Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Хиротонија на Епископот Антаниски г. Партениј (14.07.2020 16:31)

Божествената Евхаристија (Литургија) е центар на животот на Црквата. Но, не само центар на Црквата и животот, туку таа е и самото битие на Црквата. Токму затоа и светито Никола Кавасила ќе каже: „Ако некој сака да согледа што е Црква, тогаш не му преостанува ништо друго, освен да погледне на Телото Господово во светата Евхаристија“. Ова тврдење денес може да ни звучи и преувеличено, но ова било сознанието за Црквата уште од св. ап. Павле, сознание и опит што, за жал, сме го изгубиле во последните неколку векови. Токму поради ова, своето централно место во Црквата го задобива претстојателот на евхаристиското собрание, а главата на тоа собрание е токму епископот. Затоа и св. ап. Павле вели дека оној кој сака епископство, добра работа сака (1. Тим., 3,1). Продолжувајќи понатаму, св. ап. Павле ги набројува и добродетелите со коишто епископот треба да биде украсен, зашто, како што вели св. Јован Златоуст: Сите треба да гледаат во епископот и според неговиот живот да го уредуваат и својот живот. Затоа и центарот на епископската служба е, всушност, иконизирање на Господ наш Исус Христос, Кој е Единствениот совршен и вистински Првосвештеник, Кој принесува и Кој се принесува. Или, едноставно кажано, епископот е икона на Првосвештеникот Христос. Затоа и св. Атанасиј вели: Без епископот, како претстојател на Евхаристијата, не можеме да зборуваме ниту за Црква, ниту за спасение во Христа. Зашто, како што Христос се огледа во Отецот, така исто и епископот, кој е икона Христова, може да каже дека извршува Христово дело, ако биде во целост огледало или икона Христова.

Затоа и секој избор и хиротонија на нов епископ во Црквата Христова е дочакана со огромна радост кај свештенството, монаштвото, ѓаконството и кај сиот верен народ, зашто, на тој начин, знаеме дека добиваме уште еден духовен водач, уште една икона Христова, кој ќе ја принесува бескрвната Жртва на Господовиот престол во името на сите нас. Затоа и нашата радост во овие дни, во деновите кога светата Црква го завршува апостолскиот Петровденски пост, во Петтата недела по Песедетница и на празникот на св. ап. Петар и Павле, краеаголните камења-темели на светата Црква, е огромна и неизмерлива, зашто нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија и нашата света Дебарско-кичевска епархија со седиште во Охрид, доби уште еден апостолски наследник, уште еден благовестител на Евангелието, уште еден сведок на Божјата љубов. Имено, по предлог на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, го избра за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија игуменот на ман. „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, архимандритот Партениј, со титула Епископ Антаниски. Изборот на новиот Епископ Антаниски г. Партениј започна ден претходно, со свечена Веерчна богослужба, во Бигорската обител. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше извршен чинот на т.н. Наречение, на кое чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, Епископите Климент и Јаков, архимандритите Партениј и Нектариј, игумените Фотиј, Агатон и Григориј, еромонасите Доситеј и Макариј и протоѓаконите Ратомир Гроздановски и Николче Ѓурѓиноски.

Прославата и торжествата продолжија утредента на 12.07.2020 година, на самиот ден на светите првоврховни Апостоли, во соборниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде што беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Архиепископот г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Наум, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, епископите Климент и Јаков, архимандритите Партениј, Нектариј, Никола и Григориј, протоереј-ставрофорите Тоди Јован (од Албанската православна црква), Никола Христоски и Томе Велјанов, игумените Фотиј, Агатон и Григориј, протоереите Љупчо Симиџиески, Веле Спиркоски, Сашо Додевски, Васко Голабоски, Дејан Секулоски и Златко Костовски, еромонасите Доситеј, Макариј и Вартоломеј, свештениците Атанас Казанџиски, Ромео Петрески, Ванчо, Димче Азески, Костадин Малинов, Илија Поп Гонов, Павел Крцоски, Благоја Трајкоски и Александар Димоски, протоѓаконите Ратомир Гроздановски и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Александар Димитријов, Дејан Коруноски и Константин Сековски. Пред почетокот на Литургијата, новоизбраниот Епископ Антаниски г. Партениј ги прочита трите слова со кои ја потврди својата увереност во вистинската вера, предадена од апостолите и светите отци. Потоа, на соодветното место од Литургијата, беше хиротонисан новоизбраниот Епископ Антаниски г. Партениј, а по завршиувањето на Литургијата, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан се обрати кон новоракоположениот Епископ со пригодна беседа и му го врачи епископскиот жезол, симболот на епископската власт, но и на епископското служење. Откако го прими жезолот, Епископот Партениј, од царските двери на царската „Св. Софија“, ја искажа својата пристапна беседа. Двете беседи ви ги пренесуваме подолу во целост. На самиот крај, Епископот Партениј примаше честитки од присутните, а многумина пристапија и го даруваа новиот Епископ. Од името на Митрополитот Тимотеј, како и од името на Епархијата, протоерејот-ставрофор Никола Христоски го даруваше новоизбраниот Епископ Партениј со архиерејски одежди и инсигнии.

