Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Премиерот на Владата на Република Македонија заедно со двајца архиереи на МПЦ во посета на Цариградскиот Патријарх (17.03.2005)

Денес, во рамките на својата дводневна официјална посета на Турција, Премиерот на Владата на Република  Македонија, г-динот Владо Бучковски, придружуван од двајца архиереи на Македонската Православна Црква, Митрополитот Австралиско-Новозеландски и администратор Преспанско-пелагониски г. Петар и Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, оствари срдечна средба со Неговата Светост, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј I. На средбата премиерот Бучковски ги изнесе своите сесрдни заложби пред Цариградскиот Патријарх да го даде својот влијателен прилог во решавањето на полувековниот спор меѓу Македонската Православна Црква и Српската Православна Црква, а за воспоставување на видливата канонска и евхаристиска заедница на Македонската Православна Црква со останатите сестрински Православни Цркви, со потврда на нејзиниот автокефален статус.

Од своја страна Неговата Светост по средбата изјави дека е подготвен да стори сѐ спорот да биде што подобро решен, и Македонската Православна Црква да добие канонски статус.

После средбата со Цариградскиот Патријарх, македонскиот премиер го изнесе своето согледување дека за решавањето на ваквите работи од неприкосновено значење е добрата волја, а дека надминувањето на проблемите околу признавањето на Македонската Православна Црква меѓу сестринските Православни Цркви ќе има исклучителен придонес во стабилизирањето на нашата земја. Меѓу другото, Премиерот Бучковски изрази надеж дека наскоро ќе го види Патријархот Вартоломеј како гостин во Скопје и во Охрид.