Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Информирање за криминалното и незаконито работење на Јован Вранишковски, поранешен архиереј на Македонската Православна Црква (26.08.2014 12:47)

 

Во прилог Ви доставуваме информација за криминалната активност на Јован Вранишковски, поранешен архиереј на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Ова е, веруваме, можност да се запознаете со неговата незаконита дејност во МПЦ-ОА и причините за обвиненијата и пресудите против него. 

Се надеваме дека на овој начин ќе ја дознаете вистината за него и ќе ја увидите неправдата што ѝ се нанесува на Македонската православна црква.

Со почит, 

 

          АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

                               СТЕФАН

 

 


Бидејќи зачестија изјавите и пораките дека „нема продолжување на разговорите меѓу Српската и Македонската Православна Црква (МПЦ) додека Јован Вранишковски, поранешен митрополит на МПЦ е во затвор”,  дека „нема признавање на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) додека се гони црквата на Јован”, дека „кривичниот прогон и осудата на Јован е прогон и осуда на Српската Православна Црква”, или „како може епископ да биде во затвор”, дека „тој е современ маченик” како и неоснованите забелешки на некои меѓународни претставници и институции, како и организации за заштита на човекови права и слободи, упатени кон Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Република Македонија (Р.М), најдовме за потребно, во интерес на вистината, а врз основа на поднесените и донесените судски акти за него, накратко да го изложиме неговиот случај. [1]

Имено, Јован (Вранишковски) е поранешен архиереј во Македонската Православна Црква, кој во периодот од 1998 – 2002 г., од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква (САС на МПЦ) беше поставен на повеќе послушанија/функции, и тоа: прво, како викарен епископ на Преспанско-пелагониската Епархија, потоа администратор на Брегалничката, а најпосле и надлежен архиереј на Повардарската Епархија. Поради докажани финансиски злоупотреби, направени и во трите епархии, Синодот на Македонската Православна Црква, со Пресуда САС бр. 250 од 10 јули 2003 г., го лиши од епископски чин.

Во 2004 г. и Основното јавно обвинителство од Велес поднесе обвинителен акт против него за кривично дело затајување. Потоа, Основниот суд во Велес утврди дека  во периодот од 11 јуни 1998 г. до 09 јули 2002 г., во повеќе наврати, за себе и за други лица противправно прибавил пари од значителни износи кои му биле доверени (вкупно: 14.804.211 денари).[2]

Така:

– износот од 375.540.00 денари (во периодот од 01 март 1999 г. до 18 јануари 2000 г.), собран во Преспанско-пелагониската Епархија на име Архиепископски разрез, без согласност на епархиските тела, ги потрошил за други намени.

– Износот од 1.000.000.00 денари од Владата на РМ (бр. 23-4740-1 од 01 ноември 1999 г.), доделени на Преспанско-пелагониската Епархија (со седиште во град Битола) преку Републичката комисија за односи со верските заедници, а уплатени на сметката на храмот „Свети вмч. Димитриј” (!) во Битола (наместо на жиро-сметка на Епархијата), со сметкопотврда од старешината на храмот, ги примил на рака, како да се средствата од Владата лично за него.

– Откако бил назначен за администратор на Брегалничката Епархија, со седиште во град Штип, по негово барање, Епархискиот Управен Одбор (ЕУО) на Епархијата донел одлука да бидат уплатени 16.555 германски марки на компанијата МАККАР од Скопје, а тој на рака примил 35.000 германски марки, со образложение дека за возилото BMW 320 d платил од сопствени средства (!). Истото возило отпосле го однел и во Повардарската Епархија, а на Брегалничката не ѝ ги вратил земените средства.

На 05 мај 1999 г., од сметката на Фондот за реконструкција на храмот „Свети вмч. Димитриј” во Битола, по фактура бр. 42/99, со негово одобрение, се исплатени 330.671.00 денари на ПП „ЕТИ” за што нема никаква документација.

На 23 август 2000 г. на сметка на Брегалничката Епархија (?!), бил уплатен износ од 396.000.00 денари за помош на храмот „Свети вмч. Димитриј” во Битола, по договор за цесија со ЈП „Електростопанство” на Македонија од Скопје и РЕК „Битола” со ХМС „Стрежево”. На 27 август 2000 г., средствата ги примил и задржал за себе, без да изврши уплата на сметката на храмот „Свети вмч. Димитриј” во Битола, за каде што истите биле и наменети.

Износот од 259.004.00 денари, наменет за пензиско и инвалидско осигурување, а врз основа на Договорот бр. 94 од 10 јуни 2001, меѓу него и ЕУО, наместо да биде уплатуван во соодветните фондови, тој ги подигнал од касата на Повардарската Епархија, со седиште во град Велес, и ги користел за лични потреби.