На овој свечен чин за нашата света Црква, присуствуваа многубројни гости, претставници на Владата на РМ, на локалната самоуправа, на Римокатоличката црква, на политичките партии, на Универзитетите и други многубројни гости. Меѓу присутните беа: Министерот за одбрана, г-ѓа Радмила Шекеринска, Министерот за здравство, г-дин Венко Филипче, Бискупот Скопски г. Киро Стојанов, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ д-р Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ г-дин Сашо Коруноски, градоначалникот на општина Охрид д-р Константин Ѓеорѓиески, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ г-дин Христијан Мицковски и многу други уважени гости.

Од името на нашиот Митрополит Тимотеј, од името на свештенството, монаштвото, ѓаконството и сиот верен народ од нашата епархија, му го честитаме ракополагањето на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, со молитви кон Бога, уште многу години да Му служи на нашиот Архиереј Христос, на нашата света Македонска православна црква -  Охридска архиепископија, а Господ наш Исус Христос да го вмудрува уште повеќе, да го води по патот на Божјите заповеди, за спасение на сите поверени души, за доброто на нашата Црква и за спасение на неговата душа. На многаја лета, Преосвештен владико!

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Архиепископот г.г. Стефан.

СТЕФАН,

Архиепископ Охридски и Македонски

 

ПРОДОЛЖИ ГИ БОГОЉУБИВИТЕ И РОДОЉУБИВИТЕ ДЕЛА

 

Преосветен владико,

Денес, на празникот на светите првопрестолни апостоли Петар и Павле, со силата на Пресветиот и Животворен Дух, во заедничката молитва со присутниот народ Божји, и преку возложените раце на архијереите, ти постана епископ во Црквата Христова и приемник на апостолското служење.

Епископите, во црковната традиција, се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнуваат важноста на службата и високата мисија на која се назначуваат оние коишто се удостоиле на тој чин. Оној што ја примил Божјата благодат, тој презема и обврска да се грижи, како што вели светиот апостол Лука, и за себе и за целото стадо, во кое Духот Свети ве постави за епископи, за да бидете пастири на Црквата на Господ Бог, која ја придоби Тој со Својата крв.

Ние веруваме дека Оној, Кој им дарувал сила на апостолите за да сведочат за Него, им ветил и дека со нив ќе биде преку сите дни до крајот на светот , и Тој ги поткрепувал сите генерации приемници, од апостолско до наше време. Ете, преку Тој Дух на вистината, Кој што Го примија Христовите апостоли на Сионската височинка, а во Светата Црква се чува со сета своја полнота, и ти, на денешнава хиротонија, се удостои да примиш дух на мудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост . Токму сето тоа, веруваме, ќе ти помага да продолжиш и, преку новата должност, уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите . Епископската служба бара секојдневен подвиг и постојана истрајност, и, како што советува апостолот, ако така постапуваш, ќе се спасиш и себе самиот и оние што ќе те слушаат.

Со денешниов чин, преку Светиот Дух, врз тебе се изли љубовта Божја , и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на луѓето и да ги исполнуваш задолженијата што ќе ти бидат определени од нашата Света Црква и од надлежниот архијереј. Продолжи да ги надградуваш доверените души во доброто и во благочестието. Постојано моли се за твоите дела да Му бидат угодни на Бога. А љубовта Божја ќе ти дава сили за секое добро дело, зашто, како што вели свети Ефрем Сирин, „кој има љубов, тој ја исполнува волјата Божја и тој е ученик Божји" , односно кој има љубов, тој никогаш и никого не одбегнува: ни млади ниту возрасни, ни славни ниту непознати, ни сиромашни ниту богати, туку себеси се поставува подолу од сите, за сѐ се извинува и сѐ претрпува , како што порачува светиот апостол Павле.

