Недела на свети Григориј Палама (31.03.2013 12:22)
Во втората Недела од Великиот Пост (31.03.2013 г.), кога го славиме споменот на свети Григориј Палама, во црквата на свети Никола во Куманово, Епископот Лешочки г. д-р Јосиф, отслужи Света Василиева Литургија. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Во втората недела од Великиот пост, светата Црква го слави споменот на свети Григориј Палама, еден од врвните богослови од периодот на доцната Византија, чие дело слободно можеме да речеме дека претставува врв на развојот на православната мисла.
Учењето на светителите, не е апстрактно, туку е опитно. Светителите говорат врз основа на својот личен опит. Откако својот ум, ќе го ослободат од робувањето на разумот, страстите и условите на окружувањето, умот станува просветлен од божествената благодат и воден кон созерцание на Бога, и на тој начин, светителите стануваат потврдени како вистински учители. Тие говореле за Бога бидејќи здобивале созерцание на Бога.
Свети Григориј Палама спаѓа токму во оваа категорија. Неговото учење се надоврзува на православното предание, а тоа е исихастичкиот начин на живот. Богословските идеи на свети Григориј Палама имаат исклучително значење во историјата на Православната Црква.
Целиот свој живот, Палама го посветил на богословската вистина фокусирана во една точка: живиот Бог е достапен на човекот, бидејќи Тој го споделил својот живот со човечкиот род.
Возљубени во Господа, свети Григориј се родил 1296 година во Константинопол, во благородно семејство блиско на дворот на царот Андроник II. Тој останал без татко на седум годишна возраст, а своето образование го продолжил на државен трошок. Детално ја проучувал Аристотеловата Логика, што било вообичаено за византиското образование. На дваесет годишна возраст го прифатил монашкиот подвиг и заминал на Света Гора, неговиот пример го следеле и неговата мајка, двајцата браќа и двете сестри.
Свети Григориј на Атон живеел во братството на манастирот Голема Лавра, а извесен период се подвизувал како еремит во скитот Глосиа. Во 1325 година поради турските напади со неколку други монаси се засолнил во Солун, а во 1331 година повторно се вратил на Атон, и продолжил да се подвизува во келијата на свети Сава во близина на манастирот во кој претходно живеел. Од 1335 до 1336 бил и игумен на Есфигменскиот манастир.
Свети Григориј Палама во 1347 е избран за архиепископ Солунски. Се упокоил на 14 ноември 1359 година, а во 1368, со одлука на Синодот на Константинопол со кој претседавал патријархот Филотел, бил прогласен за светител. Неговото нетрулежно тело денес се наоѓа во митрополиската црква во Солун која го носи неговото име.
Возљубени во Господа, мистиката на исихазмот актуелизира длабоки и суштествени богословски прашања. Во исихазмот се остварува личната средба на човекот и Бог. Токму оваа средба на секоја поединечна конкретна личност со единиот Бог, отвара суштествени прашања како што се: 1) Постои ли можност од познание и пристап кон Бог? 2)Дали човекот има потенцијали за обожување? 3)Која е целта на човековото егзистирање?
Свети Григориј Палама сите овие прашања ги анализирал со потенцирањето на разликата помеѓу Божјата суштина и Божјите енергии, така тој го решил проблемот на неспознатливоста и спознатливоста во Бога. Бог е целосно непристапен кога станува збор за суштината, но целосно му се открива на човекот преку Своите енергии. Меѓутоа како што истакнува Палама, Божјата неспознатливост не значи агностицизам, или ускратување да се спознае Бог, туку претставува претходен чекор кон промена на умот, која ќе ни овозможи да го достигнеме созерцанието на Бог.
Вистинското познание на Бог е можно и подразбира преобразување на човекот. Со ваквиот приод кон проблемот на искуството на Бог, се отвора антрополошката перспектива во богословието на свети Григориј Палама.
Драги браќа и сестри, човекот е способен да ја надмине својата сопствена природа, и бидејќи е создаден според Божјиот лик, поседува орган за набљудување кој не е од овој свет. Ваквата способност на човекот подразбира отвореност на човекот, кога под дејство на слободата, личноста ги сака другите и Бог, и ги познава во љубовта.
Вистинската заедница со Бог, за Палама претставува суштина на христијанската вера. Таа заедница е можна бидејќи Бог станал човек, за човекот да може да се обожи. Така заедништвото со Бога во Христа, е реално и непосредно.
Возљубени во Господа, според учењето на Палама, Бог не е нешто што може да се достигне со разумната способност на човекот. Тој е источник и првообраз на вистинската красота, и како Таков, му се открива на светот во нетлената светлина на Својата Божествена Слава. Палама, го истакнува учеството на целиот човек во актот на познание на Бога и соединување со Него.
Сите аскетско-богословски прашања кои потекнуваат од проблемот на заедницата на човекот со Бог, свети Григориј Палама ги поставува во една нова проблемска целина. Првиот степен во духовното растење е токму очистувањето на срцето. А аскетско-исихастичкиот подвиг е единствениот пат за човекот да ја достигне таа состојба на очистување од сите лоши страсти кои навлегле во човековото срце.
Основата на учењето на свети Григориј Палама, е во учењето за можноста човекот да стане личност уште овде на земјата. Неговата теорија на личноста е детерминирана од: христијанското поимање на феноменот на обожувањето, Божествената неспознатливост и спознатливост, создавањето на човекот според образ и подобие на Бога како и од мистичното единство со Бога во исихазмот.
Драги браќа и сести, Свети Григориј Палама, јасно сведочи за обожувањето како конечна цел на човековото суштество во неговото целосно душевно и телесно единство. Тој учи за човековата предназначеност кон обожувањето: човечкото создание пред сите било создадено според образот Божји; во него била многу истакната блискоста Божја, со што и станало возможно да се соедини со Него (Бога) во една ипостас. Според Палама, обожувањето не е идеја, не е теорија, не е догма, туку пред сѐ и над сѐ факт на внатрешниот живот.
Целата концепција на човекот во православниот синергизам се јавува како бескомпромисно утврдување на важноста и достоинството на човековата личност. Нам ни е дадена можноста од непосредно единство со Бога… Кога ќе се јави Благодатта, таа неограничена од било што, делува без посредници истакнува Палама. Благодатта на обожувањето според Палама е дар кој му е даден на секој христијанин.
Реалното соединување со Бога, на човекот му се дава на секоја света Литургија, и со самата таа можност за обожување уште за време на животот, човекот личност, кој се уподобил на Бога, го живее царството Божјо уште на земјата и тој ја достигнал вечноста.