Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение од вонредната седница на САС на МПЦ (11.06.2013 16:52)

 

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква по повод упокојувањето на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски Кирил, со почеток во 14:00 часот, во Македонската архиепископија, одржа вонредна седница.

На оваа седница беше утврден протоколот за текот на настаните поврзани со погребението на митрополитот Кирил.

На 12 јуни 2013 г. (среда), одарот со телото на починатиот митрополит, од 08:30 – 10:00 часот, ќе биде изложено во храмот „Свети Никола” во Куманово, каде што Литургија со парастос ќе служи Неговото Преосвештенство викарниот епископ Лешочки г. Јосиф.

На 13 јуни 2013 г. (четврток), одарот со телото на починатиот митрополит, од 08:30 – 10:00 часот, ќе биде изложено во храмот „Светите Кирил и Медодиј” во Тетово, каде што Литургија со парастос ќе служи Неговото Преосвештенство викарниот епископ Лешочки г. Јосиф.

На Заупокоената Литургија, на 14 јуни 2013 г. (петок), со почеток во 09:00 часот во соборниот архиепископски храм „Свети Климент Охридски” - Скопје, ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со митрополитите Повардарски г. Агатангел, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион и Епископот Лешочки г. Јосиф. Опелото ќе се изврши со почеток во 11:00 часот, на кое ќе присуствуваат сите архиереи и претставници на епархиите и институциите на Македонската православна црква.

Погребот на Митрополитот Кирил ќе биде во 13:00 часот, во манастирот „Свети Ѓорги” во с. Дељадровце.

Книгата на жалост ќе биде отворена секој ден, од 11 до 14 јуни 2013 г., од 09:00-19:00 часот во Македонската архиепископија, а денот на погребот - 14 јуни 2013 г. (петок), е ден на жалост во Македонската православна црква.

Вечен нека е споменот на блаженоупокоениот Митрополит Полошко-кумановски Кирил!

 

ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