Ваквите совети нека ти бидат водилка и нека ти помагаат за да бидеш добар пастир , трудејќи се да имаш мир со сите и да имаш светост, без која никој нема да Го види Господа . А сето тоа ќе можеш да го постигнеш служејќи Му на Бога и на верниот народ, преку послушност кон Господа и кон Мајката Црква.

Љубовта евангелска и понатаму нека ти биде мерка во сите твои дела, во сите твои постапки и однесувања, како кон монаштвото и кон свештенството, така и кон верниот народ. Биди пример во верата, која дејствува преку љубовта , и труди се со личниот пример да упатуваш кон Патот на спасението и кон Изворот на надежта.

Како архијереј, викарен на Дебарско-кичевскиот Митрополит, и игумен на Бигорскиот манастир, во крај и меѓу народ од различни националности, култури, верски и други припаѓања, продолжи да негуваш добри односи со сите, труди се да покажеш дека Црквата има обединувачка задача, дека сѐ и во сѐ е Христос и дека во Него сите треба да сме едно .

Од она што си го постигнал како игумен и духовник на Бигорскиот манастир, покажуваш дека Бог те дарувал со различни дарби: да насочуваш кон вистинскиот пат, да привлекуваш за Господа и да упатуваш кон Господа богокопнежливи души, да им ги откриваш тајните на монашкото живеење, да го шириш словото Божјо и да ги умножуваш оние коишто ќе живеат достојно според заповедите на верата.

Продолжи да градиш и да надградуваш дела со трајни вредности, дела за слава на Бога и дела спасоносни за нашиот народ. Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука , за да можеш што појасно и што поубедливо да ја сведочиш евангелската вистина и на верните да им служиш како пример во словото, во поведението, во љубовта, во духот, во верата и во чистотата , како што советува светиот апостол Павле. Ако така постапуваш, ќе можеш и понатаму да привлекуваш, и во манастирот и во Црквата, уште побројни души коишто копнеат по вистината и по Бога.

Во досегашниот 25-годишен монашки живот, ти покажа и богољубие и родољубие, се стекна со мудрост и искуство потребни за секој духовник и пастир. Твоето име ќе биде забележано меѓу оние коишто го продолжија и го помогнаа воскреснува-њето на монаштвото во Македонија. По твојот пример тргнаа десетици и десетици монаси и монахињи, па, денес, покрај во Бигорскиот и во Рајчица, се црнеат монашки раси уште во неколку наши други манастири. Прилика е да го истакнеме и тоа дека под твое раководство воскресна и мијачката градителска мајсторија, а покрај неимарските убавини, Бог те дарувал и луѓето духовно да ги надградуваш и да ја градиш Црквата во нивните души ‒ да придонесуваш во градбата на живата Црква.

Досегашното монашко и игуменското искуство, ќе ти бидат од голема полза и во епископската служба. Денешниов чин е за сеопшта радост на нашиот верен народ и на нашата Света Црква, но, веруваме, се радуваат и душите на славните претходници: на Јован Дебарски, првиот и славен Архиепископ Охридски, на родољубивиот Мијак Партениј Зографски ‒ Епископот Кукушко-полјански, како и на Иларион и на Арсениј, и на сите доблесни игумени и црнорисци од сите генерации на Бигорските братства и од сите места во Бигорската околина, коишто ги красела љубовта кон Бога и кон родот наш.

Поткрепувајќи ги духовно слабите и морално паднатите, помагај им на оние коишто тргнале по лош пат и се оддале на современите зла, како и на сите коишто не ја нашле или скршнале од вистината. Во овие времиња преполни со најразлични искушенија и предизвици, наоѓај време за сите, а особено за помладите. За жал, како народ, држава и Црква, сѐ уште сме пред портите на правдата: и за националната и за црковната македонска вистина. Но силно веруваме дека ќе истраеме и дека се ближи денот кога и последните неверни томи ќе ја разберат и ќе ја прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба за нашата вистина и правдина, повикани сме сите да учествуваме: и јерархијата, и монаштвото, и свештенството, и верниот народ и сите коишто оваа земја ‒ Македонија, ја чувствуваат за своја Татковина, а Црквата Македонска и Охридска ‒ за своја духовна Мајка.

