Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ПОЈАСНУВАЊЕ (28.12.2014 21:05)

Изминатава седмица во повеќе пишани и електронски медиуми беа објавени написи и коментари, во кои новинари и аналитичари се обидуваат да прикажат некаква произволна реалност во врска со процесот за признавање на МПЦ-ОА. Последен во низата написи е објавен во дневниот весник „Дневник“, на 27.12.2014 год., со наслов „МПЦ избира: или е автокефална или е комунистичко – партиска црква“. Пред сè, насловот се базира врз произволна претпоставка, и не почива врз реални аргументи. Низ содржината на текстот се провлекува идејата дека на МПЦ-ОА ѝ е поставен ултиматум, а одговорните лица во Црквата (епископите) се прикажуваат како некомпетентни за учесници во процесот на разговори. Едноставно, таков заклучок се изведува. При тоа, како најсоодветни и најподготвени за изнаоѓање решение се јавуваат новинари и извесни аналитичари, коишто се стручни за други области, но не и на полето на теологијата и на црковниот живот. Ова е така, затоа што ниту еден од коментаторите не е со богословско образование и не работи во рамките на црковната мисија.

Во горенаведениот текст, објавен во „Дневник“ се изнесени констатации, кои со себе носат голема тежина, а во основа се неосновани. Имено, во еден дел од напистот стои: „Рускиот предлог е отстапување од заклетвата што ја дал првиот македонски аехиепископ Доситеј во 1967 година“. Ние прашуваме: „Кој е тој руски предлог и во кој официјален документ на Московската патријаршија е објавена неговата содржина?“ Никаков конкретен предлог ниту, пак, ултиматум не постои. Токму затоа постојано се нагласува потребата од продолжување на разговорите со СПЦ. Процесот на разговори претпоставува дека допрва треба да се доаѓа до предлози и до модификации на истите. А учесници во тој процес се оние кои се богословски образовани, и кои соодветно на својата стручна подготвеност се поставени на конкретните позиции во Црквата. Но, во овој немаме основа да зборуваме за никакви предлози и дефиниции, од проста причина што процесот е речиси 13 години замрзнат. Затоа ја сметаме како тенденциозна и крајно неоснована наведената констатација.

Понатаму, извесен аналитичар Сашо Клековски, во истиот текст, изјавува: „За договорот што би се постигнал мора да има цврсти гаранции дека на крајот ќе резултира со црковна автокефалност. Невозможно и неприфатливо е МПЦ-ОА да ја отповика и да отстапи од својата одлука од 1967 година, а ако се согласи со такво нешто, на Синодот би му се случил бунт од верниците“. Според нашата евиденција, г. Клековски не поседува диплома од Богословски факултет, а сепак си се поставил во позиција на клучен фактор во процесот на признавање на МПЦ-ОА. Повторно, без никаква основа, тој дава некакви насоки и се обидува да ја изманипулира јавноста за нешто што не постои. И тој и нему сличните не придонесуваат ништо во полза на МПЦ-ОА туку, напротив, како да се ставаат во служба на туѓи интереси и се обидуваат да ја вжештат јавноста со измислени проблеми. А, ние, со сигурност тврдиме: Никој од нашиот Синод не изјавил дека МПЦ-ОА се откажува од целта – прифаќање во семејството на Православните цркви како автокефална и рамноправна со останатите, туку напротив!

На крајот, најполезно би било секој да си ја врши работата за којашто е стручно подготвен, на местото на коешто е поставен. Во Црквата постојат компетентни лица, коишто се одговорни да наоѓаат решенија и тогаш кога некои ситуации ќе се искомплицираат. Тие луѓе се поставени и задолжени да се гржат за црковниот поредок. Доколку некој сака да се занимава со богословски и еклисиолошки прашања и проблеми, тогаш најпрво ќе треба да се запознае со основите на Православната христијанска вера и, секако, со меѓуцрковните односи.

Имајќи ја предвид деликатноста со која можат да се соочат неупатените во црковните збиднувања, би ги замолиле добронамерните новинари и аналитичари, доколку во иднина се решат да пишуваат на овие теми, најпрво да се консултираат со надлежните и одговорни лица во Црквата. Кога нешто не ни е јасно и познато, логички и праведно е да побараме мислење од компетентни личности, наместо да изведуваме сопствени заклучоци, базирани врз измислени претпоставки, дезинформации или, не дај Боже, по нечии нарачки!


Од редакцијата на Скопска епархија