Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Посета на храмот во Загреб, Хрватска (11.11.2019 11:59)

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан при посетата на храмот кој е во изградба посветен на св. Злата Мегленска во Загреб, Хрватска, оствари средба со премиерот на Р. Хрватска г. Андреј Пленковиќ, градоначалникот на Загреб г. Милан Бандиќ и хрватскиот Кардинал – Јосип Бозаниќ. При тоа, Архиепископот г.г. Стефан изрази големо задоволство што денес е сведок дека во Загреб православните Македонци се срдечно примени. Овој храм во Загреб е пoтврда на пријателството меѓу двете држави и двата народа, изразувајќи благодарност на сите кои придонесоа и придонесуваат за изградбата на ова големо дело, додаде Архиепископот, пишува во текстот објавен на сајтот на Градот Загреб.

Кардиналот Бозаниќ, пак, изјави: „Ни причинува задоволство да бидете во Божји храм во кој ќе се собираат православните Македонци, а тоа зборува дека Загреб е отворен за сите кои во него доаѓаат и им овозможува на верниците да ја исповедаат својата вера. Во Загреб, освен православните Македонци, се собираат и верници од Романската и Бугарската Православна Црква, и тоа во храмови кои им ги отстапи Загрепската Надбискупија“.

Загрепскиот градоначалник Бандиќ, пак, искажувајќи почит кон двајцата духовници потенцираше дека овој проект е голем, со што се потврдува дека градот Загреб е мултиетнички, мултиконфесионален и мултикултурен град.