Преосветен владико,

Внимавај и чувај ја довербата што ти се дава и, по молитвите на светиот Јован, Претечата и Крстителот Господов, на светите првоврховни апостоли Петар и Павле и на светите Климент и Наум, охридските чудотворци, сите твои постапки и дела нека бидат за доброто на нашите народ и Црква, та во сѐ да се прослави Бог преку Исуса Христа, чија слава и владеење се вечни.

Прими го овој епископски жезол и благослови го народот Божји, принесувајќи молитви кон милостивиот Бог, за да ти испрати изобилни дарови од Животворниот Дух, да те усоврши, да те укрепи и да те направи непоколеблив ! Амин!

Долгоденствувај, Преосветен владико!

Во продолжение ви ја пренесуваме пристапната беседа на Епископот Антаниски г. Партениј.

Ваше Блаженство, Ваши Превосходства, почитувани претставници на државната власт, Ваши Високопреосвештенства, Ваши Преосвештенства, Ваши Високопреподобија, Сепреподобни браќа монаси и себлагоговејни и чесни отци, Возљубени браќа, сестри и гости,

Ви благодарам, Ваше Блаженство, за топлината со која архипастирски ми се обративте, како и за возвишените зборови што далеку ги надминуваат моите скромни сили и познавања.

Честа да се обратам пред ова свештено собрание, пред невидливите припадници на небесната и пред присутните членови на земската Црква, е несомнено голема, но истовремено таа ми претставува и огромен товар. Треба да ви се обратам како новохиротонисан архиереј на Господа Исуса Христа, како образ на Неговата првосвештеничка благодат, а себеси се сметам за немоќен да се носам со тоа превозвишено достоинство и со таа безмерна одговорност. Затоа, смирено ги просам молитвите и поддршката од сите вас.

Да се биде епископ, преемник на апостолската благодат, значи да се биде прв не во превласта, не во некакви привилегии, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро, според зборовите Спасителови упатени кон учениците Негови: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите! . Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служител на тајната на љубовта, на тајната на Евхаристијата, не само во храмовите Божји, туку и во живите храмови – срцата на луѓето. А светата Евхаристија, делото на Божествената Литургија, е дело на едно непрестајно благодарење кон Бога.

Ете зошто ова пристапно слово ќе биде токму тоа – свештена благодарност од моето срце „за сите и за сè".

Најнапред Му Благодарам на единствениот вистински Бог, пројавен во три Лица, за тоа што сум дел од Неговото спасително откровение, за сите Негови „знајни и незнајни, јавени и нејавени добродетелства што ми се направени", вклучително и за оваа велика служба на која ме повикал.

Веднаш по Троичното Совршенство, безмерно Ѝ благодарам и на Царицата Мајка, Пресвета Богородица, чијашто мајчинска заштита и љубов ја чувствувам од дете, а исто така и на чесниот, славен Пророк и Претеча Господов, Свети Јован Крстител, чиј сум и кому 25 години со почит му служам.

Посебна благодарност му должам на мојот надлежен пименарх, многу почитуваниот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој е неразделно сврзан со мојот монашки живот: имено, тој е архијерејот којшто ме замонаши, тој ме ракоположи за јероѓакон и за јеромонах, а еве сега, на негово барање, Светиот Архијерејски Синод ме хиротониса и во третиот степен на свештената јерархија. Неговата севкупна поткрепа, за мене се покажала насушна. И понатаму го просам неговиот татковски благослов и останувам да живеам под негово послушание.

Неизоставен дел од ова свештено благодарење се и моите родители, татко ми Борис, мојата биолошка мајка Светлана, за која чувствувам како непрестајно ме благословува од небесната Црква – нека ѝ биде споменот вечен! – како и мојата втора мајка Живка, која буквално во сè, а најмногу во љубовта, се покажа како вистински незаменлив родител. Нивниот благослов и поддршка во стремежот временото и земското да се заменат со вечното и нераспадливото, беше за мене темел врз кој почнав да го градам мојот монашки живот. Тие Му дадоа на Бога едно чедо, а денес имаат неколку десетици деца, бидејќи тие ги прифатија монасите и монахињите како свои родени чеда, во ништо не делејќи ги од мене.

