Благовештение (07.04.2005)
Минатата ноќ во манастирот Бигорски беше отслужено сеноќно празнично бдение во чест на Светото Благовештение. Околу 250 верници од Скопје, од Битола, Гевгелија, Охрид, Струга, Ресен, Тетово, Гостивар и од други градови од Републиката притекнаа да го прослават споменот на мистичното јавување на Светиот архангел Гавриил на Пресветата Дева во Назарет за време на Нејзиното молитвено тихување, како што Ѝ беше многугодишен непрестаен обичај низ целиот толку богопосветен живот.
Великиот војвода на невештествените ангели, во градот Назарет слезе, Царот на вековите да Ти го возвести и Господ, Тебе Пречиста, ’Радувај се’ глаголејќи, ’благословена Марие, - недостижно и неискажливо чудо: на луѓето обновување!’
Архангелот Ѝ ја објави на Дева првата Божја интервенција од низата продорни настани на снисходење што ќе го сочинуваат она што денес го нарекуваме Домострој и План Божји за човековото спасение. Оттогаш, според благовеста, силата на Светиот Дух ја осени утробата на Неискусобрачната боготрагателка Марија, претходно заветувана на девствен живот со сопруг избран да го закрилува Нејзиниот совршен духовен подвиг под вид на брак. Со ова утробата на богоизбраната во себе го прими воплотувањето на Единородниот Син Божји, за да постане Син Човечки, и во тело како нашето, со својствата на Својата Божествена природа, во нашата човечка природа да ги премавне последиците од гревопадот на првосоздадените Прародители наши, за да ја доведе до обожение.
Денес Гавриил Ѝ благовести на благодатната: ’Радувај се неневесна Мајко неискусобрачна, не восхитувај се на мојот надземен блесок, не ужаснувај се, јас сум архангел; некогаш змијата Ева ја опрелести, сега јас Ти ја благовестам Тебе радоста дека ќе останеш девствена и Господа ќе Го родиш, Пречиста.’ (стихира од литијата)
За животот на Пречистата Дева овој настан значеше неискажлива промена, за историјата на човештвото пак – неприкосновен пресврт во духовните и во есхатолошките димензии на постоењето, обновување на раскинатата заедница со Бога со нова и неодземлива можност за совршенство.
Сепречистата Дева живееше сосем поинаку од Своите идеи за ревносна побожност, наместо во осаменост и непоматено туѓинување поживеа како мајка и сопруга, но со квалитет на неспоредлива носителка на словото Божјо за страдалниот пат во овоземниот живот што конечно Ја доведе до совршената благодат на Царица Небесна.
„Храбра наша Војвотко победоносна, ние слугите Твои од зло избавени, песни пофални Ти воспеваме, Богородице, но Ти Која крепост имаш непобедлива, од секоја беда ослободи нѐ, да повикуваме ’Радувај се Невесто неневесна!’“
Востановената традиција на Благовештенското бдение во манастирот Бигорски ја следи побожноста на мијачките жени од овие краишта, особено од Галичник, кои секоја година во квечерината на празникот доаѓаат во манастирот. Овој обичај заедно со историските наоди кои велат дека во Бигорски некогаш постоел параклис чиј олтар бил посветен на Светото Благовештение, го поттикна вградувањето на нов ваков параклис во неодамна реконструираните конаци.
Благочестивите боготрагатели што дојдоа да Ѝ се поклонат на Пресветата Дева со монашкото братство во Бигорски бдението го започнаа со мало повечерие, а низата на празничното богослужење ја прекинаа во 5. 30 часот наутро, за да здивнат пред Божествената Литургија во чест на великиот празник, што започна по околу два часа почивка. Овојпат, на бдението, благолепието на певницата го збогатуваше гласот на протопсалтот Георгиј Секулоски. Во духот на светогорските обичаи за ваквите празнувања, гостите и монасите на крајот се собраа на заедничка трпеза, па повторно се вратија во соборната црква на благодарствена молитва.