Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Теодорова сабота во Охрид (20.03.2005)

 

 „Имајќи смелост пред Бога бидејќи маченик си бил, Теодоре, замката на отстапникот против верата Христова ја осуети, кога како заштитник на благочестивите луѓе, со јавување страшно, од скверниот посип на идолските жртви ги избави. Затоа, како истребувач на идолите и на стадото Христово спасител и чувар, и наш претстател благопослушен, почитувајќи те со песни те молиме: очистување и просветлување на нашите души преку тебе да ни се дарува.“ (стихира од Утрената на Теодорова сабота)

  

Првата сабота од Светата Четириесетница Православната Црква му ја посветува на споменот на чудесното јавување на Христовиот воин Теодор Тирон за избавување на христијаните од неумолливата скверност на царот Јулијан Отстапник. А тоа стана вака: свети Теодор Тирон во времето на гонењата на царот Максимијан маченички пострада за верата Христова во 306 година. Педесет години по неговото преставување кај Бога царот Јулијан Отстапник намисли на подмолен и таен начин да ги измами христијаните, коишто ги презираше, со тоа што за време на Светата Четириесетница, кога христијаните најмногу се очистуваат од гревовите и се трудат да Му угодат на Бога, заповеда на пазарите храната што ќе се продава да биде претходно попрскана со крв принесувана на жртвениците на нечистите идоли. Со ова христијаните купувајќи и јадејќи од храната на пазарите би се оскверниле.

Но царот Отстапник не успеа во својата намера, бидејќи Бог му заповеда на храбриот воин Теодор Тирон не на сон, туку на јаве да му се јави на Константинополскиот архиереј Евдоксиј, предупредувајќи го за намислата на царот-Отстапник. Свети Теодор Тирон му предложи на блажениот Евдоксиј наместо да купуваат храна од пазарот, верните да употребат за јадење коливо, односно варена пченица. Со ова ја осуетија намерата на нечестивиот цар, а тој, пак, кога виде дека е откриена неговата измама, нареди повторно да се изнесе чиста храна на пазарите.

Празнувајќи го споменот на ова чудо во првата сабота на Светата Четириесетница, светата Православна Црква ги поучува христијаните дека постот Му е благоугоден на Бога и оние што постат се наоѓаат под особена Божја заштита.

 

Во раните утрински часови на вчера изминатата Теодорова сабота митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, во сослужение со свештенослужители од епархијата, отслужи Божествена Литургија во црквата на Успението на Пресвета Богородица (Каменско) во Охрид. На Литургијата присуствуваа голем број верници, кои подготвувајќи се со пост во текот на оваа седмица, пристапија кон Светата Чаша и ги примија Телото и Крвата на нашиот Гоиспод Исус Христос. Во останатите цркви во Охрид, кои утрото на Тодорова сабота беа исполнети со многубројни верници, Божествена Литургија отслужија парохиските свештеници.

На Архиерејската Божествена Литургија во црквата на Успението на Пресвета Богородица (Каменско) на насобраниот верен народ Владиката Тимотеј му се обрати со беседа во која меѓу другото подвлече: „За вистинските православни верници нема ништо поубаво од доживувањето на заедничката молитва... Но за да биде нашата молитва услишена, мораме најпрво на сите да им простиме што ни згрешиле... Светителите ни се најдобриот пример на христијански живот, а во исто време и најсовршен пример на молитвеност. Светоста на нивниот живот и опитот во молитвата што го имаат од нив прават помошници на луѓето. Нивните молитви за оние што им се обраќаат за помош се услишени кај Бога. Затоа христијаните уште од најраните времиња ги славеле светителите, ја славеле и Пресветата Богородица, им подигале храмови, како овој во којшто денес се наоѓаме, на своите деца им ги давале нивните имиња и тие да се сеќаваат на оние чиишто имиња ги носат, а кои се угодници Божји. Ние ги славиме светителите како наши молитвени застапници пред Бога и како покровители на нашите домови и храмови.”