Кога сме веќе кај родителството, неизбежно е да ја изразам синовската благодарност и кон блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис, поранешниот игумен на светогорскиот Григоријатски манастир. Неговата беспрекорна духовничка љубов – а беше вистински духовен татко со родителско чувство на грижа – останува за мене поттик и вдахновение во исполнувањето на мојот призив на духовен раководител. Се сеќавам на зборовите со кои Старецот нè поучуваше на Света Гора: „Вашето дело треба да биде свештено-апостолско. Со мрежите на апостолската љубов да собирате што повеќе души за Христа. Но, да знаете дека тоа воопшто нема да ви биде лесно, затоа што ќе треба, преку подвиг, страдање и жртва, да освојувате педа по педа територија од духовниот непријател". По неговите свети моливи, до денес се трудиме да го исполнуваме неговото послушание. Нека му биде споменот вечен и неговиот благослов нека биде со нас!

Набрзо по мојот избор за епископ од страна на светите архијереи на Синодот на нашата најсвета Македонска православна црква – Охридска архиепископија, изјавив дека „монашкиот живот за мене останува врховен животен призив". Седобриот Бог ме удостоил со едно прекрасно христоподобно монашко семејство, со моите браќа и сестри монаси и монахињи, кои, всушност, се мојот живот и мојата сила, најкратко кажано – тие се моето сè! Сведочам пред Господа и пред сите Светии во овој небоподобен храм на Премудроста Божја: сè што правам, вклучително и тоа што денес стојам пред вас со ова архијерејско одејание, го правам првенствено за нив, за нивното благоуспевање на патот кон обожението и полагам свештен завет дека ќе останам со нив до крајот на мојот земски живот, а ако Бог се смилува на мене, последниот и најмалиот – и во вечноста. Смирено ги просам и нивната верност и нивните молитви, бидејќи молитвите на монасите го крепат светот. Секогаш досега сум ја чувствувал нивната љубов и нивната поддршка, па таа, мили мои чеда, ќе ми биде двојно попотребна отсега па натаму.

Им благодарам и ги просам молитвите и на сите мои духовни чеда, кои по послушание од Бога, навистина ги сакам како свои синови и ќерки. Нивната љубов е од животно значење за мене и затоа ги замолувам со својата љубов да бидат постојано блиску до мене, како што и јас им ветувам дека ќе бидам секогаш тука за нив, како и досега, бидејќи тие се мојата пофалба и мојот идентитет во Господа Исуса. Нивната радост е и моја радост, нивната жалост е и моја жалост, нивното спасение – моја животна цел.

Тука се, секако, и моите духовни деца, штитениците од нашите манастири, со кои заедно сме го делеле и го делиме манастирскиот леб, сме доживеале многу борби, падови, но и бројни воскресенија. Во пристапот кон нив, главен мотив ми се Христовите зборови, дека голема радост настанува на Небото за еден грешник што се кае. Следствено, нивното растење, нивното благоуспевање во животот во Христа, за мене е вистинска духовна храна, одмор и успокојување. И навистина, нема поголема радост за еден татко, особено духовниот, од тоа кога гледа како неговите чеда напредуваат во преумувањето и во добродетелите, се трудат во подвигот на љубовта заради Христа, и нема поголема награда за него од нивното спасение, кое го посакува повеќе отколку своето. Сакам тие да знаат дека никогаш нема да бидат оставени од наша страна, им барам прошка доколку со нешто сум им погрешил, но и ги замолувам и тие да ми бидат поттик со својот добар живот и со молитвите.

Најпосле, ви благодарам и вам, на сите мои пријатели и познаници, присутни сега овде, но и коишто се наоѓате насекаде низ светов и длабоко ве замолувам за вашата поткрепа, за вашите молитви и вашата љубов. Сега, на мојата лична Педесетница, кога врз мене се излеа сеопростувачката благодат на Светиот Дух, смирено барам прошка од сите вас, како и од оние со кои не сум се согласил во некои работи, доколку некого сум разжалостил или некому сум му погрешил со збор, дело или помисла, та да можам со помирена совест да започнам нов почеток во работата на нивата Господова. Денес, кога го славиме споменот на Светите Првоврховни Апостоли, добро е да се потсетиме на покајанието на Апостолот Петар и на неговото трикратно исповедание на љубовта кон Христа: Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам! Истовремено, сакам да кажам дека и јас од срце им простувам на сите кои на каков било начин ме повредиле или со нешто ми погрешиле. Нека Бог на милоста и љубовта се смилува над сите нас!

