Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На Петровден во Крива Паланка (21.07.2013 15:29)

На празникот на Свети Петар и Павле (12.07.2013 г.), Неговото Преосвештенство Епископот Лешочки г. д-р Јосиф, служеше Света Златоустова Литургија во манастирот на Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Денес, многу често слушаме дека верата постепено застарува, дека не може да одговори на современите сфаќања за светот и животот. Таквите ставови го потресуваат битието на секој човек, зашто отвораат многу дилеми и многу проблеми за кои што наоѓаме решение во верата. Ако ја нема верата, проблемот за смислата на постоењето и целта на животот, повторно се појавува и целосно го расколебува животот на верниците.

Драги браќа и сестри,

Денес, Светата Црква го слави споменот на двајца апостоли Петар и Павле, кои што обединуваат две крајности во светот, обединуваат два наизглед спротивставени концепти за животот, верата и науката.

Петар, кој што прв Му пришол на Христа, и кој што бил освоен од Него со Неговата појава, бил вистински образец, на човек, роден за вера, за онаа вистинска вера, за Евангелието на Христа Спасителот, Синот Божји. Тој, Му пришол на Христа лесно, со искрена вера и цврст карактер.

Павле пак, е образец на сосема друг тип на човек. Евреин но со ромејско воспитување. Ревносен почитувач на Мојсеевиот старозаветен закон, формалист, целосно предаден на традицијата на својот народ и на својата старозаветна Црква, без никаков слух и осет за нешто што е поразлично од учењето на официјалните еврејски духовни авторитети. Неговите ставови кон христијаните целосно се променуваат при една случка, кога патува кон Дамаск, во мисија да ги врати во Ерусалим пребеганите Христијани за таму да им се суди. Тој доживува чудо, му се јавува Самиот Христос и го опоменува: Савле Савле, зошто Ме гониш? Тој заслепен од чудесна светлина, паднал на земјата и било потребно подолг периот да помине дедека целосно да се оправи. Но, видот, целосно никогаш не му се повратил. Тој останал со слаб вид до крајот на животот, за постојано да се сеќава на таа случка, кога Бог го повикал. После таа случка, тој им пришол на останатите апостоли како нивен брат и станал најпрославениот апостол Христов.

Возљубени во Господа,

Со голема смисла, и длабока промисла Господ Исус Христос, најголемата мисија и најтешкото бреме за Црквата го ставил на плеќите на овие двајца чудесно различни апостоли. Различни по образование и воспитување, различни по потекло, различни по карактер и различни по сѐ она што може да биде одлика на една личност.

Петар, бил потполно необразован, а Савле Павле бил многу образован. Петар бил од работничко потекло, син на рибар а и самиот бил рибар, додека Павле бил од угледно семејство и упатен во сите знаења од неговото време. Петар бил понекогаш колеблив, подложен на страв и слабост, додека Павле бил максимално упорен и кога ги гонел христијаните и кога покасно го ширел христијанството.

Со овие разлики, во потеклото, образованието, карактерот и однесувањето, нашиот Спасител ни докажа дека Евангелието може да биде достапно до секој човек, сиромашен или богат, образован или неук, колеблив или упорен.

Драги браќа и сестри,

Денес, има многу образовани луѓе, противници на Евангелието и на Црквата, но и ревносни верници и проповедници на верата. Денес, има исто така многумина кои лесно му приоѓаат на вистините од Евангелието Христово, но потоа тешко прифаќаат во текот на животот да живеат според заповедите на верата.

Но, што се очекува од нас како христијани? Да бидеме честити како Петар или упорни како Павле, секогаш спремни да ја сведочиме вистината, па ако има потреба да умреме за неа, чесно, родољубиво и свето, или смирено да го проповедаме словото на верата.

Бог не бара од нас да правиме чуда или со сила да го проповедаме Евангелието, Бог не бара да бидеме поразлични од она што сме како вистински личности, создадени според Образ и Подобни на Бога. Петар сведочеше со голема вера, а Павле со исконска упорност.

Сите ние, сме еднакво градени, но не сме сите призвани на ист начин. Малкумина се дарувани да откријат нешто ново, но сите ние сме повикани да ја откриваме добрината во нашите срца. Зашто сите ние сме еднакво прифатени од Бога, како Негови сведоци со животот за вистината. Сите ние, барем малку можеме да го следиме примерот на овие двајца апостоли, и освен со зборови и со дела да сведочиме како треба да се живее христијански. Двајцата апостоли, Петар и Павле, чиј што спомен денес го празнуваме, нека бидат наш пример во животот. Секогаш да им се обраќаме со вера и молба да бидат наши застапници пред Христа, нивниот и нашиот Бог.

А Господ Исус Христос, кој што ги повикал да го проповедаат Евангелието за Царството Божјо, кој што ги прославил и озарил со нетварна светлина, сите нас нека не озари со таа светлина за вечна слава во Единосуштната Троица и за живот вечен. АМИН.

 

 

 

Известува: ипоѓакон Александар Стефановски