Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божествена литургија во соборниот храм св. Никола во Куманово (22.05.2013 11:07)

По повод патрониот празник пренос на моштите на св. Николај во Бари на 22.05.2013 година во соборниот храм св. Никола во Куманово Негово Преосвештенство г. д-р. Јосиф Епископ Лешочки отслужи Света Архиерејска Литургија, а потоа им се обрати на присутните верници.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Секој светител и секој угодник Божји за нас претставува вистински пример за правилно живеење, пример кој е посведочен со дела но и со живот. Секој светител не учи, како треба да живееме за да се удостоиме да станеме жители на Царството Небесно.

Драги браќа и сестри,

Денес кога го празнуваме споменот на свети Николај, мирликискиот чудотворец, ние имаме пример за животот, но и правило на верата и образец за кротоста. Неговата постојана и топла вера, милосрдноста и доброчинството кон сиромашните го направија слободно да може да се застапува за нас пред нашиот небесен Отец. Затоа ние му се обраќаме во молитва кога сме болни и во жалост, во опасности и во невољи, но и кога сме радосни и кога благодариме и кога го славиме неговиот спомен.

Само со топла вера, со христијанска кротост и со воздржување човекот може да се одликува и со добротворство, кое што ги прославува оние кои добро прават. Со тие добродетели и свети Николај се прославил. Затоа и ние денес, кога го славиме неговиот спомен, да се сетиме на неговиот живот, да си спомнеме на неговите добри дела и да го следиме неговиот пример. Бидејќи залудно ќе се обидуваме да докажуваме за Бога, ако со личниот живот не можеме да посведочиме. Христијанинот мора постојано да светли со вера и со љубов.

Возљубени во Господа,

Да се биде христијанин во времето кога живеел свети Никола, значело да се биде осуден на страдање, на малтретирање, на понижување па дури и на маченичка смрт. Но сепак, во тие тешки времиња, луѓето масовно и пристапувале на Христовата наука, јавно сведочејќи ја својата вера, примајќи доброволно страдање и крст што им ги носело името Христијанин. За жал денес ние полесно се сообразуваме со средината со луѓето околу нас, без разлика што не мислиме исто со нив и што не веруваме исто како нив. Тоа е затоа што денес имаме многу малку сведоци на верата христијанска. Дури и ние самите што се нарекуваме христијани, со животот не го сведочиме тоа што го исповедаме. Затоа, да подразмислиме малку за нашиот однос кон верата и кон Црквата.

Свети Никола, живеел во време кога една стара цивилизација постепено исчезнувала, истрошена од животот без љубов, без човекољубие и без светост. И во тие мрачни години кога Црквата била постојано гонета, луѓето како свети Никола вистински светлеле и им го покажувале патот на нивните современици. Тогашните луѓе, гледајќи го примерот нивни, се напојувале со вистина, вера и љубов.

Драги браќа и сестри,

Од времето на свети Никола, навистина има поминато многу време, целосно е променета политичко-економската карта на светот, многу филозофии и учења се појавиле и со текот на времето исчезнале. Науката ни открила многу тајни, денес многу повеќе се знае за сѐ, многу подобро се живее, и многу побрзо се исполнуваат секојдневните обврски.

Меѓутоа, иако светот многу е променет, тој сепак останува една голема мистерија за човекот. И денес луѓето се радуваат и тагуваат, се раѓаат и умираат. И денес ниедна наука не може да одговори зошто човекот живее?

Нашиот Господ Исус Христос, на ова прашање Го дал одговорот. Љубовта Божја го создала човекот, го создала во сѐ еднаков на Бога, освен во поистоветувањето со Него по природа. Од љубов Синот Божји се воплоти, страдаше и беше погребан и воскресна во третиот ден. Од љубов ни го подари Неговото Царство, кое не ќе има крај. Тоа Царство, Бог нам ни го приготви, но не да бидеме слуги, туку да бидеме цареви, зашто сме Негови синови.

Возљубени во Господа,

Секогаш во животот да го имаме за пример свети Никола, за тоа како се живее христијански, но и како се сведочи верата христијанска. Секогаш да се сеќаваме дека славата на човекот на земјата е во исполнувањето на законот и вољата Божја.

Бог, по молитвите на свети Николај, мирликијскиот чудотворец, нека го удостои со Царство Небесно секој христијанин, кој што го слави неговиот спомен и се угледува на неговиот живот и дела. Амин.

 

Известува о. Жико Тодоровски