Чувствувајќи ја Пристапната епископска беседа и како своевидна исповед и како своевидна платформа, пред Вас ќе ја доверам и јавно ќе ја исповедам својата неприкосновена предаденост кон мојот македонски народ и кон мојата Татковина Македонија и најмногу кон мојата МПЦ-ОА, Мајката Црква на сите православни во рамките на нашата држава, на кои, како монах, веќе 25 години безрезервно и сеоддајно им служам. Едноставно, не е можно кој избрал и се труди да живее за Царството Небесно, да не ја сака и својата земска татковина, како и своите ближни, зашто тие се благословениот од Бога простор и опкружување, каде што Бог благововил да ги твориме делата на спасението. Впрочем, важно е сведоштвото на зборовите, но поважни се делата и жртвата. Па така, ќе оставам сработеното досега, што, секако, е плод не на нашата праведност, ами на Божјата благодат – самото да говори за нашата посветеност кон Татковината и кон нашиот верен народ.

Секако, во контекст на ова, неизоставно е да се спомне дека Црквата, живее и постои за да го изразува совршеното дело на љубовта, дефинирано во зборовите на апостолот: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса . Сите ние кои ја претставуваме полнотата на Црквата треба постојано да ја сведочиме смислата на кажаното со животот и делата, бранејќи го христијанскиот идентитет од секаква идеолошка, национална и политичка заробеност, што е појава особено истакната низ православната екумена во денешни дни, а која предизвикува огромна штета, очигледна во неколкуте последни актуелни случувања. Токму поделбите, по принципите или желбите од овој свет, се опасност за соборниот карактер на православната Црвка, и ова современо и опасно искушение, кое нѐ оддалечува од Христа и ја подрива соборноста на телото Христово, можеме да го победиме токму со љубовта и молитвата на Синот Божји, Кој бараше од Својот Отец Небесен сите да бидат едно во Него (сп. Јован 17,21).

За вистинскиот монах не е воопшто неприродно ниту туѓо да го последува подвигот на откажувањето, зашто тоа е основниот завет според кој монахот, бегајќи од светот, се откажува и од придобивките. Впрочем, како што велат древните отци подвижници, „светот, луѓето, предметите – сето тоа е добро. Стануваат лоши за нас кога ги гледаме острастено". Ете, сведок сум, во изминативе две и пол децении, моето братство и сестринствата немаат добиено никаков личен финансиски надомест за својата севкупна дејност, ниту земаат некаква државна или црковна плата, а исто така, не се ни социјално ни пензиско осигурени. Секако, ова важи и за мене, како дел од таа монашка заедница. А и во иднина, да не звучи нескромно, воопшто намерата не ми е таква, туку е искрена и во согласност со досегашната реалност на мојот живот и однесувањето – доколку како на викарен епископ би ми следувал некаков надоместок, истиот во целост ќе го распределам за потребите на братството и на неговата мисија.

Накрај би сакал уште еднаш да ви се заблагодарам на сите и да ги побарам вашите молитви, за да можам со непосрамен образ да го износам архијерејскиот крст, во слава на Триединиот Бог наш и за доброто на поверената ми паства. Нека апостолскиот благослов се спушти врз сите нас, како и врз целото општество, разбранувано од бројни искушенија, та по молитвите на Светите Апостоли, Христовата Црква да извојува победа над злите сили и да остане неповредено нејзиното свето предание, традициите и начинот на живот во неа. Што и да се случува денес во светот, ние, Христијаните, не смееме да дозволиме стравот да ја надвладее нашата љубов кон ближниот и силната вера во промислата Божја. Всушност, од што би се плашеле, доколку ги имаме постојано пред нас зборовите на денешниот славеник, великиот Апостол Павле, кој вели: вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!"

Мили мои, ви благодарам на вниманието и ве молам да ми простите за сите мои грешки!

 

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија