Недела на Свети Григориј Палама во Рајчица (28.03.2005)
Крајот на втората недела од светата Четириесетница, Неделата на Свети Григориј Палама, во женскиот манастир на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица беше одбележан со осветувањето на Светата Трпеза во параклисот посветен на Светите Григориј Палама, Јован Кукузел-Дебарски и Нектариј Битолски. Неговата Високопреосветеност, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј со повеќемина свештеници, меѓу кои архимандритите о.Нектариј и о.Партениј, свештеномонасите од манастирот Бигорски и др., во квечерината на саботата во параклисот отслужи празнична вечерна. Наоѓајќи добро вдахновение за духовно наѕидување на присутните, Владиката Тимотеј им упати неколку поуки за смислата на постот и на молитвата, при што особено се задржа на значењето на покајанието како оружје што им ја дава потребната сила на останатите подвизи и со кое ние го премавнуваме гревот. Според гостољубието на овој Свет манастир, по завршувањето на Вечерната, за притекнатите верни беше послужена трпеза на љубовта.
Утредента, по отслужената Утрена, пред почетокот на Божествената Литургија, Владиката Тимотеј и свештенството пристапија кон осветување на Светата Трпеза. На беседата на Литургијата, зборувајќи за едно севкупно себевградување во видливото здание на Црквата, Владиката посвети внимание на почитта кон македонското древно црковно наследство посведочена во манастирите Бигорски и Рајчица, храбрејќи го со љубов нивниот Старец, архимандритот Партениј, во обновувањето на древната христијанска традиција на овие краишта.
Денес ревитализацијата на двата соседни црковни центри созрева во многуслоен плод на преобразба: од заживување на суптилната мијачка архитектура до обнова на духовниот живот во братство и сестринство накалемени на автентичното предание на духовните претходници монаси и монахињи кои некогаш странствуваа во пазувите на Светата Црква на овие простори во лицето на многуплодната Охридска Архиепископија. Во 12 часот напладне оние што притекнаа на светите богослужења во Неделата на Свети Григориј Палама во Рајчица ги поткрепија своите телесни сили на празничниот ручек во манастирот.