Vesti i nastani
 
 
 
 
 

За спорните нелегални дејства што ја товарат Грчката Ерусалимска Патријаршија (04.04.2005)

Во Фанар, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и грчкиот заменик министер за надворешни работи, Панајотис Скандалакис, ги разгледаа начините за црковна интервенција во новонастанатата ситуација во Ерусалим: „Состојбата што неодамна искрсна во Ерусалимската Патријаршија бараше да отидам во Истанбул и да се сретнам со Цариградскиот Патријарх“, изјави по средбата г-динот Скандалакис и во продолжение подвлече: „Грчката Влада ги поддржува сите патријаршии, но не им ги наметнува своите гледишта“. Како највисок по достоинство православен црковен поглавар, Патријархот Вартоломеј може, по барање на Синодот на Ерусалимската Патријаршија, да свика Синод кој би преиспитал каков и да е прекршок извршен од страна на Ерусалимскиот Патријарх Иринеј или којшто би ги разгледал можностите за излез од кризата. Во исто време, во интервју за еден неделник, обвинетиот Ерусалимски Патријарх повтори дека не може ни да стане збор за негова оставка и дека Вавилис ѝ бил пратен на Патријаршијата од Атинскиот Архиепископ Христодул.

 

Во меѓувреме во Ерусалим пораснаа тензиите кога арапските верници за време на неделната Литургија го исмејаа Патријархот Иринеј.

 

Во изјава за весникот „Етнос тис Киријакис“ (гр. „Народот Божји“) Ерусалимскиот Патријарх ги отфрли тврдењата дека продал патријаршиски имот на израелски бизнисмени и истовремено отфрли секаква можност за негова оставка. „Би било наивно да извршам предавство на Светиот Гроб“, изјави Патријархот Иринеј, припишувајќи ги во оваа прилика обвиненијата што го товарат на личните интереси на извесни луѓе, меѓу кои и црковни отци.

 

Притоа Патријархот Иринеј уште еднаш ја спомна врската меѓу Архиепископот Христодул и Апостолос Вавилис. „Вавилис ми беше пратен од Атина, од Архиепископот“, нагласи Ерусалимскиот Патријарх подвлекувајќи дека самиот на човекот со илјада лица никогаш не му дал никакви овластувања ниту му го открил карактерот.

 

Во меѓувреме, договорот потпишан на 17 август 2004 во Ерусалим, од претставник на израелското Министерство за одбрана и од Никос Пападимас од Ерусалимската Патријаршија беше објавен во весникот „Апогевматини тис Киријакис“. Договорот се однесува на продажба на земјишта во Ерусалим, со намена за изградба на безбедносен бедем, а тежи 156 000 евра. Сепак, во своето интервју Патријархот Иринеј тврди дека тој никогаш не потпишал ниту овластил продажба на патријаршиски имот и го обвини првиот секретар на Патријаршијата за несоодветно дејствување.

 

Разговори: Иринеј – Куори

 

Рамалах (AFP) – Палестинскиот Премиер Ахмед Куори вчера разговараше со обвинетиот Грчки Православен Патријарх во Ерусалим, кој вети соработка во секоја истрага околу обвиненијата што ја товарат Патријаршијата дека продала земјиште на еврејски инвеститори.

 

Патријархот Иринеј се наоѓа под растечки притисок да се повлече, додека расправијата околу пријавената продажба во ерусалимскиот Стар Град зема невиден замав.

 

„Се сретнав со Патријархот за да ги разјасниме работите“, изјави Куори. „Нашата позиција е мошне јасна. Имотот на Ерусалимската Црква и имотот на џамиите во Ерусалим целосно му припаѓаат на палестинскиот народ и нас нѐ загрижуваат постапки што го поткопуваат ова. Патријархот потврди дека не издал никакво овластување за продажби или за долгорочни закупи... (и) дека немало никаква продажба“.

 

(Во интервју во саботниот број на дневниот весник „Елефтерос типос“ Иринеј инсистираше дека е невин и ги отфрли барањата за негова оставка. Прашањето беше дискутирано вчера, на средба во Истанбул меѓу грчкиот заменик министер за надворешни работи Панајотис Скандалакис и Цариградскиот Патријарх Вартоломеј.“)