Средствата во износ од 56.000 германски марки, сопственост на манастирот „Свети Јован” во Ветерско, во Повардарската Епархија, наменети за електрифи­кација на манастирот, собрани од правни лица и индивидуални дарители, со негово одобрение се наменети за други цели: купување на возила за приватни фирми што тој лично ги раководел и за патни и дневни трошоци за роднини што ги ангажирал во неговите приватни фирми.

Епархиски средства од Повардарската Епархија во износ од 11.621.00 денари ги дал за регистрација на претствништво на негова фирма во Бугарија, 150.000.00 денари за учество при купување на трактори, како и 140.183.00 денари за купување набавка на стока за продажба преку фирмите што тој приватно ги контролирал, а по неговото заминување купените возила и стока не останале како имот во Епархијата со чиишто средства биле купени, туку тој бесправно ги присвоил.

За неговата фирма „Воскресение”, која нема никаква организациска поврзаност со Македонската Православна Црква купил зграда од АД „Велеспром-Малина” во Велес, во износ од 2.480.290.00 денари и 15.310 евра, средства од манастирот „Свети Јован” Ветерско, од манастирот „Свети Димитриј” Велес, од Фондот Параклиси во Повардарската Епахијата, од храмот „Свети Атанасиј” во Неготино и од епархиската каса, а притоа не оставил никаков документ од местата од каде што земал средства. (Потоа, истата зграда ја заложил како гаранција за фиктивна позајмица и истата наводно ја „изгубил” поради невратениот долг, односно средствата од 2.480.290,00 денари и 15.310 евра ги присвоил. Сета вистина за тој случај е утврдена, во постапка пред Судот од изјава на заштитен сведок, кому му биле дадени средства за да молчи, но нему совеста не му дозволила да ја крие вистината откако се уверил што и како работи некогашниот владика).

Средствата собрани од црковните продавници, во износ од 491.894.00 денари, ги присвојувал за себе, иако набавката се вршела со средства од Повардарската Епархија.

Плаќал изнајмен стан во Солун, со средства од Повардарската Епархијата, во износ од 34.362.00 денари, а за тоа ниту ја информирал Епархијата, ниту, пак, имал согласност од епархиските тела и органи. За истата намена потоа потрошил уште 169.144.00 денари.

Исто така, со пресуда на Основниот суд во Велес во 2002 г. е осуден за сторено кривично дела затајување. Имено, тој со умисла поттикнал службено лице од Повардарската епархија да ги подигне средствата од епархиската сметка, уплатени од донаторот г. Трифун Костовски преку Комак-корпорејшн од Виена Австрија за реконструкција на храмот „Свети Пантелејмон” во Велес, во износ од 57.180 германски марки. Средствата, наместо за реконструкција на храмот, завршиле во рацете на Јован, односно на неговата лична сметка во банка во Р. Бугарија.

Како архиереј во Штип, во име на Брегалничката Епархијата, склучил договор за закуп на деловен простор во Штип, за месечен износ од 240 марки, што го плаќала Епархијата. Просторијата ја користело негово приватно претпријатие, а приходот не влегувал во касата на Епархијата, туку останувал кај него.

Од средства во износ од 1.000.00.00 денари, кои биле донација за Повардаската Епархија за прослава на Јубилејот 2000 години од Христијанството, потрошил 992.754.00 денари за лични потреби.

Со решение ИВ КИОК. бр. 34/12 од 21 мај 2012 г., од Државното тело за борба против перење пари е спроведена истрага против истиот поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело перење на пари и други казниви дела. Имено, за да го прикрие потеклото на парите, износот од 4.940.790.00 денари, средствата ги поделил на роднини и пријатели, а тие ги уплатиле на Здружението „Анастасија” од Нижополе, над Битола (место каде што истиот има имот од своите родители и каде што најчесто престојува). Во текот на 2007 г. купил имот во КО Нерези Скопско, во износ од 140.911 евра... Судскиот процес по овие кривични дела сѐ уште е во тек.

Инаку, она што јавното обвинителство и надлежниот суд го потврдија, истото претходно беше констатирано и при ревизијата на неговото работење, како од Комисијата на Архиепископскиот Управен Одбор (АУО) на Македонската Православна Црква (Извештај бр. 67 од 12 мај 2003 г.), така и од Бирото за судски вештачења на Република Македонија (и тоа на двапати). Ревизијата од Комисијата на АУО беше направена по негово барање, додека истиот беше член на Синодот на Македонската Православна Црква. Наодите од неговото криминално работење најверојатно придонесоа тој потоа да побара спас со премин во Српската Православна Црква (!).

