквата и да бидеме христијани не само по име, туку и по дела и по живот.
Великиот пост е време кога можеме да го пронајдеме одговорот на сите прашања кои најдиректно се однесуваат на нашиот живот како христијани. Да му пристапиме со љубов, бидејќи Великиот пост претставува училиште кое мораме да го посетуваме секоја година за да ја продлабочиме својата вера и ако е возможно да го промениме својот живот и навиките кои нè одделуваат од Црквата. Великиот пост да го разбереме како поклоничко патување на самиот извор на животот.
Бог, со својата Благодат да ни прости и да нè помилува сите нас, и да биде со нас во сите дни на Великиот Пост. Амин.