Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Недела на Православието (24.03.2013 12:20)

Во првата Недела од Великиот Пост (24.03.2013 г.), кога ја славиме победата на Православието над сите ереси, во црквата на Пресвета Богородица во Гостивар, Епископот Лешочки г. д-р Јосиф, отслужи Света Василиева Литургија. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

 

          

                                             

                                                     Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух

Денес Светата Црква ја слави победата на православното исповедање на верата, денес ересите пропаѓаат и повторно православието победува – православието, кое што е единствен носител на Христовата вистина. Во него е запазено Христовото учење чисто и непроменето, така како што ни го предаде Спасителот и како што учеа светите апостоли.

Денешната недела, прва од Великиот пост, се нарекува Православна, зашто си спомнуваме за апостолската света вера, која беше чувана во првите три векови со крвта на мачениците. Исто така, денес си спомнуваме и за борбата со еретиците од третиот до осмиот век, кои што сакаа да го искриват Христовото учење. Денес си спомнуваме и го почитуваме споменот на сите оние, кои торжествено ја проповедаа единствената вистинска православна вера.

Возљубени во Господа!

Денешниот празник е востановен во 842 година. Овој празник ја означи конечната победа над еретиците – иконоборци на Седмиот вселенски собор во 787 година во градот Никеја и на Цариградскиот помесен собор во 840 година. Така, со смртта на последниот император – иконоборец Теофил бил ставен крај на големата ерес на Истокот. На 19 февруари 843 година, на празничната служба во храмот посветен на Премудроста Божја во Цариград, светата царица Теодора, заедно со светиот патријарх Методиј, го востановиле иконопочитувањето, кое што било утврдено на Седмиот вселенски собор, и после векови на презир и заборав, иконите го добиле местото кое им припаѓа. Иконите повторно станале реални, мистични присуства на личностите кои што ги изобразуваат. Во центарот на сведоштвото, тие стојат како претстави на догматската и доктринална традиција на Црквата и ги изразуваат главните учења на верата како живот и искуство на живата содржина на Православната Црква.

Драги браќа и сестри, православното христијанство го препородило светот, и под влијание на неговите божествени идеи се слави и прославува денешниот напредок на науката на сите полиња. За нас, христијаните, Православната вера е Откровение, тоа е верата на која и ја должиме писменоста и просветата, која што не сочувала низ вековите. Православната вера, за нас е начин на живот, што се отсликува во сите пори на општественото живеење. Православието е помошник на сите науки, и тоа ги благословува вештините и пронајдоците, тоа ја осветува слободата на мислата, ја чува светињата на честа, на името и слободата, тоа е напредок, за кој што копнее целиот свет.

Но, после 2.000 години благотворна работа на препородување на овој свет, треба да си поставиме едно прашање. Со што и благодариме или како ја почитуваме денес Православната вера?

Денес, не треба да полемизираме со еретици и безбожници. Денес, треба да полемизираме со себеси, за незнењето и непочитувањето на сопствената вера. Најсветата вера во Христа Спасителот, која што во центарот на незнабожечките заблуди засветли како сонце меѓу облаци; која во средината на трњето од ереси процвета како прекрасен цвет; која при ужасните гонења славно победуваше – таа вера денес е помрачена, подзаборавена и слабо почитувана меѓу христијаните. Ние веруваме во нашиот Спасител и Господ, но во познавањето на верата сме слепи, а со делата сме мртви и затоа нашата вера не е потполна. Непотполна е во познавањето, бидејќи не знаеме во што веруваме; непотполна е во делата, бидејќи не живееме како што веруваме.

Затоа денес на празникот на Православието, да го промениме својот однос кон верата – православна христијанска. Да ги посетуваме храмовите почесто, да си ја научиме верата на нашите предци и со дела да ја сведочиме, бидејќи како што телото без дух е мртво, така и верата без добри дела е мртва. Да постиме од храна, но и од страстите да се воздржуваме, да се исповедаме, но и со сите да си простуваме и од срцата да ја искорниме секоја злоба и омраза. Да се причестуваме, па примајќи го Христа – како христијани да се однесуваме, на непријателите да им простуваме и за нив да се молиме. Како што четириесет денови, во ноевиот ковчег заедно живееја лавот и телето, волкот и овцата, и како што заедно иста храна јадеа, и ние како христијани да живееме заедно во мир со сите оние кои ни мислат зло.

Само ако вака живееме, ќе разбереме во што веруваме и ќе живееме како што веруваме. Само ако вака живееме, нашата вера нема да биде непотполна, бидејќи ќе биде споена со добри дела. Само со добри дела, како вистински христијани и членови на Црквата, ќе можеме да живееме во Црквата и да се ползуваме од нејзините поуки, од постот и молитвата, од исповедта и светата Причест, кои што не водат низ Великиот пост, па радосно со чисто срце и чиста совест ќе го дочекаме светлиот празник на Христовото Воскресение.

Бог, по молитвите на сите светии, нека го отвори нашите срца за разбирање на неговите поуки, а ние како вистински христијани, да ја живееме и да ја проповедаме Православната вера, со зборови но и со дела.

Амин.