Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ДУХОВЕН ВЕЛИКАН ЗА СИТЕ ВРЕМИЊА (03.10.2016 09:48)

             

            Не може да се сокрие град

што се наоѓа на врв планина.

Ниту, пак, светило се пали и

става под поклопка, туку на свеќник

и им свети на сите в куќи.[1]

 

            Овој евангелски текст се чита на празниците кога го славиме споменот на поголемите Светии, истакнувајќи ја неоспорната вистина дека тие со својот живот навистина биле светлина на светот и светлина за народот. Тие никогаш не се поколебале во својата ревност, но биле упорни во истрајноста за да успеат да го исполнат аманетот што на сите нам ни го остави нашиот возљубен Спасител, давајќи ни апостолски предизвик: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен[2]. Значи, преку светото Евангелие, Господ и денес ни се обраќа и на сите нас, како следбеници на Оној Кој е светлина на светот, за да не дозволиме нашите светлини да згаснат, бидејќи само така, со Божја помош, ќе го осветлуваме најнапред својот пат, а потоа и патот на оние што залутале низ празнината на овој живот.

            Еве, веќе изминува годината во која одбележуваме исклучителен спомен - 1100 години од упокојувањето на нашиот светител и просветител, на нашиот непрестаен застапник пред престолот Божји - патронот на нашата света Македонска православна црква, на нашиот втемелувач на писменоста, литературата, јазикот, духовноста - светиот Климент, охридскиот чудотворец. Ете, токму тој е нашиот град што свети на врв планина, нашиот свеќник што ни свети на сите в куќи!

Многупати и многустрано досега е зборувано за него. Неговата личност и неговто дело се постојан предизвик и за духовниците, и за славистите, и за филолозите, и за историчарите на уметноста, и за учителите и учениците – за сите возрасти и за сите генерации. Многу е напишано – веројатно илјадници и илјадници страници..., многу е говорено – стотици и стотици слова... Но и многу податоци уште ќе се кажат и напишат, ќе се истражуваат и откриваат, и секогаш ќе има уште нешто да се докаже, да се донапише и да се дорече. За некои работи можеби и никогаш нема да дознаеме, и тие засекогаш ќе останат претпоставки и теми за натпревар меѓу научниците - каде е роден свети Климент, кога и каде им се приклучил на светите браќа од Солун, каде и до каде била неговата епархија итн. Но сето претходно спомнато не ја одразува доволно длабочината на Климентовата личност и на неговото дело, туку тоа е нешто друго, нешто што ќе ги надмине и времето и вековите и ќе остане да се посведочи во вечноста. Тогаш, што го прави свети Климент секогаш современ и близок на сите генерации? – Тоа што тој себеси се врзал со вечниот Христов идеал – да Му служи на Бога и на народот. Прекрасен е Бог во Своите светии[3]. А светоста е токму тоа што го прави свети Климент тоа што е, тоа што е неисцрпно во него, тоа што во него ни Го открива Бога, што мотивира и поттикнува, што води и осветлува.  

            Живееме во време полно со искушенија, но и време во кое ги забораваме и заменуваме вистинските вредности и се отстрануваме од пребивањето во полнотата на Вистината. И таквиот наш живот надвор од Црквата, надвор од вдахновувачките и вистинитите зборови на Евангелието, надвор од светите тајни кои Бог ни ги дал за да се спасуваме – ни донесува страв и неизвесност, непостојаност, неединство, себељубие, бесчуствителност, непокајание, многу горделивост, страстољубивост, дури до омраза и непријателство... А сите овие се спротивни на евангелските принципи, за кои во своите слова ни говореше и свети Климент, вдахновен од зборовите Христови: вера, добри дела, љубов, смирение, трпение, пожртвуваност, разумност, целомудрие, човекољубие, богољубие... За жал, нашето живеење со насладите од овој век, нашето престојување надвор од коработ на спасението - во кој единствено сме заштитени од високите бранови и страшните бури на овој свет, ни го усмери патот кон обезличување, кон губење на самобитноста, кон желба за правење компромиси на сметка на тоа што сме и секогаш сме биле – името, Татковината, слободата, јазикот, нацијата, верата, Црквата... Притоа, за нашите недела, нема поправање, нема покајание, нема барање ни давање прошка – нема помирување. Ја обезличуваме историјата и културата, со боите на божем новите вредности, боите кои сакаат да го избришат нашето достоинство, и национално и духовно.

Во училиштата, за свети Климент и за нашите просветители сѐ уште се учи многу малку, нема место за молитва дури ни на првиот училишен час, ниту за веронауката како редовен предмет. Но затоа има, дури задолжително, простор и време за маскембали, априлијади, денови на митолошки суштества и валентини, за суеверија и вештерки... Може наставникот да ги учи децата за разни теории, за новите права и дискриминации, за новиот либерален свет кој на човекот му нуди секакви права и чудни слободи, а не може, барем како задолжителна стихотворба, да се учи молитвата „Оче наш“? Ни се наметнуваат туѓи традиции и култури, по медиумите и плоштадите, на штета на нашето народно и духовно творештво.

