Отсекување на главата на свети Јован Крстител (11.09.2020 16:45)
На 11 септември 2020 година, кога Црквата го спомнува отсекувањето на главата на свети Јован Предвесник и Крстител, највеликиот меѓу пророците, во Бигорскиот манастир посветен во негова чест беше отслужена Архиерејска Света Литургија, со која чиноначалствуваше надлежниот Митрополит, г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во сослужение со Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Епископот Антаниски г. Партениј.
По повод сепразничното торжество, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се обрати на верниот народ со вдахновено слово за духовната големина на свети Јован Крстител.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме Свети Јован Крстител и Претеча на нашиот Господ Исус Христос. Поминаа веќе дваесет века откако овој Божји пратеник живеел и ја извршувал својата пророчка служба, подготвувајќи го еврејскиот народ за дочекување на Месијата и Спасителот на човечкиот род. Свети Јован се јавил како последен пророк и како врска помеѓу двата завета. Неговата проповед која силно одекнала во Палестина, во Јудеја и во Ерусалим, може да се сведе на неколку збора: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Матеј 3,2). Неговите зборови одекнувале како глас на оној што вика во пустината и допирале до многубројните жители на овие краишта. Не само силината на гласот, туку и моќта на неговите зборови го привлекувала тогашното жителство да излезе, да го чуе и да го види овој невообичаен проповедник. Неговата строгост и благодатта Божја која била врз него, како и светиот подвижнички живот на Јован, предизвикувале восхит кај народот, кој слушајќи го се поправал, каел и исправал, менувајќи го својот живот. Неговите слушатели, со покајание брзале да ги исполнат прописите на Мојсеевиот Закон.
Проповедта на Свети Јован кај тогашниот естаблишмент, како политички, така и верски, претставувала опасност и закана, бидејќи мноштво народ пошол по свети Јован и будно ги следел неговите совети. Така многумина силници се исплашиле за својата моќ и влијание. Дури мнозина и од нив пристапувале кон него и го прашувале што треба да прават. Но, најголемиот дел од нив, водени од својата гордост и суета, испраќале свои емисари за да го прашаат кој е тој – дали е Mесијата или пророк, за да им пренесат на оние што ги пратиле. Овој Божји угодник им одговарал дека тој е оној за кого уште пророкот Исаија рекол: „Гласот на оној кој вика во пустината, говори: Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог“ (Иса. 40,3).
Проповедта на свети Јован продирала длабоко во срцата и душите на луѓето кои го слушале, а тој, пак, со Божјата благодат која ја поседувал, ги читал мислите и желбите на луѓето. Затоа сите подеднакво ги прекорувал и ги советувал да се поправат. Фарисеите и книжниците, најстрого ги укорувал, именувајќи ги „породи змиини“, бидејќи иако го познавале Законот, самите го извршувале само надворешно и лицемерно. На цариниците им укажувал да не наплаќаат повеќе од потребното и наложеното од римскиот закон, на војската да постапува човечки, а не да го притиска невиното население. Во тој дух, скоро на сите им укажувал за слабостите, грешките и гревовите и барал нивно поправање и подготовка за дочекување на Синот Божји, Кој ќе ги крштева со Дух и вистина. За крштението кое го извршувал со вода, велел дека е само подготовка за вистинското крштение со Светиот Дух.
Исполнувајќи ја волјата Божја, свети Јован бил неустрашлив критичар на сите сталежи, па затоа не го поштедил ниту царот Ирод, кој на незаконит начин ја зел Иродијада – жената на неговиот брат Филип. Токму ова изобличување на гревот, го натерало царот Ирод да го замолчи, ставајќи го во затвор. Иако Иродијада барала да биде погубен и така да се спаси од јавното изобличување од страна на овој неустрашлив слуга Божји, Ирод во почетокот не презел толку радикални мерки. Тој имал извесна почит кон Јован како кон пророк Божји и се плашел да го убие. Но, при една свечена прослава по повод Иродовиот роденден, ќерката на Иродијада толку ги развеселила гостите, што поднапиениот Ирод и ветил дека ќе и даде сè што ќе посака, па дури и половина од неговото царство. Таа, поучена од мајка си, ја побарала главата на Свети Јован Крстител. На овој начин Претечата Божји го завршил својот земен живот. Токму овој е поводот по кој ние денес се собравме во овој Свештен Манастир.
Наоѓајќи се денес овде, да се подучиме од животот на Свети Јован. Да се сетиме на неговата цврста и непоколеблива вера, неговата правдољубивост и вистинољубивост, неговата недволичност, искреност и чесност. Овие принципи да ги усвоиме и во нашите животи, па постапувајќи и живеејќи така, да измолиме милост Божја. Да го поминеме животот христијански и богодолично. По молитвите на Свети Јован Претеча, Бог да ги услиши нашите молби, за да добиеме милост и благодат од Севишниот. Да се надеваме дека на овој начин ќе се најдеме на десната страна при страшниот и праведен суд и ќе се вселиме во вечното царство.
Амин.
Извор: Бигорски манастир