Биографија на Митрополит Полошко-кумановски Кирил (11.06.2013 16:47)
На 6 април 1964 година примил монашки завет, а на 7 април истата година, на празникот Свето Благовештение, бил ракоположен во ероѓаконски чин во манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево. Монашењето и ракопоагањето ги извршил Негово Блаженство Архиепископот Доситеј, обновителот на древната Охридска Архиепископија. Пролетта 1965 година, како член на делегацијата на МПЦ предводена од Архиепископот Доситеј, во својство на архиѓакон, за првпат ги посетил Канада и САД.
Истата година, есента, заминал во Московската Духовна Академија, во Сергеев Посад, каде што во 1967 година го завршил 1. (првиот) степен на студиите. Веднаш потоа од Поглаварот на МПЦ бил повикан да се врати во Татковината, поради потребите на Црквата.
На 5 јули 1967 година, на редовната седница на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, која се одржала во Архиепископската Резиденција во Криви Дол, бил избран за викарен епископ на Архиепископот Доситеј, со титула Тивериополски.
Наречението било извршено на 11 јули 1967 година, во тогашниот соборен храм „Свети Димитриј“ во Скопје, а следниот ден, во истиот храм, била извршена и хиротонија во епископски чин, од страна на Архиепископот Доситеј и епископите на МПЦ - Климент, Наум и Методиј.
На 17 јули 1967 година, како архиереј, член на САС на МПЦ, во црквата „Свети Климент Охридски“ во Охрид, учествувал во донесувањето и ја потпишал историската одлука за обнова на автокефалноста на Македонската Православна Црква, во лицето на нејзината денешна канонска наследничка и продолжителка - МПЦ. На тој 17-ти, како и следниот ден, на 18-ти јули, зел активно учество на III историски Црковно - народен собор во Охрид, во црквата „Света Софија“ на кој била донесена одлуката на САС за обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија.
На тој Собор била донесена и Одлука и за формирање на Американско-канадската и Австралиската македонска епархија, па дотогашниот викарен епископ Кирил бил именуван за прв митрополит на таа епархија. Во 1969 година Митрополитот Кирил заминал за Канада, во Торонто, во седиштето на Епархијата, со цел одблизу да ја организира дејноста на оваа прекуокеанска епархија.
Со Австралиската епархија, која во 1974 година беше одвоена од Американско-канадската, активно раководел до 1982 година, а со Американско-канадската до 1986 година. Во периодот на раководењето со овие епархии, од 1971 до 1986 година, администрирал и со Полошко-кумановската епархија. Во 1986 година бил назначен за митрополит на Полошко-кумановската епархија.
Започнатите студии во Русија целосно ги завршил во 1981 година, на Теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, со одбрана на дипломскиот труд „Македонските православни црковни општини во прекуокеанските земји (Историски развој, дејност и значење)“.
Тој е коавтор на монографијата „Почит кон Свети Кирил Солунски - Десете поклоненија на Светокириловиот гроб во Рим“ - Скопје, 1979 година. Од 1968 година па наваму повеќе пати бил водач на црковната делегација на САС на МПЦ во Рим по повод празникот на светите Кирил и Методиј на 24 мај. Автор е и на повеќе студии, говори и проповеди, главно со црковно-патриотска и богословска тематика, објавени во списанија на МПЦ.
По упокојувањето во Господа на Архиепископот Доситеј, односно од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот за поглавар на Архиепископот Ангелариј, ја извршувал должноста местобљустител на архиепископскиот трон на нашата Света Црква.
Прогласен е за почесен граѓанин во преку 15 градови во САД и Канада и во неколку во Австралија.
За време неговото архипастирствување со прекуокеанските епархии добитник е на повеќе признанија, плакети како и орден заслуги за народ.
Од страна на МПЦ ги добил највисоките признанија и одличја, меѓу кои и Орден на Свети Климент од Прв ред.
Во раните утрински часови, на 11 јуни 2013 година, се упокои во Господа.
До последниот ден беше редовен член на САС на МПЦ, а пред тоа членуваше скоро во сите највисоки органи и тела на МПЦ.