Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промоција на делото „Св. Климент Охридски - хагиографија и химнографија“ (03.10.2016 09:52)

Уважени почитувачи и проучувачи на светиклиментовото дело,

Благословени светиклиментови чеда,

 

            Пред нас е едно навидум мало дело, поради форматот, но многу големо поради својата актуелност, значење, содржина. Полека поминува 2016 лето Господово, година во која се удостоивме да го одбележиме многузначајниот настан за нашиот духовен и национален бит - илјада и стогодишнината од упокојувањето на најголемиот духовен, но и национален великан по кој се препознаваме и како Црква, и како народ и како држава - светиот Климент Охридски. Покрај сите други собитија и настани, подготвени во чест на свети Климент во оваа славеничка година, еве, го одделуваме, со особен интерес и потреба за истакнување, и делово што е пред нас - „Свети Климент Охридски, хагиографија и химнографија“, во издание Македонската православна црква.

Навистина, за свети Климент може многу да се говори, и содржински и временски. Но она што е значајно во неговата личност, а што е и суштествено за претставувањето на најновото издание на издавачката дејност „Канео“ при Дебарско-кичевската епархија, е токму светоста и култот на охридскиот светител и чудотворец. Несомнено, историските, книжевните и уметничките споменици сведочат дека свети Климент уште веднаш по своето блажено упокојување во Господа, бил прославен од Бога, а Црквата во Охрид многу брзо го развила и неговиот култ преку создавање на житијни творби, богослуженија, како и иконични и фрескописни претстави. Почитувањето на свети Климент како светител започнало најверојатно по неговата смрт (916 година), под влијание на неговиот свет живот и чудата што ги вршел, што се основни критериуми за утврдувањето на нечија светост, на што укажуваат неколкуте агиолошки дела од различен тип.

Првиот аргумент за најраната веројатност на Светиклиментовото почитување како светител, го споменува познатиот Туницки, кој се повикува на некои записи од Зографскиот манастир, каде што се вели дека во 919 година Климент веќе бил причислен кон соборот на светиите. Друго најстарото негово спомнување е во менологиумот на Асемановото евангелие од 11. век, под датумот 27 јули ст.ст. (лист 151а). Уште порано од ова се спомнуваат извесни словенски химнографски текстови од 10. век, или т.н. словенска служба на свети Климент Охридски, поместена во состав на празничниот минеј од 1435 година, што денес се чува во Софиската народна библиотека (под бр. 122). Ова дело најверојатно е составено од неговите ученици, што се докажува преку истоветноста на изразот на пишаното - со јазикот и стилот на свети Климент, и е употребувана локално, најпрво таму каде што почивале моштите на светителот, односно во охридскиот манастир, основан од светителот. Според ова, се доаѓа до заклучокот дека свети Климент бил мошне рано признат за светител, иако не може со сигурност да се каже кога официјално е извршена канонизацијата. Значи, најверојатно уште веднаш по упокојувањето, свети Климент бил прогласен за светител спонтано од клирот и народот во Охрид и Охридско, но неговиот култ мошне брзо се раширил по целата територија на словенските епархии каде што било продолжено делото на свети Климент.

Франтишек В. Мареш, во прилог на календарските посочувања на паметта на свети Климент, ги споменува и Охридскиот апостол од крајот на 12. век (лист 88а), каде што името на свети Климент се наоѓа под 25 ноември ст.ст., потоа Македонскиот (Струмички) апостол од крајот на 12. век, (лист 73а), каде што под 21 ноември ст.ст. се посочува: „(Памјат) архиепископа Климента“; и Скопскиот апостол од 14. век (лист 606б), со одбележување на споменот на охридскиот чудотворец на 25 ноември ст.ст. Исто така, Апостолот од 13. век, што се чува во  Народната библиотека во Софија(под бр. 882), каде што се посочува празникот на свети Климент на 27 јули ст.ст. (лист 141а). Баничкото евангелие од крајот на 13. век, ја посочува паметта на свети Климент на 27 март ст.ст.

Покрај веќе споменатите, постојат и потврди за уште неколку датуми кога се прославува свети Климент Охридски: 26 јули ст.ст. - „(Памјат) Климента, еп. Величскаго“, 22 ноември ст.ст - „(Памјат) св. Климента, епископа“, и 29 ноември - „(Памјат) Пр. Климента“. Исто така, во 18. век, во Охридската архиепископија постоело и преданието за прославување на свети Климент на 24 ноември, најверојатно како еден вид на претпразненство на празникот од 25 ноември.  

