Сретение Господово (15.02.2005)
Денес во Штип, во црквата на Свети Никола, празникот Сретение Господово беше чествуван со Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Струмички г. Наум и надлежниот архиереј, Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, во присуство на бројни свештеници и ѓакони. Притекнатиот верен народ на Литургијата се причестуваше со Светите Христови Тајни.
„Се отвори небесната двер денес: беспочетното Слово на Отецот прими почеток во времето, не отстапувајќи од Своето Божество, од Дева како Младенец четириесетдневен, со Мајка Му волно се принесува во Црквата на Законот, и на раце Него старец Го прима, повикувајќи: Отпушти го Својот слуга, Владико, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што дојде во светот за да го спаси родот човечки, Господи, слава Ти!“ (вечерна стихира)
„Кон Богородица да притекнеме со желба да Ѝ го видиме Синот, од Симеон носен, Оној Кому бесплотните гледајќи Го од небесата Му се дивеа велејќи: Чудо гледаме преславно, недостижно и неискажливо сега, Оној Кој Адам го создаде Го носат како Младенец, несместливиот во раце на старец се сместува, Оној Кој е неизобразлив во пазувите на Својот Отец, волно со плот се изобразува, а не со Божеството, единствениот човекољубец.“ (икос на празничниот канон)