Иринеј нема да даде оставка (26.03.2005)
Само ден откако Патријархот Иринеј, поглавар на Грчката Православна Ерусалимска Патријаршија, одби да поднесе оставка заради објавената продажба на нејзин имот на еврејски организации, повеќе од 1000 православни христијани се собраа вчера во Јордан на целоноќен протест по повод информацијата за таков трансфер.
Во соопштението издадено од организаторите на протестите, одржани во дворот на една црква во Аман, беше повикано имотот да биде вратен под контрола на Црквата, а на одговорните за објавената продажба да им се суди. Со петиција потпишана од мнозинството јордански парламентарци во средата Иринеј беше обвинет за прекршување на јорданскиот закон од 1958 година со кој се забранува продажба на црковно земјиште во Ерусалим.
По итната седница на Светиот Синод на Патријаршијата во четвртокот, Иринеј изјави дека нема намера да даде оставка, затоа што не сторил ништо погрешно. „Ако сум го сторил ова, нека ми бидат отсечени рацете“, рече тој.
Сепак, по извештајот во израелскиот дневен весник Маарив од минатиот петок дека Црквата продала земјиште во ерусалимскиот Стар Град на еврејски групи за да си го зголемат присуството таму, патријархот се најде под растечки притисок за оставка. По седницата на Синодот, генералниот секретар на Црквата, архиепископот Аристарх, се придружи кон барањата за оставка на Иринеј, тврдејќи дека тој е единствениот одговорен за тоа што на поранешниот финансиски управник на Црквата, Никос Пападимас, му било дадено овластување да потпишува долгорочни договори за закуп. Пред три месеци Пападимас исчезна, а издаден е и европски налог за негово апсење.
преземено од грчкиот дневен весник Катимерини:
http://www.ekathimerini.com/4dcgi/_w_articles_politics_100006_26/03/2005_54456