Подоцна се појавуваат и житија посветени на свети Климент Охридски, кои придонесуваат за особено и пораспространето ширење на култот, и тоа:

- Пространото житие на свети Климент Охридски од Теофилакт (ок. 1030 - 1107/8), архиепископот на Охридската црква, кое се појавило кон крајот на 11., односно почетокот на 12. век;

- Краткото житие на свети Климент Охридски, познато во науката и како Охридска легенда, од охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан (1165 - 1234), напишано меѓу 1216 и 1234 година;

Најверојатно, постоело и постар извор за животот и дејноста на свети Климент охридски, или т.н. Словенско житие, кое за жал претставува претпоставка на науката, а не и докажан факт. Основа за тоа дава архиепископот Теофилакт во својот животопис за свети Климент Охридски. Имено, во XVIII глава од Житието стои: (58) А нас, поради својата срдечна добрина, нè беше направил поблиски од другите и ние секогаш бевме со него, присуствувајќи при сè што правеше, говореше и кога учеше..., што алудира на две научни претпоставки, и тоа:

1. дека Теофилакт користел како извор постаро житие, факт што сам по себе би значел дека тој едноставно само го пренел тој дел, без да внимава на контекстот, кој очигледно зборува за современиците на свети Климент, а Теофилакт не бил тоа;

2. дека природата на неговата моментална дејност, односно позицијата што ја зазема - архиепископ на охридската катедра, го прави на некој начин следбеник и ученик на свети Климент. Фрагменти од ова житие се сочувани во Ватиканскиот ракопис од средината на XIII век (No. 1409); Ракописот од Иверскиот манастир на Света Гора од XV век; Ракописите од манастирот Дионисијат на Света Гора од XVI век (No. 274 и No. 280); Ракописите од библиотеката „Анжелика“ во Рим од XIV век (No. 34); Ракописите од библиотеката при Народното собрание во Атина (No. 83); Исто така, познати се и три полни преписи од ова житие: првиот препис е настанат во Охрид, но по некои индиции можеби во Москополе, во периодот од XIV - XV век, кој неколку столетија подоцна е однесен од страна на рускиот научник Виктор Григорович во Москва и денес се чува во библиотеката „В. И. Ленин“ (под No. 113). Друг целосен препис, кој датира од XIV или почетокот на XV век се чува во Ватопедската манастирска библиотека на Света Гора (под No. 1334); Третиот полн препис, пак, се чува во градот Урбана, во државата Илиноис, во САД, во библиотеката на тамошниот универзитет и се смета дека е напишан во 1520 година (под No. 2).

Опширното житие на свети Климент е поместено и во неколку печатени изданија, и тоа: Лав Алациј, во 1665 г., отпечати три извадоци од ова житие; потоа, во 1742 г., житието за првпат се издава во целост во делото на јеромонахот Григориј и монахот Михаил од Гора, во рамките на својот Москополски зборник; истото го прави и Амвросиј Пампериј кон крајот на XVIII век, издавајќи свое издание, кое не го земало предвид Москополското, најверојатно затоа што Пампериј ниту знаел дека постои веќе целосно издание на ова житие; подоцна житието се издава многу пати, и тоа од Меншчиков во 1855 г., со парарелен руски превод, а житието, заедно со другте дела на Охридскиот архиепископ Теофилакт, е застапено и во грандиозната Patrologia Graeca од Мињ со парарелен латински превод, како што е впрочем и со сите други текстови на оваа енциклопедија. Едно од најпознатите изданија е тоа на докажаниот руски славист Туницки, од 1918 г., направено според оригиналниот текст на Москополскиот зборник. За нас е интересно изданието на жититето во скратен текст на дебарски говор од страна на архимандритот Партениј Зографски во 1858 г. Исто така, многу познато е изданието со превод на говорен грчки јазик, што го прави свети Атанасиј Пароски, еднаш во Венеција, во 1784 г., а потоа и во Лајпциг, во 1805 г. Постои и црковнословенски превод на овој животопис, издаден од епископот Партениј Левкиски во 1958 г. И меѓу бугарските слависти има такви што се занимавале со конкретно изучување и научно иследување на ова житие, а попознати се изданијата на Ласков и Милев. Токму според бугарскиот превод на Милев, е направен и првиот превод на македонски јазик од страна на протоерејот-ставрофор Климент Малески и проф. Филип Каваев. Вториот превод на македонски јазик го прави Христо Меловски, во своето издание Москополски зборник. Едно од посовремените изданија е она на бугарскиот истражувач Илиев од 1994 г., кој прави критичко издание во кое поместува нов бугарски превод направен според грчки текст, кој е производ на сите познати ракописи. Приредувачите на изданието што е пред нас, посочуваат дека преводот на Пространото житие е правен врз основа на грчкиот текст во ова критичко издание.       

            Како поткрепа за развиениот култ на свети Климент се и богослужбите што постојат во негова чест. Познати се два типа служби: словенска и грчка. Првата, како што беше спомнато, е поместена во општиот минеј од 1435 година, што денес се чува во Софиската народна библиотека (под бр. 122). Службата е составена според принципите на Студискиот типик. Авторот е непознат, но претпоставките се дека се работи за близок ученик на свети Климент Охридски. Стилот и начинот на пишување толку се „светоклиментовски“, што Јордан Иванов констатира дека доколку не би знаеле дека службата е за него, би ја припишале на неговото перо. Оваа служба прв ја објавил Ефтим Спространов во Сборникъ Милетичъ во 1912 година, парцијално е издадена и од Ј. Иванов, а во 2000 година ја издава и Бојка Мирчева.