1100 - годишната наша духовна историја, делото на свети Климент, преку него, неодвоиво, и на светите браќа Кирил и Методиј, на Седмочислениците, а со тоа на нашата азбука, писменост, литература, уметност, култура, духовност - досега многу скромно, па дури и воопшто не се спомнуваат во јавноста. Ќе се обидеме во еден ден и со една свеченост да ги собереме и искажеме сите наши чувства, емоции и благодарности кон свети Климент?! – И толку! А забораваме дека свети Климент и неговото дело не се само големи – туку се и вечни!

            Се прашувам, дали и ние архиереите, заедно со сите коишто народот нѐ избрал, со нашево вакво чување и градење на единството, со ваквото бранење на духовните и националните вредности, со ваквата одговорност, ќе можеме ли да излеземе пред очите на свети Климент и пред сите кои со своите животи и дела се вградиле во македонскиот духовен и национален опстој? Достоинствата и функциите, и во Црквата и во државата, не ни се личен имот или наследство, туку ни се доверени за да им служиме и дадената доверба да ја оправдаме со чесност и добродетелност, како што, впрочем, сме се заколнале и пред Бога и пред народот.    

            Но Господ, и покрај сѐ, никогаш не нè остава и не нè лишува од Својата љубов. Тој милува дури и со опомена, па ќе ни прати искушенија кои ќе нè оросат и стресат, за да нè поттикне на вечната порака што е упатена од гласот во пустината: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно...[4] Или една друга порака: Барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда, а сè друго ќе ви се придодаде[5].

            И, еве, како генерација, имаме таков благослов, оваа година да одбележуваме еден ваков многу значаен спомен - 1100 години од блаженото упокојување на свети Климент. Да го цениме тоа што го имаме, тоа што е наше и тоа што сме ние. Имаме голема одговорност, а ова наше повеќе од милениумско предание нè обврзува да одиме по вистинскиот пат. Благодарение на молитвите на свети Климент, нашите претшественици ја воскреснаа и македонската држава и Охридската архиепископија, го устроија државниот, духовниот, административниот и образовниот живот; се обновија или заштитија стари, а се изградија и се градат многу нови храмови и манастири и во земјата и во дијаспората, се возобнови монаштвото, кое опстојува и се умножува, се создадоа и се создаваат наши свештенослужители,  се унапреди и збогати издаваштвото и Црквата живее полн светотаински живот... Многу е направено, но секогаш и може и треба уште повеќе, особено во допросветувањето во верата и добродетелите, во родољубието и богољубието. Во тоа дело треба искрено да се вложиме сите. А тоа најдобро ќе го направиме, постапувајќи по поуките на нашиот свети Климент, кој, на едно место, поттикнат од зборовите на свети апостол Павле, вака нè поучува: ... да не живеете повеќе како што живеат и другите, по суетата на својот ум; помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради своето незна­ење и тврдокорноста на срцето; Не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш... Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење, заедно со секоја друга злоба; Бидете добри и милосрдни еден спрема друг, проштевајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа.[6]  

            И денес во личноста на свети Климент го имаме најголемиот чувар на верата и моралот, најсилниот сведок за нашите права и бранителот на народната свест, име и идентитет, најревносниот просветител и учител, апостол, молитвеник и духовник. Тој и денес може најмногу да ни помогне и да нѐ поучи во овие наши беспатија. Впрочем, светот е спасен од љубов и со жртва, па секој и сите можеме да бидеме подобри, но само преку подвигот на љубовта кон која тој постојано упатувал.  

На свети Климент не му требаат нашите пофалби, нему доволна му е пофалбата од Господа! Но пофалбите на свети Климент ни требаат нам како народ и Црква, ни требаат и како сведоштво за нас и како опомена кон нас! И не е доволно да се фалиме со свети Климент, туку да го почитуваме и славиме и, пред сѐ – да го следиме неговиот пример, зашто тој и по 11. столетија, останува мерило за вистинските вредности.  

            Нека ни е вечно прославувањето на свети Климент Охридски! По неговите молитви, Бог да го зачува нашиот народ, Црквата и Татковината, а нас да нè упати на секое добро дело[7], насочувајќи ги срцата на­ши кон љубовта Божја и трпение­то Христово[8] и кон љубов за ближниот[9]!

 

              Свети Клименте, моли се за сите нас! Амин!

 

СТЕФАН,

Архиепископ охридски и македонски

 



[1] Мт. 5, 14-15;

[2] Мт. 5, 16;

[3] Пс. 67, 35;

[4] Мт. 3, 2;

[5] Мт. 6, 33;

[6] сп. Еф. 4, 17 - 32;  

[7] сп. Евр. 13, 21;

[8] сп. 2. Сол. 3, 5;

[9] сп. Мк. 12, 31.