Кривичното дело затајување влегува во кривични дела со кои се нанесува штета по имотот на правните и физичките лица. Кривичните законодавства на секоја држава, па и на Република Македонија, содржат одредби со кои се заштитува имотот од незаконито стекнување. Неприкосновеноста на сопственоста е уставна категорија во секоја модерна држава. Принципот на законитост во кривичната постапка е основен принцип по кој постапуваат органите за кривичен прогон. Согласно тој принцип, независно од статусната и друга положба на лицето кое сторило кривично дело, тоа мора да биде подложено на кривичен прогон, доколку постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело предвидено во Законот. (Таков е случајот со поранешниот архиереј на Македонската Православна Црква, Јован Вранишковски, за кого со правосилни судски пресуди е утврдено дека сторил повеќе имотни кривични дела со што финансиски ја оштетил Македонската Православна Црква).

Инаку, тој подолг период, откако му беше изречена пресуда, а за да го одбегне издржувањето на казната, престојувал надвор од Македонија. Иако знаеше дека е баран од надлежните органи, со потерница, не сакаше да биде екстрадиран во Република Македонија, но мислејќи подоцна дека застарело неговото кривично дело, тој сепак самоволно влегол во Република Македонија и од граница бил спроведен таму каде што е и денес. Често се слушаа и коментари од оние кои не ја знаат вистината за него или, пак, го помагаа да го прави и истрае во злото[3], дека не личи владика да е во затвор и сл. Да, не личи, но уште помалку личи архиереј да злоупотребува средства на Црквата за која се заколнал дека чесно и верно ќе ѝ служи. Ако за такви и слични на неговите дела можеа да бидат лишени од положбата и еден патријарх во Ерусалим (Иринеј, Поглаварот на Ерусалимската Православна Црква), митрополит од Грчката црква (Пантелејмон од Атика), неколку архиереи во Српската Православна Црква (Артемие, Константин)... тогаш, зошто да не може и Јован Вранишковски, по направен криминал, да биде таму каде што заслужил да биде?! Зарем архиереите се ослободени од почитување на заповедите и законите Божји и од светите канони на Црквата, па и од архиерејската заклетва?

Наше беше да Ве информираме за некои факти и докази, за Ваше лично знаење, па имајќи ги предвид аргументите и на „другата страна” да го формирате Вашиот став и мислење и кон осудениот и кон Македонската Православна Црква, и да заклучите врз основа на што во заложништво се држи една древна Православна Црква, еден древен православен народ и се условува и се одлага решавањето на статусот на една жива Црква со длабоки историски и канонски основи? А дека причината за неговото обвинување и осуда е во неговото криминално однесување, говори фактот што другите тројца архиереи, негови собраќа, во т.н. Православна Охридска Архиепископија (ПОА) на Српската Православна Црква во Република  Македонија не се во затвор, иако и нивната дејност е сомнителна и нелегална.

Јована, конечно, никој друг не го однесе в затвор, туку го однесоа неговите криминални дела! И, се прашуваме: зар за вакви „страдања”, како што милуваат да ги наречат неговите ментори, се доделува епитетот мачеништво?! И кои се критериумите за добивање томос, за признавање на статусот, каков што тој и неговата ПОА добија од Српската Православна Црква?!

Ова е кратка историја за откриените материјално-финансиски дејанија и злоупотреби на некогашниот архиереј на Македонската Православна Црква, а за духовните штети, соблазните за народот и уривањето на угледот на Македонската и Црквата Христова, веруваме, ќе одговара и пред Вечниот и Праведен Судија. 

Јован Вранишковски да имаше доблест да ја признае докажаната вина и да ги надомести средствата што незаконито ги приграби од Македонската Православна Црква и да се покае, уверени сме дека сите надлежни органи, па и црковните, ќе стореа сѐ што е праведно. Но, длабоко сме уверени дека тоа не го посакуваат ниту тој, ниту Српската Православна Црква, зашто во тој случај би пропаднал проектот со т.н. Православна охридска архиепископија, како и митот за Јовановото мачеништво.

 


Русский Srpski Ελληνικά Български Română English

[1] Сите обвиненија и пресуди, освен кај осуденикот, Обвинителството и Основниот Суд во Велес, можат да се најдат и кај неговиот адвокат Васко Георгиев од Битола и во Адвокатската канцеларија Трпеновски во Скоје, која ја застапуваше Македонската Православна Црква. 

 

[2] 1 германска марка = 30.5 денари; 1 евро = 61.5 денари

 

[3] Расчинетиот владика добива месечни финансиски средства од Владата на Србија преку Епархијата во Врање, како и помош од епархии на Српската и Грчката Православна Црква и од православни епархии во САД и Канада и Други цркви и држави.