Грчката служба на свети Климент не постои како таква во некој заокружен облик, односно како целина создадена од еден автор, туку е компилативно дело, т.е. колективно дело на охридските архиепископи Теофилакт, Хоматијан, Кавасила и Григориј. Научните иследувања говорат дека, всушност, таа е создавана во периодот од 9. до 18. век, зашто и по оxридскиот арxиепископ Григориj (14. век) продолжила да се дополнува со творбите на Драчкиот митрополит Козма (17. век) и на Атанасиј Пароски. Оваа служба била издадена во Москополе, во периодот од 1740 - 1742 година, во изданието подготвено од Григориј Константинидис и Михаил Гора, а потоа и во Венеција, во 1784, според Ј. Иванов, односно 1748, според Константин Нихоритис. Познато е и изданието на Баласчев, направено според Струшкиот препис на службата во 1898 година. Се претпоставува дека службата е поместена и во изданието од Лајпциг (1761 г.), каде што се наоѓа и службата за свети Наум. Исто така, оваа служба е издадена и во изданијата на Калистрат Зографски од 1901 година, кој прави словенски превод според Москополското издание, потоа во публикацијата на Снегаров од 1956, во зборникот на Партениј, епископот Левскиски од 1958, како компилација од грчката и словенската служба, во која е поместен и акатист за свети Климент, творба на јеромонахот Василиј Белоусов од Кокаљанскиот маастир кај Софија, и фототипното издание на Ватопедскиот препис од К. Нихоритис (1986 година).

Исто така, познати се и повеќе други преписи на оваа служба. Интересно е да се напомене дека досега богослужбите за свети Климент, на македонски јазик се предадени преку превод од црковнословенски, и тоа од страна на протопрезвитерот-ставрофор Боро Ангеловски во 1966 година, како и од страна на протопрезвитерот-ставрофор Јован Таковски во 2008 година. Богослужбите за летниот и зимскиот спомен на свети Климент се издадени во „Светиклиментово слово“, како и во преводот на месечните Минеи, а исто така и во изданието Избор на богослужби. Во книгата што сега се промовира, е направен нов превод од црковнословенски на современ македонски јазик од страна на научниот соработник по предметот Црковнословенски јазик при Православниот богословски факултет во Скопје – протоѓаконот Николче Ѓурчиновски.   

            Сето досега кажано, оди во прилог и на ова последново, би рекол најпрецизното издание на современ македонски јазик на житијата и службите посветени на свети Климент Охридски. Затоа книгата „Свети Климент Охридски, хагиографија и химнографија“, како што ќе речат и самите приредувачи, претставува продолжеток на богатата збирка на хагиографски  химнографски творби посветени на свети Климент Охридски. Од една страна затоа што тука се поместени најнови преводи на современ македонски јазик на Житијата и службите посветени на свети Климент Охридски, а од друга страна затоа што книгата има и авторски дела: сосема нова служба за празникот Пренос на моштите на свети Климент Охридски, кој беше востановен во чест на преместувањето на моштите на овој блажен маж од храмот посветен на Богородица Перивлепта во манастирот на Плаошник, во 2002 година. Оваа служба, како и преводите од оригинален грчки јазик на Пространото и Краткото Хоматијаново житие за свети Климент (кое претходно е веќе издадено на современ македонски јазик во превод од грчки од страна на Весна Калпаковска во списанието „Пелагонитиса“) се дело на младиот и надежен теолог, Виктор Недески. Покрај споменатово, книгава содржи и сосема нов акатист, авторско дело на богословот Александар Димоски, кој досега во неколку наврати се истакнува со својата дарба за пишување на богослужбени текстови во поетска форма.

            Книгава претставува огромен влог на македонска научна јавност во славистиката. Нејзината вредност е дотолку поголема што покрај конкретното пристапување во преводите на современ македонски јазик и на житијата и на службите врз основа на оригиналните текстови, со што се одбегнува недоследниот и недоволно научно вреден пристап - превод од превод, кој стана навика во некои наши научни кругови, исто така имаме и авторски сочиненија на богослужбени текстови на современ македонски јазик, по востановените принципи на православната химнографија и хагиографија. Голема тежина дава и фактот што авторите, преведувачите и приредувачите на книгата се богослови, со завршено високо теолошко образование, и тоа на престижните богословски школи во Солун и Москва, што помогнало во давањето на вистинската суштина, би рекол - вистинскиот дух на поместените текстови, кој пред се е теолошки.

            Топло го препорачувам ова дело на пошироката македонска и светска јавност, напомнувајќи уште еднаш дека книгата „Свети Климент Охридски, хагиографија и химнографија“, покрај отсуството на стручна јазична редакција на текстовите, како и отсуството на редактор на изданието, е достоен влог на Македонската православна црква во празнувањето на 1100-годишниот спомен од упокојувањето на свети Климент Охридски.     

              СТЕФАН,

Архиепископ охридски и македонски