Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Духовно торжество во чест на Пречистанските преподобномаченици (09.04.2016 20:46)

27 март/9 април 2016 лето Господово,
Светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј

Во средината на чесниот Пост, откако се насладивме од благодатните дарови на Пречистата Дева, монашките собори од македонската земја се соединија повторно во нејзиниот сечесен храм на кејот на Вардар во Скопје, за да ги прослават нејзините слуги, Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј, кои не го поштедија својот живот и со крвта го запечатија подвигот на нивното сведоштво. 

Братски воспевајќи и прославувајќи ги, околу претстојателот на нашата најсвета Охридска архиепископија, г.г. Стефан, застанаа: архимандритот на Свештената Бигорска Обител, г. Партениј, архимандритот на Свештената Лесновска Обител, г. Дамаскин, Архимандритот на светиниколскиот манастир во с. Манастир г. Никола, како и игумените г. Фотиј, г. Агатон и г. Јаков, заедно со многу монаси од целата земја. Посебна убавина на бдението му даде и торжественото источно-православно пеење на монашките хорови од Бигорски и Рајчица, хорот Хармосини, како и на црковните хорови од Пробиштип и Радовиш. 

На лицата на верните, кои се беа собрале во стотици, беше видлива големата радост поради соборната прослава. 

Во оваа прилика, соборното монаштво на МПЦ-ОА од срце, молбено и смирено упати два апели, еден до Помесните Православни Цркви, а друг до Народот и Власта на нашата држава, а пак нашиот Архиепископ се обрати со беседа

Апел на монаштвото на МПЦ-ОА до Поглаварите на Помесни православни Цркви

Во овие сечесни и благословени денови на Великиот пост, дадени од Бога за усрден подвиг и добродетелен духовен напредок, ние, припадниците на монаштвото од Македонската православна црква - Охридска архиепископија, упатуваме јасен и недвосмислен апел до целата Православна екумена, а со тоа и до Поглаварите на Помесните православни цркви, за итно решавање на статусот на нашата Црква и нејзино прифаќање како автокефална Црква во рамките на сеправославната заедница – место што заслужно и без никакви пречки, историски или канонски, ѝ припаѓа како возобновителка на древната Охридска архиепископија, а не како на новосоздадена Црква. Овој наш повик особено се однесува на отците Архиереи од Српската православна црква, кои по многуте историски и мрачни премрежја на нашиот народ, останаа во своја рака да го држат клучот, но и одговорноста пред Бога за решавање на ова прашање. 

Сметаме дека овој измислен и повеќе политички, отколку еклисиолошки проблем, е непотребен и штетен на православното единство, особено во овие драматични времиња, кога Православието, но воопшто и целото човештво, се соочуваат со тешки искушенија. 

Прифаќањето на Охридската архиепископија како автокефална Црква во рамките на соборот на Православните цркви, не само што ќе исправи една историска неправда, туку ќе даде и духовна поткрепа и радост за нашето свештенство, монаштвото и верниот народ кои се изморени и разочарани од игнорирањето на сопствената Црква како рамноправна со другите, и тоа само од политички и овоземни побуди, кои немаат ништо заедничко со духовноста и евангелското слово. Ние како монаси, најприсно ги чувствуваме проблемите и состојбите што настануваат поради неправедно нерешениот статус на нашата Црква, кои само се надоврзуваат на многуте искушенија со кои се соочува верниот народ во Република Македонија. Затоа, со скрушено срце се обраќаме до Вас, богољубиви наши отци, неодложно да ја прифатите МПЦ – ОА како автокефална Црква во рамките на Православната екумена и со тоа да ја зацелиме многулетната рана на Православното тело. 

Ние не бараме ништо ново или измислено, само бараме да се примени 17от канон на 4от Вселенски собор во Халкидон, кој заповеда: „...со државните и граѓански форми на управа, нека следи и поредокот на црковните парикии“. Ова начало кое отсекогаш важело, е повторено, потврдено и применето од светиот Патријарх Цариградски, Фотиј Велики, според кого: „Црковните правила за границите, секогаш да соодветствуваат на правилата на државите“ (в. Φιλαρέτου Βαφείδου, Ἐκκλησιαστική Ἱστορία, том 2, стр. 53). Истото начало беше задржано и од најсветиот Константинополски престол и до наши дни, за што сведочи Црквата на Полска од 1924, Албанската црква од 1937, како и Црквата на Чешка и Словачка од 1998 година. 

Патот кој ние го врвиме веќе педесет години, го врвеа сите сестрински Цркви и на крајот, секоја во свое време, го доби очекуваното – во сопствените граници да има своја родна Црква, наместо духовен центар во туѓа држава, можеби братска и пријателска, но сепак – туѓа. 

Го молиме Семилостивиот Бог да го прими овој чин како благопријатна жртва и како чин на сеодана љубов кон Него и ближниот.

Апел на монаштвото на МПЦ-ОА до сите активни чинители, претенденти и носители на одговорни функции во политичкиот и општествен живот во Р. Македонија

Ние, припадниците на монаштвото од Македонската православна црква - Охридската архиепископија, кои, согласно нашето молитвено правило, секојдневно во своите молитви кон Бога ги спомнуваме оние што се на власт, упатуваме апел до сите активни чинители, претенденти и носители на одговорни функции во политичкиот и општествен живот во Р. Македонија, совесно и праведно да раководат со поверените им од Бога моќ и овластувања за напредок и благоуспевање на целото македонско општество, како и за доброто на сите граѓани на Р. Македонија, без разлика на нивната верска, национална и политичка припадност. Зашто, имајќи таква слобода да владеат и да донесуваат одлуки во името на целата општествена заедница, тие не треба да заборават дека имаат преголема одговорност пред Бога Семоќниот, Кој е извор на секоја власт, „Седржителот, Кој сè надгледува, Промислителот, Кој сè промислува, и Судијата, Кој над сите власт поседува, Чија Промисла со сè што постои целесообразно управува“. 

Целта на државната власт е со сите свои сили да настојува и да работи на општонародното единство, на зачувување на нашите вековни морални вредности, на исполнување на заветот на нашите предци, кои самопожртвувано се бореле за слободата на Татковината, не штедејќи ги ни своите животи. Затоа, Татковината наша е една огромна светиња, која со многу херојски подвизи и крв е спечалена; таа не е просто едно парче земја, ограничено во просторот, туку е свештен залог кој повикува од вековите и навлегува во иднината; државата наша не е само некаква општествена политичка организација, или формација за владеење над народот, туку таа е едно големо семејство, една заедница на слободни личности, „сојуз на слободни морални битија кои се здружиле меѓусебно, жртвувајќи дел од својата слобода за со заеднички напори да го зачуваат и зајакнат моралниот закон, којшто е неопходен за нивно постоење“. Сите оние кои на секаков начин се борат да дојдат на власт, како и оние што ја злоупотребуваат дадената им позиција на моќ, задоволувајќи ги безобѕирно своите лични интереси на сметка на другите, ја повредуваат таа заедница, го повредуваат своето семејство. Таквите нека знаат дека прават голем грев против Бога и ближните и, бездруго, за таквото дело ќе треба да дадат одговор на Страшниот Христов суд. 

 

Извор: bigorski.org