Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Опело и погребение на блаженоупокоениот Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил (14.06.2013 14:27)

На 14.06.2013 година, во соборниот архиепископски храм на св. Климент Охридски во Скопје,  Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитите г. Агатангел, г. Пимен, г. Иларион, како и г.  Јосиф Епископ Лешочки, отслужи Света Архиерејска заупокоена Литургија за блаженопочинатиот Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил.

Голем број на свештеници, монаси, верници и пријатели од сите епархии за последен пат се простија од својот многупочитуван Архиереј. Исто така од блаженоупокоениот Архиереј се простија и претседателот на Р. Македонија г. Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собрание на Р. Македонија  г. Трајко Вељановски, премиерот на Р. Македонија г. Никола Груевски, претставници од Римокатоличката Црква, пратеници во Собранието и др.

Опелото на блаженоупокоениот Митрополит Кирил го извршија Архиереите на Македонската Православна Црква предводена од  Архиепископ г. г. Стефан, Митрополитите г. Петар. г. Тимотеј, г. Агатангел, г. Наум, г. Пимен, г. Иларион, како и Епископите г. Климент, г. Јосиф Велички  и г. Јосиф Лешочки.

Збор пред присутните зеде Архиепископот г.г. Стефан кој ја истакна големата заслуга на блаженопочинатиот Архиереј, како еден од потписниците на историската одлука за прогласување на автокефалноста на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија во 1967 година, како и големиот придонес во работата на тогашната Американско-канадско-австралиска епархија како и Полошко-кумановската епархија.

Од блаженоупокоениот Митрополит Кирил се прости и претседателката за верски прашања г-ѓа Валентина Божиновска која исто така ги истакна заслугите на многупочитуваниот Архиереј.

На крајот се прости  г. Јосиф Епископ Лешочки, кој е викарен епископ на Полошко-кумановската епархија.

Погребението се изврши во манастирот на св. Георги во с. Дељадровце по аманет на блаженоупокоениот Архиереј.

Нека му е вечен неговиот спомен! Амин.

 

Известува: о. Жико Тодоровски